Горивото од есента 2023 се тестира на една бензинска станица во германскиот Манхајм, со цел намалување на CO₂ емисиите и зависноста од фосилни извори на енергија.
Според податоците на германскиот авто-клуб ADAC и индустриски партнери како „CropEnergies“, користењето гориво со поголем удел на биоетанол може да ги намали емисиите на јаглерод диоксид до 80 проценти – зависно од начинот на производство. Во комбинација со био-дизел, можна е вкупна редукција на емисиите до 40 проценти, пишува „Феникс магазин“.
Засега, Super E20 е во тест-фаза и се користи само во службениот возен парк на компанијата Südzucker AG. Поширока примена сè уште не е можно поради постојните норми кои дозволуваат максимум 10 проценти етанол во бензинските горива.
Без измена на стандардите, E20 не може официјално да се продава.
Технички, поголемиот дел од поновите возила може да користи E20, но производителите сè уште немаат дадено официјални потврди. Кај постарите модели може да се појават проблеми со пумпите и системите за вбризгување гориво, а се очекува и благо зголемување на потрошувачката – во просек за околу 3 проценти.
Политичка поддршка за стандардизација на E20 горивото дале и пратениците од конзервативната ЦДУ во Европскиот парламент, кои нагласуваат дека преминот кон електрични возила е побавен од планираното, а возилата со мотори со внатрешно согорување ќе бидат присутни на патиштата уште долго. Поради тоа, E20 се гледа како реално и брзо решение за намалување на емисиите во транзицискиот период, пренесува Биз Портал .