Десетици луѓе се повредени во торнадо, што го погоди Хаити- уништени се стотици домови

Во торнадото што го погоди северниот дел на Хаити, над 50 луѓе се повредени, а повеќе од 200 домови се уништени, соопштија денеска ОН.

Торнадо ја погоди заедницата Басен-Блу во вторникот, оставајќи повеќе од 300 семејства без покрив над главата, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.

Канцеларијата соопшти дека најмалку 10 лица се тешко повредени, а локалните медиуми јавуваат дека се хоспитализирани.

Канцеларијата објави дека Агенцијата за цивилна заштита на Хаити и Црвениот крст биле првите што реагирале и ја проценуваат штетата, пренесува АП.

Агенцијата за цивилна заштита соопшти дека се очекуваат обилни врнежи од дожд во поголемиот дел од Хаити, вклучувајќи ја и областа погодена од торнадото, предупредувајќи за можни поплави и лизгање на земјиштето.

Министерот Муцунски во Брисел на средби со Столтенберг и со претставници на ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе престојува во прва работна посета Брисел по неговото стапување на функцијата. 

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, за време на посетата на Брисел предвидено е Муцински во седиштето на НАТО да се сретне со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, а потоа да има и средби со високи претставници на Европската Унија.

Вчера Муцунски учествуваше на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК) заедно со шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата и државите од Западниот Балкан во делот во кој се дискутираше за евроинтегративните процеси на земјите од регионот, како и за модалитетите за зајакнување на соработката и присуството на ЕУ во нив.

Муцински, кому вчера му беше прв работен ден на ова функција, од Луксембург порача дека новата Влада ќе биде силно фокусирана на евроинтеграциите на земјата и на спроведувањето на реформите.

Тој изјави дека дошол во Луксембург за да се сретне со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и заедно со своите колеги од Западен Балкан да потврди колку е важен процесот на европската интеграција за стабилноста на регионот.

- Ќе разговараме со колегите од земјите членки на Европската Унија за тоа што може ЕУ да направи за регионот и за важноста на Планот за раст за Западниот Балкан, кој ќе има сериозни позитивни фискални импликации за Западниот Балкан. Веруваме дека ова е еден од форумите преку кои можеме заеднички да го забрзаме напредокот на целиот регион кон полноправно членство во ЕУ, истакна Муцунски.

Тој додаде дека земјава сака да напредува кон полноправно членство во ЕУ врз основа на вредностите и критериумите што ги бара самата ЕУ и дека смета оти процесот на европските интеграции не треба да биде оптоварен со билатерални спорови.

Во обраќањето на Советот, пак, Муцунски истакна дека цврсто верува оти проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент што придонесува во градењето отпорни општества.

- Јасно е дека членството на земјите од Западен Балкан во Унијата претставува т.н. геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на континентот како целина, истакна Муцунски.

Во контекст на актуелните светски случувања, Муцунски нагласи дека воената агресија на Руската Федерација против Украина е најитниот и најголемиот предизвик на европскиот континент, но и пошироко.

Според него, овој конфликт има големо негативно влијание и врз земјите од Западниот Балкан, што потенцијално отвора зона за можна дестабилизација на регионот.

- Нашата земја го задржува својот принципиелен став во однос на Украина кој го има заземено уште од првиот ден на почетокот на војната, осудувајќи ја бруталната агресија на Русија, како и давајќи недвосмислена поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, истакна Муцунски.

Според него, земјава е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи ги и сите рестриктивни мерки воведени од страна на ЕУ кон Русија, а во исто време и дава политичка, хуманитарна и воена поддршка на Украина.

Шефот на дипломатијата присуствуваше и на аудиенција кај луксембуршкиот голем војвода Анри, а на покана на заменик премиерот и министер за надворешни работи и надворешна трговија на Луксембург, Ксавие Бетел и на работна вечера со министрите за надворешни работи од членките на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Претпладне сончево, попладне можност за пороен дожд и грмежи

Времето денеска претпладне ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. 

Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 20, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени Целзиусови. УВ индексот ќе изнесува 8.

Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени Целзиусови.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до петок во попладневните часови ќе има честа појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град. Дневните температури постепено ќе опаѓаат.

На Табановце се чека 15 минути, на другите гранични премини нема подолги задржувања

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. 

На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање за влез во Македонија е околу 15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

притисни ентер