Десет терористи убиени во упад во камп на Западниот брег, соопшти израелската армија

Најмалку 10 лица се убиени за време на упад на израелската армија во камп на северот на окупираниот Западен Брег.

„Безбедносните сили за време на судирите елиминираа 10 терористи“ во Нур Шамс, недалеку од градот Тулкарем, соопшти армијата.

Акцијата траела повеќе од 40 часа, а осум лица се уапсени.

Израелската армија тврди дека цел на упадите се членови на палестинската вооружена група, но меѓу жртвите често има и цивили. /МИА

МОН: Унапредена е Концепцијата за основно образование, согласно сугестиите на наставниците

Унапредена е Концепцијата за основно образование, согласно сугестиите на наставниците и стручната јавност.

Министерството за образование и наука информира дека се направени измени на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период, како што наведува, „упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта“.

-Согласно доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина. Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно-образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст, соопшти МОН:

Посочува дека како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, како и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа.

-Министерството за образование и наука изразува благодарност до сите општествени чинители кои со свои сугестии придонесоа за унапредување на содржината Концепцијата за основно образование, како и до Бирото за развој на образованието кое е носител на целиот процес. Продолжува транспарентното работење, со вклучување и активно учество на сите засегнати страни во креирањето на образовните промени, наведува МОН во соопштението.

Чарлс Менсон убивал луѓе и пред неславната 1969 година

Чарлс Менсон, се чини, убивал луѓе и пред она за коешто го осудија на доживотен затвор. 

Во аудиоснимка од претстојната документарна серија „Создавањето на Менсон“ (Making Manson), водач на својот убиствен култ тврди оти „се вклучил во неколку убиства“ додека живеел во Мексико во 1960-тите.

- Гледаш дека има цел дел од мојот живот за којшто никој не знае, вели Менсон во телефонски повик од затворот. - Живеев во Мексико некое време. Бев во Акапулко, украдов неколку автомобили. Само се впуштив во некои „повисоки работи“, човече... Се вмешав во неколку убиства. Го оставив мојот „Магнум 357“ во Мексико Сити и оставив мртви луѓе на плажа, додава осудениот убиец.

Разговорот е дел од мноштвото досега необјавени телефонски повици и разговори на Менсон во период од 20 години - откриени во документарната серија од три дела, којашто се прикажува од оваа недела. Документарецот е во режија на Били Минц.

Водачот на култот на семејството Менсон не ги вршел убиствата самиот, туку убедувал свои следбеници да ги извршат. Менсон и неговите следбеници, инаку, беа осудени за убиството на тогаш бремената глумица Шерон Тејт - сопруга на француско-полскиот режисер Роман Полански, и четворица нејзини пријатели, кои беа измасакрирани во 1969 година.

Убиствата во Акапулко би биле меѓу најнасилните од престапите на Менсон пред неславната 1969 година. Менсон почина во 2017 година во затвор.

Одбележани 80 години од ослободувањето на Ѓорче Петров

Со положување цвеќе од страна на бројни делегации на Спомен-плочата на паднатите борци во НОБ, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 Ноември, денот кога Општината беше ослободена во антифашистичка борба.

Како што информира Општина Ѓорче Петров, општинската делегација беше предводена од градоначалникот Александар Стојкоски, кој во обраќање пред присутните рече дека 14 ноември е датум кој ја врежал слободата длабоко во историјата на ова место.

-Овој ден не е само историски настан, туку и сведоштво за неуморната борба, пожртвуваноста и храброста на сите оние кои се изборија за својата земја, за својот дом, за својата иднина. Никогаш не смееме да заборавиме дека слободата и државата тешко се стекнуваат, но вечно се бранат и чуваат со нашите дела кои се темелат на спомените на хероите и поуките кои ни ги дава историјата, како и на секојдневно вложениот труд, изјавил градоначалникот Стојкоски.

Одбележувањето осум децении од ослободувањето на Ѓорче Петров, како што навел Стојкоски, го чествуваме како благодарност кон оние кои ги дале животите за денес ние да живееме во мир, истовремено и како обврска на модерното време кое бара нови херои што ќе одговорат на новите предизвици, кои нудат храбри и одржливи решенија.

-Денес, вистинските вредности се видливи и тие се препознаени од ѓорчепетровци, кои секојдневно се сведоци на нови и нови дела, кои се прават за заедничкото добро на сите. Нека ни е честит и вековит Денот на ослободувањето на општина Ѓорче Петров! Секогаш да се потсетуваме на денешниов ден и да го негуваме духот на слободата и единството што не обединува. Да живее слободно Ѓорче, вечна да е Република Македонија, потенцирал Стојкоски.

Ослободувањето на Ѓорче Петров, ден по ослободувањето на Скопје, како што се наведува, е пример за непокор и за големата жртва која македонските партизани ја дадоа за да го ослободат секое делче од нашата земја.

притисни ентер