Димитриевски од Тетово: Големите се плашат од голем ЗНАМ, затоа што политиката на нови луѓе станува реалност - Канал 5

Димитриевски од Тетово: Големите се плашат од голем ЗНАМ, затоа што политиката на нови луѓе станува реалност

„ЗНАМ влезе во власта со јасна цел, да биде реформатор, но и коректор кога е потребно. 

Димитриевски од Тетово: Големите се плашат од голем ЗНАМ, затоа што политиката на нови луѓе станува реалност

„ЗНАМ влезе во власта со јасна цел, да биде реформатор, но и коректор кога е потребно. Нашата одговорност е да работиме за државните и националните интереси, а секогаш кога ќе сметаме дека некои процеси не се движат во вистинска насока, гласно ќе ги браниме принципите на кои стоиме“ порача претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, на панел-дискусијата во рамки на караванот под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, која се одржа во Тетово.

Во своето обраќање Димитриевски нагласи дека ЗНАМ на политичката сцена влезе со јасна определба да биде носител на промени и да придонесе кон создавање држава со ред, систем и еднакви можности за сите граѓани.

„Не влеговме во политиката за да бидеме продолжена рака на некого, туку за да изградиме политички субјект кој ќе се бори за држава со ред, систем и одговорност. Европска Македонија е Македонија во која граѓаните имаат доверба во институциите, младите гледаат иднина дома, а одлуките се носат според принципи, а не според интереси. ЗНАМ не е проект на еден човек, туку движење на луѓе кои веруваат дека Македонија може и мора да биде подобра држава“ истакна Димитриевски.

Тој порача дека учеството на ЗНАМ во власта е водено од одговорноста да се спроведуваат реформи, но и да се укажува секогаш кога е потребно, со цел заштита на државните интереси и принципите на кои почива движењето.

Во рамките на панел-дискусијата, генералниот секретар на Движењето ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, ги претстави реформските процеси во јавната администрација и досегашните активности за изградба на професионални и функционални институции, додека потпретседателот на Движењето ЗНАМ и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, се осврна на мерките за поддршка на земјоделците, развојот на домашното производство и рамномерниот регионален развој како основа за посилна и поконкурентна македонска економија.

Димитриевски нагласи дека иднината на Македонија зависи од создавање систем во кој квалитетот, интегритетот и посветеноста ќе бидат поважни од партиската припадност.

„На големите не им одговара еден ден да видат голем ЗНАМ, но јас сум убеден дека тој процес ќе се случи. Нашата сила е во луѓето кои веруваат во идејата, во луѓето со интегритет и карактер и во политиката која дава еднаква можност за секој човек. Македонија може да оди напред само ако создадеме систем во кој знаењето, трудот и чесноста ќе бидат поважни од партиската припадност“ порача Димитриевски.

Од Тетово беше испратена порака дека Движењето ЗНАМ останува посветено на својата визија, европска Македонија со силни институции, развиена економија и достоинствени граѓани, држава која напредува преку работа, одговорност и резултати, без откажување од националните интереси и достоинството.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шеј Гилџес-Александер: „Јас сум најдобар во светот“

Актуелниот МВП во НБА, Шеј Гилџес-Александер, смета дека е најдобриот кошаркар во светот.

Шеј Гилџес-Александер:  „Јас сум најдобар во светот“

Предводникот на Оклахома се стави себе си пред центрите Јокиќ и Вембањама: „Јас сум најдобар во светот“ .

Оклахома Сити Тандер го имаат одличниот канадски плејмејкер Шеј Гилџес-Александер, кој е двократен добитник на наградата МВП. Во разговор со новинарите на списанието „Тајм“, за време на едно интервју, тој изјави дека смета оти е најдобриот кошаркар на планетата.

Тој самоуверено изјави дека е најефикасниот играч и нагласи дека неговиот тим има фантастичен сооднос на победи и порази во последните неколку години.

