ДИК: Излезноста до 17 часот, 38,23 проценти

Излезноста во вториот круг од претседателските избори до 17 часот изнесува 38,23 отсто, соопшти Државната комисија попладнево. 

Излезноста на вториот круг од претседателските избори до 17:00 часот изнесува 38,23 проценти. Гласањето се одвива тековно и нема пријавено нерегуларности на гласачките места, информира на денешната прес-конференција директорот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.

Посочи дека од вкупно обработени 95,53 проценти од податоците од избирачките места досега гласале 665.985 гласачи или 38,23 проценти. Доколку се обработени сите податоци се стасува до бројка од 670 до 689 илјади гласачи.

– Досега изборниот ден поминува без посериозни нарушувања, не се пријавени никакви нерегуларности на гласачките места, што е важно за нас како државна изборна комисија и се надевам дека и така ќе заврши гласањето и ќе имаме констатација дека изборниот ден поминал мирно, рече Дерковски.

Потенцираше дека очигледно е дека ќе биде надмината потребниот цензус за успешност на вториот круг на претседателските избори, со оглед на тоа дека ова се податоци до 17 часот, јасно е дека се потребни уште неколку проценти за да се надмине цензусот.

Од општините со поголема излезност се Крива Паланка со 61,20 отсто, Аеродром – 45,49, Битола – 45,56, Богданци – 49,08, Валандово 51,66, Велес – 51.76, Градско 53,52, Делчево 50,55, Демир Капија 60,2, Кочани 45,04, Карбинци – 52, Крива Паланка -61,28, Крушево – 59,68 и Прилеп 53,16..

Најниска е излезеноста во Боговиње со 14,04 отсто, Вратница – 15,83, Гостивар – 19,59, Липково – 19,94, Маврово и Ростуше – 24,35, Арачиново – 26,18.

Во општините каде се гласа за градоначлалник до 17 часот во Ново Село гласале 4.987 лица или 43,83 отсто, а во Охрид 47,02 отсто или 24.576 граѓани.

Комисијата на ДИК одлучувала по два приговори, кои се однесувале за неостварено избирачко право. Двата приговора се одбиени, затоа што, лицата своите лични документи за идентификација ги извадиле откако е затворен единствениот избирачки список.

Одговарајќи на новинарски прашања за наводни неправилности во Шуто Оризари, каде претставник на политичка партија организирал превоз на гласачи и агитирал, како и дека од службен телефон од Општина Тетово се испраќани пораки до вработени да излезат на гласање, претседателот на ДИК, укажа дека за таквите наводи треба да има докази и да се достават до ДИК, која ќе постапи по службен пат.

Следната прес-конференција на ДИК е закажана за 19 часот.

Индонезија трајно ќе пресели 10.000 луѓе по серијата ерупции на вулканот Руанг

Индонезиската Влада трајно ќе ги пресели сите жители на островот Руанг, откако серијата ерупции на истоимениот вулкан предизвикаа загриженост поради опасноста од престој во иднина на истоимениот остров.

Индонезиската Влада трајно ќе ги пресели сите жители на островот Руанг, откако серијата ерупции на истоимениот вулкан предизвикаа загриженост поради опасноста од престој во иднина на истоимениот остров, соопшти денеска министерот за координација на хуманиот развој, Мухаџир Ефенди.

Околу 9.800 луѓе живеат на островот Руанг, во провинцијата Северен Сулавеси, но сите беа принудени да се евакуираат во последните неколку недели поради серија ерупции.

Властите ја подигнаа тревогата на највисоко ниво оваа недела, затворајќи го провинцискиот аеродром во Манадо и предупредувајќи за можно цунами доколку делови од планината се урнат во околните води.

Големи антивладини протести во Братислава, Словаците против планот на Фицо (ВИДЕО)

Во словачкиот главен град Братислава се собраа неколку десетици илјади граѓани да протестираат против намерата на владата на премиерот Роберт Фицо да го реформира јавниот радиодифузен сервис РТВС.

Како што пренесува „Еуроњуз“, опозицијата стравува дека властите ќе го напуштат прозападниот курс и ќе тргнат по стапките на автократот Виктор Орбан, премиер на соседна Унгарија.

Демонстрантите во Братислава веруваат дека целта на владата е да преземе целосна контрола врз јавниот медиумски сервис (телевизија и радио). Коалициската влада на популистот Роберт Фицо одлуката за реформа на јавниот медиумски сервис ја донесе на 24 април, а одлуката на парламентот каде владата го има потребното мнозинство, се очекува во јуни.

Овој план беше жестоко критикуван од словачката претседателка Зузана Чапутова, како и од новинарите, опозицијата, меѓународните медиумски организации и Европската комисија. Планот предвидува РТВС да биде заменет со нова медиумска организација.

„Демократијата во Словачка мора да има силен и независен јавен радиодифузер, РТВС, а на вработените во овој дом им треба вашата поддршка“, рече Михаел Шимечка, лидер на опозициската партија Прогресивна Словачка, на митингот што се одржа на Плоштадот на слободата во Братислава.

Планот за реформа на јавниот сервис го претстави Мартина Шимиковичова, министерка за култура која ја претставува Националната партија, ултра-националистичка членка на владејачката коалиција. Таа е позната по тоа што работи за интернет ТВ станица која шири дезинформации.

Таа тврди дека јавниот сервис им дава простор само на „мејнстрим вестите“ и ги цензурира останатите. Според планот, новиот радиодифузер Словачка телевизија и радио (СТВР) ќе има директор кој би избирал совет од девет члена назначени од парламентот во Министерството за култура.

Смер, партијата на Роберт Фицо, освои најмногу гласови на изборите во септември минатата година меѓу проруските и антиамериканските ставови.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Полицијата денеска упадна во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растера пропалестинските активисти кои протестираа против израелската офанзива во Газа.

Претходно денеска група од околу 70 студенти ја окупираа зградата на Институтот за политички науки во центарот на Париз, по неуспешните преговори меѓу студентите и администрацијата за врските на Универзитетот со Израел, јави France24.

Од кабинетот на францускиот премиер по тој повод соопштија дека одговорот на владата е силен и ќе биде во целост таков.

„Наредивме систематска реакција и интервенција на органите на прогонот за слободен пристап до универзитетите штом ќе се воспостават блокади или собири“, изјавија од кабинетот на премиерот за ТВ БФМ.

Француските медиуми објавија дека на вработените во Универзитетот денеска им било кажано да работат од дома, бидејќи универзитетските згради биле затворени.

Директорот на Институтот за политички науки вчера ги отфрли барањата на студентите за преиспитување на врските на Универзитетот со Тел Авив.

Студентите на неколку француски универзитети ги блокираа или окупираа нивните факултети по митинзите организирани на кампусите низ САД против конфликтот во Газа.

притисни ентер