Десет дена до стартот на ОФФ-Фест 2024 - Канал 5

Десет дена до стартот на ОФФ-Фест 2024

Дваесет и третото издание на нашиот најголем и најзначаен фестивал на музиката на светот ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.

Десет дена до стартот на ОФФ-Фест 2024

Дваесет и третото издание на нашиот најголем и најзначаен фестивал на музиката на светот ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија, со осум концертни настапи и два документарни филма. ОФФ-Фест 2024 ќе го отворат две големи имиња на африканската музика: БОМБИНО, еден од најреномираните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди БИ-СИ-ЈУ-СИ, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо. Вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет БОИ АКИ, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер-група КУТУ, ветува беспрекорно фестивалско доживување. ВИСЕНТЕ АМИГО, најголемата ѕвезда на фестивалот, се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија. Со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес. Последната вечер на ОФФ-Фест ќе биде во знакот на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет ВОЛОСИ со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем КАЛАТА, како и познатиот српски модерен етно колектив НЕЈКИД. Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Сезарија Евора” и „Агадез, музиката и отпорот“.

Омара 'БОМБИНО' Моктар е феномен. Гитаристот од Нигер е човек со приказна. Во неговата родна земја, тој е вистински култен херој меѓу младите Туарези, способен да го долови звукот на африканската пустина со неговите дисторзирани гитарски мелодии. Заедно со Tinariwen, Mdou Moctar и Vieux Farka Touré, Бомбино е предводник на експлозијата на високозаразниот пустински блуз/рок во светот последниве години. Неговата музика ја става гитарата во центарот на звучниот пејзаж, кој е комбинација на традиционалното и модерното. Експерт за создавање волшебни ритми, Бомбино ја слави културата на Туарезите, чувајќи ја од заборав. Инспирацијата од неговата музика лесно се забележува во модерните познати инди бендови како Khruangbin, GOAT или Dirty Projectors - Дејвид Лонгстрeт од последниве воедно го продуцираше албумот „Azel“ (2016). Претходно тоа беше Ден Ауербек од The Black Keys кој стоеше зад прославениот „Nomad“ (2013). Албумот „Deran“, пак, беше номиниран за Греми за најдобар world music албум, со што стана првиот изведувач од Нигер што добил ваква номинација. Во моментов, Бомбино го промовира својот седми албум „Sahel“, кој излезе минатата есен за култната Partisan Records. Без оглед на животните предизвици, Бомбино постојано граби напред во својата мисија да ја користи музиката за ширење љубов, разбирање, како и прекрасната туарешка култура низ целиот свет.

Афро-психоделичниот септет БИ-СИ-ЈУ-СИ (Bantu Continua Uhuru Consciousness) е супергрупа од Совето, Јужна Африка, која ја доживува својата музика како хедонистички транс, но и како оружје за политичко и духовно ослободување во согласност со борбата за правда на претходните генерации. Звукот на БИ-СИ-ЈУ-СИ е истовремено современ и оригинален, самоуверен и моќен. Тој е исполнет со фанки грувови и хип-хоп сензибилитет, но и со репетитивни бас рифови, флејти и галопирачки ритми, како директно оддавање почит на надежта и борбениот дух на претходните генерации. Групата пее и зборува гласно за суровата реалност со која се соочуваат сиромашните работници во Јужна Африка, но во исто време, БИ-СИ-ЈУ-СИ не ја прикажува татковината како сиромашна, туку богата со традиции, ритуали и вера. Кога БИ-СИ-ЈУ-СИ настапуваат во живо, тие ја вовлекуваат публиката во вистински транс. И кога ќе присуствувате на концерт на БИ-СИ-ЈУ-СИ, тоа никогаш нема да го заборавите. Од нивниот деби албум „Our Truth“ објавен во 2016 година и следниот „The Healing“ (2019), тие го привлекоа вниманието на публиката на сите светски концертни подиуми и фестивали, вклучувајќи ги Glastonbury, Roskilde, Afropunk Brooklyn, Dour, Worldwide, Womad и многу други. Во моментов го промовираат албумот „Millions of Us“ (2023), кој доби одлични критики ширум светот.

