Девет пожари на отворено низ државава изминатото деноноќие

 Девет пожари на отворено и неколку помали интервенции се евидентирани изминатото деноноќие ширум државава, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Запалена била ниска вегетација кај село Љубетен, општина Бутел. Горела ниска вегетација и покрај автопатот Скопје - Тетово, општина Сарај. Кај село Конче, општина Радовиш, гореле депонија, стрништа и грмушки. Во општина Струмица, кај село Доброшинци, се интервенирало на запалена ниска вегетација. Во општина Кавадарци, кај месноста „Танкото Патче“, пожарникари гаснеле опожарена ниска вегетација. Во општина Свети Николе, до градот, имало пожар на депонија и на мал дел ниска вегетација. Во општина Пробиштип, кај селото Ратавица, се интервенирало на опожарени земјоделска површина под житна култура, нискостеблести растенија и ниска вегетација. Во општина Пробиштип, кај селото Дреново, запалени биле нискостеблести растенија, ниска вегетација, лозје.

Како што информираше ЦУК, регистрирани биле 2.388 повици на 112 изминатите 24 часа.

Од нив, како реални биле категоризирани 60,55 отсто, а 39,45 проценти за други потреби на граѓаните. Кон полицијата биле упатени 47,84 отсто, кон Итната медицинска помош - 18,40 проценти, кон пожарникарите - 4,55 отсто, а кон АМСМ - 0,22 проценти.

По синоќешното невреме во скопскиот, кумановскиот и во тетовскиот регион, на бројот за итни случаи биле пријавени, а сѐ уште и се пријавувале, поплавени површини, дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, автомобили и слично.

Вил Смит објави нова песна: Музиката ме подигна

Вил Смит објави нова песна наречена „You can make it“. Познатиот актер и рапер песната ќе ја изведе во живо на 30 јуни на доделувањето на наградите „BET“.

Вил направи пауза од својата музичка кариера откако ја објави песната „Get Lit“ во 2017 година. Пред тоа тој исто така имаше пауза од речиси 12 години по студискиот албум „Lost and Found“ објавен во 2005 година.

Смит на својот Инстаграм профил сподели видео како свири дел од својата нова песна на пијано. „За време на некои од најтемните моменти, музиката беше покрај мене - да ме подигне и да ми помогне да пораснам. Моја скромна желба е музиката да го направи истото за вас и да ви ја донесе сета радост и светлина што ја заслужувате“, напиша тој во описот на видеото.

Сирија: Терористичката група „Исламска држава“ убила над 4000 луѓе од поразот во 2019 година

 Џихадистите од терористичката група Исламска држава (ИД) убиле околу 4100 луѓе во Сирија откако го загубија своето последно упориште во земјата во 2019 година, соопшти денеска Сириската опсерваторија за мониторинг на човекови права (СОЧП).

ИД презеде контрола над делови од Сирија и Ирак во 2014 година, прогласувајќи калифат и наметнувајќи режим на терор пред да биде поразена во 2019 година од меѓународната коалиција предводена од САД и курдските сили.

По територијалниот пораз, џихадистите се повлекоа во огромната сириска пустина и продолжуваат со смртоносни напади, главно насочени кон армијата и силите доминирани од Курдите.

Од 2019 година, борците на ИД убиле околу 4100 луѓе во повеќе од 2550 операции во областите под контрола на режимот или под контрола на полуавтономната курдска управа, соопшти Опсерваторијата.

Повеќето од жртвите се војници, но бројот на жртви, исто така, вклучува 627 цивили, наведува СОЧП, чија седиште е во Обединетото Кралство, но има широка мрежа на извори низ Сирија.

Едвај поминува ден без напад, заседа, целна операција или изненаден напад од џихадистите во регионот, истакнува организацијата додека режимските сили и групите што ги поддржуваат редовно спроведуваат безбедносни операции во пустината, со поддршка на руските воени авиони.

ИД претрпе тешки загуби со повеќе од 2000 убиени џихадисти, вклучувајќи водечки функционери, наведува СОЧП.

Извештајот на Обединетите нации објавен во јануари проценува дека бројот на борци на ИД во Ирак и Сирија се движи од 3000 до 5000.

Во граѓанската војна во Сирија, која избувна во 2011 година по бруталната репресија на владата врз продемократските демонстрации, загинаа над половина милион луѓе, што ја подели земјата./МИА

Алкараз: Подготвен сум да ги „врзам“ Ролан Гарос и Вимблдон

Вимблдон е во тек, а во центарот на вниманието сега е актуелниот шампион и победник на Ролан Гарос, Карлос Алкараз. Шпанецот истакнува дека е подготвен да ја одбрани титулата.

- Во моментов, не се чувствувам особено посебно. Иако, овде се ми е посебно, бидејќи минатата година имав две одлични недели. Но, јас само сакам да гледам на ова како на секој турнир. Се чувствувам одлично, имав многу денови да се адаптирам, да тренирам. Се чувствувам многу порелаксирано кога се движам и играм на трева, изјави Алкарас.

Шпанецот доаѓа со „ореолот“ на освојување на Ролан Гарос и има шанса да го направи она што не го направија многу луѓе во отворената ера - да ги освои Ролан Гарос и Вимблдон во истата година. Ова го постигнаа Бјорн Борг три пати, Рафаел Надал двапати и Род Лејвер, Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ по еднаш.

- Само да се освои Гренд слем е тешко. Сè е уште потешко кога за краток временски период се префрлате од земја на трева. Но, да речеме дека ќе се обидам да го направам тоа. Сакам да се приклучам на листата на малиот број луѓе кои го направиле ова. Знам дека ќе биде многу тешко, многу предизвикувачки. Но, мислам дека сум подготвен за тоа, порача Шпанецот.

Тој призна дека гледа видеа од поранешните шампиони, но потенцира дека нема ништо да промени во својата игра.

-Сè уште гледам снимки од Роџер, Енди (Мареј), Рафа, како и Новак. Сега ги гледам моите снимки за да видам како го направив тоа, заврши Алкараз. /МИА

притисни ентер