„Мислам дека сум најдобриот играч во НБА. Сè што прикажувам секоја вечер е најдоброто што еден НБА-играч може да го понуди. Сметав дека сум најефикасниот НБА-кошаркар. А и многу придонесов за тимот да победува“, вели Шеј. Често го обвинуваат за „флопинг“ (симулирање контакт) и му велат дека „живее“ на линијата за слободни фрлања, на што тој одговара: „Кошарката ми донесе многу убави работи, и мене и на моето семејство. Ако наративот на социјалните мрежи е таков што го извлекува најлошото од мене, а се работи за слободни фрлања... тогаш би го прифатил тоа милион пати“, додаде Гилџес-Александер.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пит Хегсет: „Ќе се погрижиме луѓето да гледаат – тој ќе биде стрелан“

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека погубувањето на Нидал Хасан, осуден за убиство на 13 лица во воената база Форт Худ во 2009 година, ќе биде јавно, со што тоа ќе стане првото погубување со стрелачки вод во американската војска.

 Пит Хегсет: „Ќе се погрижиме луѓето да гледаат – тој ќе биде стрелан“

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека погубувањето на Нидал Хасан, осуден за убиство на 13 лица во воената база Форт Худ во 2009 година, ќе биде јавно, со што тоа ќе стане првото погубување со стрелачки вод во американската војска по неколку децении.

„Ќе се погрижиме луѓето да можат да го гледаат тоа, да биде јавно, бидејќи луѓето треба да разберат дека постојат сериозни последици за вакви работи“, изјави Хегсет во интервју со конзервативниот подкастер Џек Пособик, на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“.

Сепак, Хегсет не изнесе детали за тоа како јавноста би можела да го следи извршувањето на смртната казна, пренесува Си-ен-ен. Пентагон во понеделникот објави дека Хасан ќе биде погубен од вод за стрелање, врз основа на препораката на Хегсет, која беше одобрена од американскиот претседател Доналд Трамп.

Вршителот на должноста секретар на Армијата на САД, Адам Тел, го закажа извршувањето на казната за 3 декември во 14:00 часот по локално време (односно во 20:00 часот по средноевропско време), во базата „Форт Худ“ во Тексас.

Хегсет изјави дека погубувањето ќе се изврши во четврток, во време што соодветствува со моментот кога Хасан го извршил нападот, и дека во стрелачкиот вод ќе бидат вклучени војници вооружени со пушки.

Во јули 2013 година, Хасан беше прогласен за виновен по 13 точки од обвинението за убиство со умисла и по 32 точки за обид за убиство.

За време на судењето, тој изјави дека како цели ги одбрал војниците што требало да бидат испратени во Авганистан, тврдејќи дека тие ќе учествуваат во, според него, нелегална војна.

Во 2009 година, тој отворил оган во медицинскиот центар во Форт Худ, каде што војниците се подготвувале за заминување во мисија и вршеле медицински прегледи.

Откако војниците почнале да бегаат, Хасан ги следел до задниот излез на зградата, каде што дошло до размена на оган со полицијата. Во таа прилика, Хасан бил ранет. Егзекуцијата со стрелачки вод би била прва таква егзекуција спроведена од американската војска по Втората светска војна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МЗ: Ставен во функција еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија – Скопје

Министерството за здравство информира дека почнувајќи од денес е ставен во функција еден од компјутерските томографи на  Универзитетскиот институт за радиологија – Скопје и е достапен за извршување дијагностички прегледи.

МЗ: Ставен во функција еден од компјутерските томографи на  Универзитетскиот институт за радиологија – Скопје

Со цел навремено обезбедување на здравствените услуги, Институтот започна со организирано повикување и закажување нови термини за сите пациенти чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба.

За таа цел, организирана е работа во две смени, како и дополнителна работа во текот на претстојниот викенд, со цел во најкраток рок да се реализираат прегледите, согласно расположливите капацитети и утврдените медицински приоритети.

Во однос на компјутерскиот томограф, лоциран во хируршкиот комплекс и наменет првенствено за дијагностичка обработка на итни пациенти, сервисната постапка се уште е во тек и се очекува да заврши во најскоро време. Постапувањето со итните пациенти продолжува согласно воспоставената меѓуинституционална координација и организација за обезбедување континуитет на неопходните дијагностички услуги, односно итните пациенти се згрижуваат во ГОБ „8 Септември“ и Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Апелираме во јавноста да не се изнесуваат непроверени информации, со цел да не се нарушува довербата во здравствениот систем.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер