Дезинфекција на јавните површини во Охрид по продолжениот викенд

Согласно препораките на Кризниот штаб за справување со епидемијата на коронавирусот екипи на Јавното претпријатие „Охридски комуналец" уште рано изутрина извршија дезинфекција на главните улици, шеталишта и јавни површини низ Охрид.

Со специјални пумпи, прскалки и дезинфекциско средство беа третирани јавните површини каде има најмногу пешаци, најфреквентните улици, како и станбени комплекси.

Одлуката за дезинфекција на јавните површини беше донесена од Општинскиот кризен штаб уште пред почетокот на продолжениот викенд кога во градот од другите градови каде имаше целосен полициски час пристигнаа повеќе илјади граѓани.

Засилените контроли спроведени од Државната пазарна комисија покажаа дека во најголем дел тие беа сместени во сопствени станови и вили, но и неколку случаи затекнати гости во регистрирани сместувачки капацитети, чии сопственици заради тоа заработија кривични пријави.

Од Кризниот штаб на Охрид беше најавено дека ќе продолжат со активностите на терен за дезинфекција на јавните површини, но беше донесена и одлука за зголемување на подготвеноста на капацитети на здравствениот систем во Охрид, при евентуален поголем прилив на заразени од „Ковид 19", доколку бидат исполнети капацитети на Инфективната клиника во Битола и болничките капацитети во Скопје.

Изминатата седмица на територијата на Општина Охрид дијагностицирани се девет случаи на Ковид 19. Според податоците на Центарот за јавно здравје, во Охрид има двајца пациенти на домашно лекување и три хоспитализирани лица.

Лагумџија: Конечниот предлог за Резолуцијата за Сребреница испратен до ОН

 Амбасадорот на БиХ во ОН Златко Лагумџија изјави дека „по неколку рунди инклузивни консултации, конечната нацрт-резолуција“ за Сребреница била испратена до претседателот на Генералното собрание на ОН и до сите постојани мисии во ОН.

„По неколку рунди инклузивни консултации, конечниот предлог на Резолуцијата „Меѓународен ден на размислување и комеморација на геноцидот во Сребреница 1995 година“, од страна на „преку-регионалната основна група“, отиде до претседателот на Генералното собрание на ОН и сите постојани мисии во ОН“, напиша Лагумџија синоќа на мрежата Икс./МИА

Прогласен жолт метео аларм за невреме во Белгија

Белгискиот Кралски метеоролошки институт (ИРМ) прогласи жолт метео аларм за невреме во источниот дел на Белгија, проследено со поројни врнежи од дожд и грмежи и со ризик за појава на град на одредени места. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, жолтиот метео аларм стапува во сила денеска во 14 часот и ќе трае до 2 часот по полноќ.

ИРМ информира дека се очекува на места да наврнат над 20 милиметри воден талог дожд за еден час, додавајќи дека во случај на пообилни врнежи можно е метео алармот да се подигне на портокалово ниво, пред се во најисточните делови на Белгија во близина на границата со Германија. /МИА

Во рамки на акцијата „Темпули“ полицијата во Тирана уапси 20 лица

Полицијата заплени кокаин, хероин и канабис.

Во рамки на третата фаза од голема полициска акција „Храм“ (Темпули) полицијата во Тирана разбила група која дистрибуирала канабис, хероин и кокаин, во различни области на Тирана, во близина на училишта, како и во ноќни клубови.

-Акцијата следуваше по четиримесечна истрага, со посебни методи од страна на стручни лица за истраги за наркотици при локалната полициска управа во Тирана, под раководство на Обвинителството при Основниот суд на општата надлежност на Тирана. Обезбедени се правни докази за документирање кривични предмети на 35 граѓани, изјави Тонин Воцај, директор на полициската управа на Тирана.

Воцај додаде дека се уапсени 20 лица а по 10 други се трага, запленети се 3,5 килограми кокаин, 50 дози хероин, 100 дози канабис, 27 мобилни телефони и 5 автомобили.

Во рамки на првата и втората фаза од акцијата „Храм“, чија цел е сузбивање на дистрибуцијата на дрога пред училишта и угостителски објекти, уапсени се повеќе од 200 лица. /МИА

притисни ентер