Десетина компании развиваат вакцини против ковид во форма на назален спреј

Најмалку девет лаборатории и компании во светот во моментов развиваат вакцини против ковид, кои се даваат во форма на спрејови за нос, наместо инјекции, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација.

Покрај тоа што се помалку непријатни од боцкањето со игла, овие вакцини би можеле да бидат поефикасни од инјекциите во запирање на коронавирусот онаму каде прво влегува во телото, а со спречувањето вирусот да се размножува во нашиот нос и грло, назалните вакцини би можеле да бидат подобри во спречувањето на трансмисијата на вирусот од човек на човек, јавува Гласо на Америка. Ова е особено важно со оглед на ширењето на варијантата омикрон.

Повеќето од овие вакцини се во рана или средна фаза на тестирање, така што не е јасно кога и дали ќе се стават во употреба.

Голем дел експерти посочуваат дека назалните вакцини би можеле да бидат одлична засилувачка доза.

„Недела неработен ден“ пред Уставен, ССМ се заканува со штрајкови

Сојузот на синдикатите се заканува со штрајкови и протести, доколку на Уставен падне Законот за недела неработен ден.

Претседателството на ССМ одржало вонреден состанок по информацијата дека Стопанската комора на Македонија ги оспорила измените на Законот, со образоложение дека тие се спротивни на слободата и пазарот на претприемништво.

Од Стопанската комора бараат сопственикот на компанијата да има право сам да одлучува дали фирмата ќе работи или не, а од друга страна да се зголемат инспекциските контроли во однос на контролата за плаќање на зголемените дневници за работа во недела. Нема информација кога Уставниот суд ќе одлучува за иницијативата..

Рот:Бугарија да ги спроведе пресудите на ЕСЧП и да признае македонско малцинство

Средбата мегу Ковачевски и Петков ја поздрави и поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во германскиот Бундестаг Михаил Рот.

Тој на неговиот официјален Твитер профил напиша дека Бугарија конечно треба да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и „да признае македонското малцинство во Бугарија“.

Во ЕУ ниту една земја не смее да одлучува за јазикот и културата на друга земја“, напиша Рот на Твитер.

УНИЦЕФ: Одложувањето на учебната година треба да биде мерка од привремен карактер

Затворањето на училиштата за физичко присуство мора да биде последна мерка, изјави претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ДиЏовани.

„Додека земјата минува низ уште еден бран на инфекции со КОВИД-19, сè почесто предизвикан од сојот Омикрон, најдобриот интерес на детето мора да има централно место при секое одлучување дали училиштата да останат отворени. Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде мерка од привремен карактер и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците.

„Знаеме дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и се чини дека физичкото присуство на настава во училиште не е главниот двигател на ширење на инфекцијата. За последниот месец од наставата во 2021 година податоците покажуваат многу ниска стапка на заразување со само 0,01% нови случаи дневно кај учениците и 0,03% кај наставниците. За споредба, во двете недели кога училиштата беа затворени за зимски распуст, бројот на новозаразени случаи кај сите возрасни групи се зголеми за четири пати, од приближно 2.600 на 11.000 потврдени позитивни случаи. Овие сознанија треба да ги искористиме за да направиме сè што можеме да ги одржиме училиштата отворени и децата безбедно да следат настава во училниците.

„И претходно се случуваше во земјава да се одложува почетокот на учебната година поради лошите временски услови, но сега ситуацијата се промени. Претходните одложувања на почетокот на учебната година беа ретки и изгубеното време за учење беше компензирано. Сегашната ситуација се влошува со долги периоди на затворање на училиштата поради пандемијата.

„Уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата. Пред пандемијата на КОВИД-19 Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето при што повеќе од половината од сите петнаесетгодишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика.

„Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период.

„Јасно е дека во најдобар интерес на децата е да бидат во училниците и повторното отворање на училиштата треба да биде приоритет за целата држава. Ризиците со коишто децата се соочуваат кога се надвор од училиште и понатаму се поголеми од ризиците во училиште.

„Долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо.

„Затоа секогаш кога е можно треба да се избегнува затворање на училишта на ниво на целата држава. Кога се зголемува стапката на заразување со КОВИД-19 во заедницата и кога строгите мерки за јавно здравје стануваат неопходност, училиштата мора последни да се затворат, а први да се отворат. Што кажува за нашите приоритети ако училиштата се затворени, а другите јавни места остануваат отворени? Општеството и Владата имаат можност да им покажат на децата дека тие се најважниот ресурс на оваа земја така што ќе овозможат училиштата да бидат безбедни и отворени за настава во живо.

„2022 не смее да биде уште една година на нарушено учење. Треба да биде година во која образованието и најдобриот интерес на децата ќе имаат првенствена важност."

притисни ентер