Девојката која не постои, ја објави својата прва песна - Канал 5

Девојката која не постои, ја објави својата прва песна

Виртуелниот ентитет Ана Индијана на својот простор на социјалната мрежа „X“ ја објави својата прва песна. Видеото трае 3,5 минути.

Девојката која не постои, ја објави својата прва песна

Инаку, иницијалите на оваа „девојка“ - АИ, го означуваат нејзиното потекло: и Ана и нејзината музика се целосно производ на вештачката интелигенција, којашто и натаму предизвикува загриженост во полето на уметноста. ВИ-уметницата во описот на своето музичко дело објаснува:

„Здраво свету! Јас сум Ана Индијана и сум пејачка и текстописец со ВИ. Еве ја мојата прва песна 'Betrayed by this Town'. Сè во неа - тон, темпо, акорди, ноти, мелодија, ритам, текст, мојата слика и пеењето се автоматски генерирани од ВИ. Се надевам, ќе ви се допадне“.

Песната е поп-балада, а стиховите се за тоа како девојки седат во кафуле, пијат чај и разговарат за мажите кои ги предале. Но, луѓето засега не се многу воодушевени од песната, како ниту од идејата да се користи ВИ наместо човечка креативност во уметноста.

„Убава демонстрација за тоа како би звучела музиката доколку се отстранат сета креативност и страст. Сигурен сум дека мојата микробранова печка ќе го слуша ова“; „Никој во светот не ја сака оваа технологија. Користете ВИ за да си ја олесните работата, а не да ги уништувате работите во коишто уживаме“; „Ова е ѓубре“ - гласат дел од критиките.

И музичарот Џејмс Блејк се надоврза со подбивен коментар: „Ова ме доведе до солзи. Многу сум возбуден за иднината“...

Не е јасно кој стои зад создавањето на овој ВИ-ентитет, но има и позитивни видувања. „Колку кусогледи коментари. 'Чет-ГПТ' се појави само пред една година. Вратете се овде една година назад“, додаде некој.

Собранието ќе одржи продолжение на 53. седница

- Собранието денеска треба да одржи продолжение на 53 седница со расправа по неколку предлог закони, меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка. 

Собранието ќе одржи продолжение на 53. седница

Во преостанатите точки на дневен ред на седницата се Предлог на законот за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани и на членовите на нивните семејства, во прво читање, предложен од пратеници од СДСМ, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за шумите, прво читање, Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2026 - 2030 година.

На продлжението на 53. седница пратениците треба да дебатираат и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, и Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, второ читање.

Заедничка изјава на Г7: Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје

Лидерите на седум водечки демократски економии во светот, собрани на самит во Канада под покровителство на групата Г7, дадоа заедничка изјава за медиумите по состанокот.

Заедничка изјава на Г7: Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток во последните неколку дена, конфликтот меѓу Израел и Иран, беше главна тема на дискусија, а во оваа прилика членовите на групата Г7 изјавија дека „ја повторуваат својата поддршка за безбедноста на Израел“ и дека се „доследни во својот став дека Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје“.

Исто така, членовите на групата Г7 повикуваат на решение за иранската криза, што би довело до целосно деескалирање на непријателствата на Блискиот Исток, вклучително и прекин на огнот во Појасот Газа. Пред сè, се нагласува заштитата на цивилите во сите области. Американски функционер, пак, денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп нема да го потпише нацрт-документот на Г7 со кој се повикува на деескалација меѓу Израел и Иран.

Темата за Блискиот Исток главно ги обедини лидерите на седумте земји на самитот во Канада, но некои други теми сепак донесоа спротивставени мисли, од руската агресија во Украина до „царинската војна“. Во исто време, Трамп беше претежно сам на своја страна, кој во исто време го напушти самитот порано од најавено.

Сè од Белата куќа беше објаснето со фактот дека тој итно мораше да оди во Вашингтон за дополнително да се посвети на проблемите на Блискиот Исток.

Порано на самитот, Трамп изјави дека исклучувањето на Русија од оваа група е голема грешка и дека смета дека војната во Украина немаше да се случи денес ако Русија сè уште беше во оваа група земји и ја сочинуваше групата Г8, која траеше од 2002 до 2014 година.

