За прв пат откако обвинителството ја стави на листата на осомничени во случајот Адитив, претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска се огласи со писмо до јавноста во кое порача дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен, но воопшто не ја спомена можноста за оставка и покрај повиците во јавноста. Тврди дека имала комуникација со семеен пријател кој подоцна станал обвиниет, но и дека таа ја прекинала комуникацијата во декември 2024 кога тој станал обвинет во случајот.
-Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно.- Татјана Димитровска – Осомничена во случај Адитив
Во случајот Адитив, кој се однесува на криминал во државната ЕСМ тежок 6,5 милиони евра, Димитровска е осомничена за оддавање службена тајна на обвинет, според информациите на екс директорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Според Обивнителството Димитровска преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите во „Адитив“, но и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство.
-Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице. Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите, наведува Димитровска во писмото во кое додава и дека целосно ќе соработува со надлежните органи и очекува брза и транспарентна разрешница на случајот.
Порача да се почитуваат принципот на пресумпција на невиност н владеење на правото, но и дека останатите шест члена на ДКСК немаат поврзаност со делото за кое таа се сомничи. Повиците за оставка на Димитриевска, нејзините колеги во комисијата не ја коментираат. Во однос на прозивките за оставки и на членовите во интервју за Призма, заменик-претседателката Билјана Каракашова-Шулев, вели дека не се чувствуваат повикани да дадат оставки за постапки што се водат за индивидуална одговорност.