Повеќе од 25 години, пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер се срцето и душата на БОИ АКИ. Безграничната љубопитност ги наведува на нови експерименти и откритија. Така, тие денес ги чувствуваат блиски музичките традиции од сите страни на светот - од модерен џез до класична Индиска музика, од Меланезиска, Африканска и Европска фолк до импровизирана музика. За музичарите, сите овие различни традиции и влијанија не се крајна дестинација, туку инспирација и почетна точка за музички развој. Тие можат да се забележат во бојата и текстурата на нивната музика, во сложените композиции и слободната импровизација, во употребата на вокалот и техниките на свирење, во смелите формации, а исто така и во необичната збирка на инструменти што ги користат - често изработени од нив самите и соодветно прилагодени на нивните индивидуални музички идеи. Уникатниот звук на Бои Аки произлегува од постојаната интеракција меѓу музичарите и изворите од кои тие црпат. Овој звук, изненадувачки нов, а сепак целосно препознатлив, ги обединува акустичните звуци и електронските звучни пејзажи со сестраниот, топол глас на Моника Акихари, која понекогаш пее на Англиски, а понекогаш на Харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко. Во музичките проекти на Бои Аки, нивните длабоки, лични музички истражувања резултираат со хармоничен спој на навидум инкомпатибилни звуци, ритми и тоналитети, поништувајќи ги границите помеѓу старото и модерното, помеѓу музиката, приказната и поезијата и помеѓу Истокот, Западот, Северот и Југот.

КУТУ се формирани во Адис Абеба каде што францускиот виолинист и композитор Тео Секалди, повеќеслоен импровизатор и славна фигура на класичната музика и џезот во својата земја, го откри симбиотскиот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд, добро позната на локалната вибрантна андерграунд музичка сцена по нејзиниот акробатски вокал и елегантни движења, како дел од 10-члениот рок бенд Јано. Заедно, тие се впуштија во авантура на создавање нов импровизаторски концепт кој ги спојува Азмари и Етио-џез корените со поезијата и грувот на светската урбана култура. Од поезијата на денешницата и селекцијата на етиопски племенски ритми, Тео Секалди гради сончев систем во кој се соединуваат импровизацијата, галопирачките вокали и панк енергијата, поддржани од моќна ритам секција и постава со заразна енергија: електро-вселенски клавијатури, древни перкусии, хипнотичен бас, заносен танц и небески гласови. Блескав етиопски транс состав, во кој слободата на џезот проникнува во суровата длабочина на Азмари звукот. КУТУ пленат и раздвижуваат со експлозија од волшебни ритми и енергија, наметнувајќи возбудлив танц, своевидна ведра духовност! Во Етиопија бендот се третира како еден вид НЛО поради својот речиси вонземски звук.

ВИСЕНТЕ АМИГО ужива висок рејтинг во светот на фламенко музиката како еден од најкомплетните и највлијателните гитаристи од новата генерација. Недофатлив, мистериозен, енигматичен уметник, со фасцинантна чувствителност и ненадминлива длабочина. Висенте Амиго е роден 1967 година во Гвадалканал (Севиља), а израснал во Кордоба. Приврзан за гитарата уште од детството, албум по албум, тој се наметна како еден од најиновативните и најплодните современи музички творци. Од неговиот прв албум во 1991, тој успеа да создаде свој стил, суптилен и раскошен, отворен за другите музички стилови. Со право го нарекуваат „логичен наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија“. Овој андалузиски уметник соработувал со најголемите фламенко ѕвезди како и со значајни уметници од други жанрови: Пако де Лусија, Камарон де ла Исла, Диего Ел Сигала, Естреља Моренте, Дејвид Боуви, Кит Ричардс, Боб Дилан, Џон Меклафлин и Ал ди Меола, Стинг… Покрај тоа што е Амбасадор на фламенко гитарата, Амиго е сопственик на две Греми награди и Златен медал за фини уметности. Придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе настапи на ОФФ-Фест, овозможувајќи ни да уживаме во музиката и композициите што придонесоа името Висенте Амиго да стане референца за фламенко гитарата денес.

ВОЛОСИ е феномен на светската музичка сцена. Бендот е основан во 2010 година кога виолинистот Кшиштоф Ласон и виолончелистот Станислав Ласон, длабоко во срцето на Карпатите, запознаа тројца исклучително талентирани традиционални музичари. Нивното деби на фестивалот The New Tradition во 2010 година им ги донесе сите можни награди. Една година подоцна, нивното дело „Dusk“ ја освои Гран при наградата „Svetozar Stracina“ на Европската радиодифузна унија (EBU) во Братислава за најдобра европска фолк композиција. Во 2012 година нивниот прв албум беше рангиран меѓу водечките на World Music Charts Europe. Оттогаш, Волоси се постојано на турнеја. Со текот на годините тие создадоа оригинален стил кој ѝ пркоси на дефиницијата: динамичен, исполнет со страст и софистициран во исто време. Надминувајќи ги границите на гудачките инструменти, тие отидоа многу подалеку од тоа, постигнувајќи нешто уникатно, израснато од карпатските корени, а сепак модерно, моќно и емотивно. Нивната музика е под влијание на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, што резултира со прекрасни, емотивни и прогонувачки мелодии кои одушевуваат и фасцинираат. Но, Волоси немаат само слатки мелодии, тие едновремено носат силна доза на енергија што покренува движења. Тие имаат преку 820 концерти низ целиот свет, со настапи на најпрестижните фестивали и концертни сали. Иако музиката на Волоси звучи толку познато, таа e навистина целосно оригинална и неповторлива.

КАЛАТА е неофолк бенд формиран во 2018 година во Скопје, кој започнува како проект на Симеон Ангеловски и Минела Богдановиќ. Препознатлив по својот автентичен звук, овој состав во својата музика исцртува паралела меѓу источната и западната култура, со посебен акцент на традиционалната македонска музика. Музичарите, без ограничувања, се потпираат врз своите чувства и инспирација, слободни да го свират она што нивната имагинација ќе го побара. Целиот концепт на бендот се заснова врз сензибилитетот и креативноста на младите музичари, кои преку љубовта кон модерните ритмови и музиката на својот народ го обликуваат оригиналниот звук на Калата. Од 2018 година, Калата има настапувано низ целата земја, вклучително и на Д Фестивал, Музичката конференција ПИН, Здраво Млади, Македокс, како и на некои европски фестивали: Mercat de Música Viva de Vic / MMVV (Барселона, Шпанија) и Balkan Most Festival: Showcase & Conference 2023 (Веспрем, Унгарија). Нивниот деби албум „Калата“ е подготвен и ќе биде објавен наскоро, во текот на 2024 година, а концертно ќе биде претставен на 23. OFFest. Калата е, во исто време, дел од MOST Music Programme - балканска музичка експорт иницијатива што поддржува „world music“ уметници и бендови од Балканот. Бендот денес брои 6 членови.

Името НЕЈКИД е синоним за отворено срце и чиста душа. Идеите за слобода, надеж и љубов отсекогаш го инспирирале творештвото на овој српски бенд, еден од највиталните експоненти на денешната балканска world-music сцена. Naked се формирани 2006 година во Белград. Бендот веднаш го привлече вниманието на домашната публика, отскокнувајќи од другите појави на српската музичка сцена, благодарение на повеќеслојниот и енергичен музички израз, приемчивите, но во исто време интригантни авторски композиции, како и на компактното, добро координирано свирење. Музицирајќи заедно речиси две децении, имаат издадено пет албуми, концерти настапи ширум светот, од Чиле до Ј. Кореја и на познати фестивали како Colors of Ostrava, EXIT, Red See Jazz Festival, ACC Festival и др. Стилот на бендот е комплексен, непосреден, еклектичен. Елементи од балканските традиции, со медитерански, африкански и источноевропски примеси, во синергија со контурите на џез, фанк, рок, слободната музика и импровизацијата - сето тоа заедно го чини препознатливиот НЕЈКИД звук. All About Jazz ја нарече нивната музика акт на љубов, опишувајќи го бендот како хипнотизирачка формација и колектив чија музичка обединетост континуирано сугерира дека тука не станува збор за неколку музичари, туку за еден.

Документарниот филм „СЕЗАРИЈА ЕВОРА“ исцртува моќен портрет на легендарната пејачка, жена родена во колониjалното Кабо Верде, која успеа се искачи во височините на музичкиот свет, во континуирана потрага по слободата. Приказната ги следи различните политички и социјални контексти на животот на Евора, но и универзалните теми како слободата и расната и родовата нееднаквост, илустрирани со бројни досега невидени архивски и оригинални снимки, и уникатни сведочења од луѓето што ја познаваа легендата. Режисерката Ана Софија Фонсека во овој филм користи повеќе техники за постепено откривање на духот на славната пејачка, моќната жена и инспиративната африканска икона. Филмот вклучува и актуелни снимки од Кабо Верде, омилениот дом на босоногата дива, доловувајќи ја поезијата на морето, земјата и воздухот што ја обликувале оваа фасцинантна жена и уметница.

За Туарезите, пустината е слобода. Музиката е моќ. Омара “Бомбино” Моктар, исклучителен туарешки гитарист Од Агадез, Нигер, ја користи музиката за да ја инспирира новата генерација да се адаптира на модерниот свет. Токму филмот „АГАДЕЗ, МУЗИКАТА И ОТПОРОТ“ го лансираше Бомбино како светска музичка ѕвезда. Започнува за време на неговиот егзил во Буркина Фасо, кратко по бунтовништвото во Нигер (2007), и го следи неговото враќање во Агадез каде тој го слави крајот на отпорот со неговиот легендарен концерт во Агадез. Оттогаш, Бомбино интензивно настапува низ целиот свет, раскажувајќи ја приказната за неговата култура и за фасцинантниот регион од каде што доаѓа. Филмот го следи и до Нешвил во 2012 година, каде што неговиот втор албум, “Nomad”, продуциран од Ден Ауербек од The Black Keys, го забрза неговото устоличување во планетарна музичка сензација.

ОФФ-Фест 2024

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Едноставна прошетка се претвори во драматичен инцидент за 19-годишник од Сантијаго, главниот град на Чиле.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Младиот човек безгрижно одел по тротоарот кога, од никаде, пред него се појавило тркало од автомобил и со голема брзина излетало од правец на улицата.

Тој поминал со полесни повреди

Снимка од надзорна камера го забележала драматичниот момент во кој момчето било соборено на земја од силата на ударот, по што загрижените сограѓани му се приближиле.

И покрај сè, 19-годишникот преживеал и бил пренесен во клиниката Санта Марија, каде што добил прва помош за повреди на челото, лицето и градите.

Надлежните органи го идентификувале возилото од кое се откинало тркалото, како и возачот, а започната е истрага за да се утврдат околностите на бизарниот инцидент.

Тркалото удрило и во два автомобила

Според изјавата на возачот, автомобилот бил паркиран во гаражата непосредно пред несреќата. Додека возел, едно од тркалата одеднаш се откинало, објавува Иефимерида.

Прво удри во два автомобила, потоа се одби и со голема брзина летна на широкиот тротоар на авенијата Лос Леонес. Во следниот момент, силно го удри 19-годишникот одзади, соборувајќи го на земја.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Десетици китови-пилоти се пронајдени насукани на плажа на Северниот остров на Нов Зеланд, а спасувачите се обидуваат да ги вратат малкуте преживеани во морето, соопшти Одделот за заштита на природата.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Најмалку 20 китови-пилоти се насукани по должината на брегот на Нгави, во близина на ’ртот Палисер, најјужната точка на Северниот остров, според „The Straits Times“.

Одделот соопшти дека соработува со локалното племе Маори и Проектот Џона, организација специјализирана за спасување на насукани китови. Досега, две животни се успешно вратени во морето.

Според локалните жители, дури 50 китови се насукале на брегот преку ноќ, објави Радио Нов Зеланд.

Повеќето од животните им подлегнале на повредите, додека волонтерите се обидуваат да ги одржат преживеаните китови во живот и да спречат нивно дехидрирање користејќи кофи со вода и крпи.

„Ужасно е. Оние што се уште се живи едвај дишат“, изјави жителот на Нгави, Роб Барг, за Радио Нов Зеланд.

Проектот Џона објави на Фејсбук на 5 ноември дека четири од китовите се уште се живи и дека спасувачите ќе се обидат да ги вратат во морето при плима. Насукувањето на китови е релативно честа појава во Нов Зеланд и соседна Австралија, поради големиот број китови-пилоти кои ги населуваат длабоките води околу двете островски земји. Причината за феноменот е сè уште непозната.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Кенискиот суд денеска го осуди водачот на сектата Пол Мекензи на 200 години затвор за убиство на 190 деца кои биле изгладнети до смрт и закопани во шумата по негова наредба. 