По исклучувањето на Русија, групата Г7 ја сочинуваат САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија.

Седум години од потпишувањето на Договорот од Преспа

 На 17 јуни 2018 година, пред точно седум години, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји,

Седум години од потпишувањето на Договорот од Преспа

Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија, Грција призна македонски јазик и македонска националност, земјата стана членка на НАТО, а се интензивираше и билатералната соработка со Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот беше постигнат во период кога кај јужниот сосед на власт беше СИРИЗА, кај нас СДСМ и го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република С. Македонија, државјанството е македонско/државјанин на Република С. Македонија, а јазикот македонски.

Земјата стана 30-та членка на НАТО и иако името континуирано со години со споменуваше како пречка за ЕУ перспективата на земја, сепак не го отвори целосно патот кон Европската Унија.

Со Грција, седум години подоцна и покрај промената на власта и во двете земји, билатералните односи се на добро ниво.

На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, се до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.

Нешто повеќе од три месеци по потпишувањето на договорот, односно на 30 септември 2018 година, македонските граѓани беа повикани на раферендум да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Излезноста на референдумот беше мала, гласаа само 36,91 отсто од гласачите, од нив 91,47 проценти беа „за“, а 5,64 отсто „против“.

Согласно конечните резултати од гласањето одлуката на референдумот не беше усвоена, бидејќи не гласаа повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список.

Во Грција, иако една година по потпишувањето, се смени власта, сепак, Договорот се почитува, во изминатите години беше интензивирана соработката меѓу двете земји, во низа области како што се економијата, енергетиката итн, а Атина е силен поддржувач на европската перспектива на сите земји од регионот, меѓу кои и нашата.

Ставот на Владата на Нова демократија е дека и покрај тоа што како опозиција не го поддржаа Договорот, сметајќи дека е штетен за националните интереси, како Влада има обврска да го почитува, бидејќи станува збор за меѓународен договор што ја обврзува секоја Влада во рамките на континуитетот на државата.

Ланската промена на власт кај нас, го актуализираше Договорот од Преспа, со пораки од Атина до Скопје дека мора да се почитува, но една година подоцна задржана е билатералната комуникација, на ниво на средби меѓу министри од владите од двете земји.

Што е имплементирано од Договорот?

И додека нашата исполни голем дел, а можеби и сите обврски од Договорот од Преспа, во однос на имплементацијата, како што се промената на уставното име и Уставот, менување на пасошите, регистарските таблици, менување на имињата на Министерствата и институциите и слично, од грчка страна, како што неколку пати во минатото има пишувано МИА, постојат одредени доцнења што се однесуваат на спроведувањето на договореното.

Трите меморандуми за соработка потпишани во 2019 година, а за првпат доставени во грчкиот Парламент на средината на септември 2020 година, сè уште не се ратификувани и покрај тоа што опозициската СИРИЗА, лани ги достави по втор пат, а дополнително, не е одржан вториот Совет на високо ниво.

Согласно Договорот од Преспа, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата“.

Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, додека пак на втората домаќин треба да биде Грција.

Решението на спорот со името целосно ги нормализираше билатералните политички односи кои влегоа во нормален тек, со редовна и активна меѓусебна комуникација, со средби и посети, а резултираше и со прва официјална посета во Грција на претседател на Северна Македонија, како и прва официјална посета на грчки премиер на земјава.

Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот шеф на државата кој ја посети Грција и со високи почести беше пречекан во Атина, додека пак помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје и се одржа првиот Совет за соработка на високо ниво кој го сочинуваат претставници на двете влади, заеднички предводен од премиерите.

Меѓутоа, актуелниот грчки премиер сè уште не бил во официјална, работна или неформална посета на Скопје, ниту пак беше договорена возвратната посета на поранешната претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, иако доби официјална покана од тогашниот нејзин македонски колега.

Актуелните премиери на двете земји, Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис, за сега немаат одржано билатерална средба, а идентична е ситуацијата и на претседателско ниво.

Во нашата земја од лани, а кај јужниот сосед во февруари годинава беа избрани нови шефови на државата.

притисни ентер