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Тие се меѓу околу 500 лица осомничени дека се поврзани со едно од најлошите масовни ритуални злосторства во модерната историја.

Казната се состои од 100 години затвор за убиствата од глад и уште 100 години за директните убиства, изјави судијката Дијана Кавеџа читајќи ја пресудата, објави Ројтерс.

Обвинителството изјави дека Мекензи, кој водел апокалиптична христијанска црква во шума во близина на брегот на Индискиот Океан во источна Кенија, им рекол на своите следбеници да се изгладнат себеси и своите деца до смрт за да стигнат до рајот пред крајот на светот.

Неговите соучесници им се заканувале и ги тепале жртвите за да ги принудат да ги следат неговите наредби. Изгладнетите тела биле пронајдени расфрлани во плитки гробови и фрлени во тоалети. Некои жртви биле закопани живи.

Макензи, облечен во сива поло маица и црни панталони, се насмевна додека влегуваше во шатор поставен пред судот каде што се одржуваше рочиштето.

Тој ги негираше обвиненијата за убиство, велејќи дека не ги принудил жртвите да гладуваат. Судот ја отфрли неговата одбрана.

Татко загубил шест деца

Случајот ја шокираше Кенија во април 2023 година, кога полицијата почна да открива тела во шумата Шакахола, во близина на крајбрежниот град Малинди.

Иако судењето ги опфаќа само случаите на 190 деца и една возрасна жртва, Националната комисија за човекови права на Кенија вели дека вкупно 448 тела се пронајдени во шумата.

Макензи е обвинет и за наредба за убиства на 52 лица пронајдени на друга локација, во село оддалечено 30 километри, со што бројот на потенцијални жртви се зголеми на 500. Во тој случај, тој се изјасни за невин.

Размерот на убиствата е споредлив со апокалиптичниот култен злостор во кој загинаа повеќе од 700 луѓе во Уганда во 2000 година, како и масакрот во Џонстаун во Гвајана во 1978 година, кога американски водач на секта им наредил на повеќе од 900 луѓе да пијат отров.

Стивен Мвити, 48, татко на шесте деца на Мекензи кои биле жртви и сопруг на еден од неговите осудени соучесници, рече дека неговата сопруга ги однела децата во Шакахоле, каде што умреле од глад.

Дури и ако возрасните се согласат да постат, „што е со децата?“, праша Мвити за Ројтерс пред пресудата.

„Ги изгубив моите деца и нема да можам да ги вратам, без разлика што ќе се случи со Мекензи и неговите соучесници“, рече Мвити.

„Очекувам да биде осуден на смрт или доживотен затвор, за да не излезе никогаш и да предизвика повеќе смртни случаи.“

Ден Мекензи, еден од синовите на Пол, рече дека неговиот татко не го поштедил своето семејство.

„Не завршив во Шакахола затоа што повеќе не верував дека ќе одиме во рајот. Затоа ја напуштив црквата и почнав да си го правам своето“, изјави тој за Ројтерс.

„Исто така, изгубив пријатели, како и помлад брат. Ова е правда за луѓето што ги изгубивме таму во Шакахола.“

Важен чекор, но потребна е поголема одговорност

Макензи е на радарот на властите од 2017 година, кога полицијата изврши рација во неговите простории. Властите ја затворија неговата црква во Малинди во 2019 година, по што тој се пресели во блиската шума Шакахола.

Откритијата доведоа до повици за построги контроли врз религиозните групи

Кенискиот претседател Вилијам Руто назначи работна група во мај 2023 година за да ја разгледа законската и регулаторната рамка. Одделни предлози поддржани од владата и Сенатот беа објавени во 2024 година, но сè уште не се усвоени.

Оџиро Одиамбо, раководител на единицата за брза реакција во Комисијата за човекови права на Кенија, рече дека пресудата е важен чекор, но дека одговорноста мора да се прошири, бидејќи локалните администратори, полицијата, разузнавачките службеници и верските водачи се сметаат за одговорни за тоа што не постапиле по повторените предупредувања.

„Сите овие луѓе ги изневериле граѓаните“, рече тој.

Руто во 2023 година изјави дека како претседател ја преземал одговорноста за неуспехот на владата да спречи умирање на луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер