Денеска е Велики вторник - Канал 5

Денеска е Велики вторник

На Велики Вторник верниците си спомнуваат за настаните што се случиле на тој ден.

Денеска е Велики вторник

Црквата определила на богослуженијата во овој ден да се читаат текстовите од Светото евангелие што ги опишуваат настаните од Христово време што се случиле токму на Велики Вторник.

На овој ден, Господ Исус Христос изрекол многу поуки и параболи, меѓу кои и познатите: За талантите и за Страшниот суд (Матеј 25,1-26,1); За воскресението на мртвите и За најголемата заповед (Матеј 22,15-46), како и За укорувањето на книжниците и фарисеите, пророштвото За разрушување на Ерусалим (Матеј 23,1-39) и други.

Со овие содржини верниците се поучуваат на особена мудрост и бдеење врз својот духовен живот и тоа секој според своите даренија од Господа и според својата моќ и залагање.

Библистите, пак, велат дека токму на Велики Вторник Господ Исус Христос изговорил најмногу поуки и параболи во Ерусалим. Тој ден е Неговото најобилно поучување пред да започнат: предавството, прогоните, маките и страдањата, кога веќе не можел да поучува. Тоа се Неговите последни опомени пред да бидат извршени злосторствата врз Него. Тој ден е Неговиот последен ден за поука во храмот. Така го започнал денот – со доаѓање во Ерусалим и со влегување во храмот за да поучува.

Првата Негова беседа е За Христовата власт и право да поучува во храмот (Матеј 21,23-27; Марко 11,27-33; Лука 20,1-7), бидејќи првосвештениците, книжниците и старешините, тоа Му го оспорувале и Го прашале од каде Му е таа власт и право?

Во продолжение од спасителната проповед на Христа во храмот ја изговорил Параболата за двата сина (Матеј 21, 28-32), со која ги укорил јудејските старешини за нивното лицемерно однесување, како што направил едниот син којшто му рекол на татка си дека ќе го послуша, а не го направил ветеното. Со тоа ги потсетил на нивното противбожие – на нивната непослушност кон Бога и човекољубиво им дал до знаење дека и во тој ден можат да се откажат од злото – вратата на милоста им е отворена.

Со иста порака, но поконкретно и посилно ги предупредил и со следната Парабола за лошите лозари (Матеј 21,33-46; Марко 12,1-12; Лука 20,9-19). Со неа ги опоменува не само јудејските старешини и свештеници, туку и народот што отпаднал од Бога и станал богоборец, а бил решен да биде и богоубиец. Тој богоизбран народ станал богоубиствен народ и отпаднал од Бога, па затоа, не тој, туку други ќе влезат во царството Божјо.

Во таа смисла, продолжил со Параболата за отфрлениот камен (Матеј 21, 42-46; Марко 12,10-11; Лука 20, 17-19), а тоа е Спасителот Господ Исус Христос – краеаголниот камен врз кого е положена Црквата, верата и спасението. Без тој камен не се ѕида ништо, туку сè се урива и пропаѓа во амбис.

Потоа, заради симболиката на недостојните за спасение, ја кажал Параболата за свадбената гозба на царевиот син (Матеј 22,1-14; Лука 14,16-24), од којашто бил исфрлен оној што недостојно влегол на заедничката трпеза на радоста и славата.

Кога виделе како јавно ги напаѓа пред народот во храмот, верските и народни старешини, почнале на Христа да Му поставуваат двосмислени прашања, со цел да Го обвинат пред луѓето затоа што се приврзал кон едната или кон другата страна. Од таков вид и со таква цел било прашањето од фарисеите и иродовците: За плаќањето данок на царот (Матеј 22,15-22; Марко 12,13-17; Лука 20,27-40). Најпрво, лукаво Му поласкале, за да Го поттикнат да каже лошо, велејќи Му: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се боиш од никого, оти не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји.“ Лицемерно Го охрабриле и веднаш Го прашале: „Треба ли да се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“

Ако речел дека не треба да се плаќа данок на царот, веднаш, уште оттука, ќе Го земеле со царската војска што била пред храмот и ќе Го затвореле, ќе Го осуделе и ќе Го распнале како бунтовник и противник на царот. Ако речел, пак, дека треба да се плаќа данок на царот, тогаш еврејскиот народ што го слушал во храмот ќе се налутел и разгневено ќе Го напуштел, заминувајќи си од кај Него, бидејќи власта била туѓа – римска и тие биле поробени, па не ја сакале власта и правеле отпор кон неа.

Римската власт, пак, си нашла и свои приврзаници меѓу луѓето и создала партија наречени иродовци, па народот јавно се поделил: за и против. Господ Исус Христос богомудро им одговорил, јасно и нагледно. Рекол: „Што, Ме искушувате, лицемери? Покажете ми една даночна пара. Тие Му донесоа еден динариј. И им рече: Чиј е овој лик и натпис? Тие одговорија: На царот. Тогаш им рече: Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога! И штом го чуја тоа, тие се зачудија и, оставајќи Го, си отидоа“ (Матеј 22,18-22).

Штом не успеале иродовците и фарисеите, се појавиле садукеите со нивните замки на мудрување и сплеткарство. Тие биле секта на материјалисти и рационалисти, кои верувале во Бога, а не верувале во задгробен живот, во душа и во духовен свет. Затоа Му поставиле прашање: За воскресението на мртвите (Матеј 22,23-33; Марко 12, 18-27; Лука 20,27-40).

Нивното прашање е со измислен пример за нешто неможно, збунувачко и смешно, трагикомично. Христос им одговорил дека создадениот човек од Бога не е создаден за да умре и да постане ништо, да исчезне, бидејќи Бог „не е Бог на мртвите, туку на живите“ и човекот има жива бесмртна душа, па има и воскресение на мртвите, за вечен живот.

Се појавил претставникот и од четвртата група, наречени законици, кои добро го знаеле Законот и постојано го препишувале и проучувале. Сите овие групи или партии во јудејството биле крвни непријатели помеѓу себе и постојано спореле, се карале и се прогонувале едни со други, но сега, како да се помириле и сите (во коалиција!), заеднички станале против Христа.

Он бил нивниот заеднички непријател, оти народот тргнал по Него и ги оставил нив. Тие останале без народ и постанале ништо, неважни и непотребни. Затоа, требало да Го посрамат пред луѓето, да Го збунат, да Го обвинат и да Го оттргнат, правеќи сè за да Го замрази народот и да стане против Него.

Законикот, како најпаметен и најсилен, со силата на Законот, Му поставил прашање: Која заповед е најголема? (Матеј 22,35-40; Марко 12,28-34; Лука 10,25-28).

Навидум, нема ништо лошо во едно вакво прашање. Многу нормално и потребно е да се праша која е најголемата заповед. Токму така, затоа и Господ Исус Христос одговарал на ваквите прашања, бидејќи им биле потребни одговорите на луѓето, оти беше им здодеале тие расправии и спорења на едни со други. Постанало веќе здодевно нивното надмудрување пред народот.

И навистина, со овие прашања, без да знаат „мудрите“ прашувачи, правеле добро за луѓето, па и за Христа, бидејќи му дале можност (добра шанса!) да им одговори на толку спорните прашања и да ги посрами пред народот. Затоа, сите молчешкум си заминувале од храмот, откако ќе го добиеле Христовиот одговор. Ќе се протнеле низ луѓето и да ги нема! Но, омразата и решеноста за злосторство им се зголемила. Тоа многу ги разгневило против Него.

Прашањето за најголемата заповед било постојано отворено прашање за спор и многу го поделила народот, бидејќи, најпрво биле поделени нивните учители и водачи, едни против други. Едните велеле дека е најголема заповедта за саботата, другите спореле и велеле дека е најголема онаа за жртвите, а некои – онаа за обрезанието итн. Никој не попуштал во својот став и сите ваделе аргументи против другиот, со години и со векови. Спорителите изумирале, а спорот останувал.

Во тој случај, Господ Исус Христос за која и да било заповед да се одлучел, сигурно ќе имал противник со друга заповед. Но, Спасителот го решил спорот, прифатливо за сите и апсолутно точно. Тогаш, ги кажал двете најголеми заповеди, во кои е збран целиот Закон и сите Божји заповеди. Рекол: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој раум; тоа е првата и најголема заповед; а втората е слична на неа: „Возљуби го својот ближен како себе си!“ (Матеј 22,37-39).

И што има да се каже повеќе!? Барале една, добиле две. Добиле најкратко и најцелосно објаснување. Го добиле целиот Божји закон во двете најголеми заповеди. Во нив е опфатен целиот Закон и сите заповеди. Бог, кога ги даде Десетте заповеди, ги напиша на две плочи: на првата, се четирите, кои говорат за љубовта кон Бога и нашиот однос кон Него, како една вертикала што нè води нагоре кон небото и духовното; и на втората плоча, се останатите шест заповеди, со кои се уредува нашиот однос кон ближните, ширејќи се во хоризонтала кон луѓето, од едната и од другата страна од нас.

Двете линии го формираат крстот на нашата љубов кон Бога и кон луѓето – крстот на нашето спасение, кое не е можно без Бога и без луѓето. Секој треба да Го види Бога во човекот и да му пријде на секој човек како на Бога – со љубов, ако сака да биде и со Бога. Директно кај Бога не може. Мора преку луѓето! Библиски е запишано: „Ако некој рече: Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не го видел?“ (1. Јов. 4,20).

Разговорот продолжил и сега, Господ Исус Христос ги прашал фарисеите: За Месијата и од чиј род потекнува? (Матеј 22, 41-46; Марко 12,35-37; Лука 20,41-44). Тие одговориле дека е од Давидовиот род, а Он го потврдил нивниот одговор за точен и ги прекорил за нивното станување против Спасителот, дека знаат, а се против.

Тоа е голем грев и хула против Бога, бидејќи е сознателно противење на вистината и свесна определеност за злото. Тие се нашле посрамени и немоќни. Во Евангелието се вели: „И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша“ (Матеј 22,46).

По ова, Христос почнал и пред народот остро да говори против книжниците и фарисеите и да го разобличува нивното лицемерие и лага (Матеј 23,1-12; Марко 12,38-40; Лука 11, 39-52; 20,45-47). Тие Негови зборови се многу силни и осудителни. Он јасно ги разоткрива кои се и какви се, а кажува и што ги чека како казна за тоа. Тоа се потресни зборови на Божјиот суд за грешниците и противбошците.

Христос никогаш и кон никого не бил поостар во зборот и никаде пожестоко не настапил. Така било зашто тие биле свесни за своето лицемерство и злосторство и пак го правеле, сознателно злодејствувале. За таквите нема веќе место за милост и сожалување, туку за суд и осуда. Ужасно страшни се Христовите зборови кои требало да ги поразат и да ги пробудат, ако не нив, барем луѓето што оделе по нив. Препорачувам да ја прочитате 23 глава од Евангелието според Матеј, која е доволно јасна и без толкување, а ако го имате и тоа, ќе ви биде многу полезно четиво!

Наспроти нив, Господ ја посочил другата страна и говорел за луѓето на доброто, за искрената љубов и од скромност сокриената добрина и жртва. Го кажал примерот на Параболата за вдовичината лепта (Марко 12,41-44; Лука 21,1-4). Во ковчежето за прилог што стоело во храмот, ставале многумина, а некои богати ставиле и многу пари. Но, една бедна вдовица, турила само две лепти, но само нив ги имала и тие ги дала, а другите дале од својот вишок. Кој дал повеќе? Се разбира таа. Таа дала сè што имала. Давањето пред Бога не се мери според тоа колку си дал, туку колку ти останало!

Потоа, се покажала желбата на незнабошците и Елините да Го чујат Христа и да го прифатат Неговото учење (Јован 12,20-23). Божјата промисла го проширила Евангелието кон сите народи, та ако еден Го отфрла Христа, друг го прифаќа – народ Божји имало и ќе има, но тешко на оние што се оттргнале од прегратките на Бога.

Следела Параболата за пченичното зрно (Јован 12,24-26). Неа ја кажал веднаш потоа, за да ги поучи дека ништо од овој свет не останува со нас во вечноста, туку сè ќе изгние како што изгнива пченичното зрно. Тоа, иако е толку многу потребно за лебот и животот, изгнива в земја, но воскреснува, излегува од земјата во нов живот и станува симбол на воскресението од мртвите.

На крајот од оводневниот престој и поучување во храмот, се помолил и ја изговорил силната Исусова молитва и се чул глас од небото (Јован 12,27-50).

Потоа, излегол од храмот во дворот и, гледајќи го храмот и Ерусалим во неговата убавина, а полн со тешки гревови, се нажалил, заплакал и тажно рекол дека ќе остане пуст, пророкувајќи за разрушувањето на градот и храмот (Матеј 23,37-39; Лука 13,34-35; Матеј 24,1-2; Марко 13,1-2; Лука 21,5-6).

Тоа веќе претставувало јасно есхатолошко кажување и Спасителот, за да не го преплаши народот, престанал да говори пред нив. Си заминал со апсотолите. А, и времето одминало и луѓето требало да си појдат дома. Он излегол од храмот и отишол во Маслиновата (Елеонската) Гора, каде што продолжил да им говори на учениците Негови, за сите есхатолошки знаци и настани, за сè што ќе се случи тогаш и за неволјите на крајот од светот (Матеј 24,3-14; Марко 13,3-13; Лука 21,7-19).

Им кажува за појавата на лажни христоси и спасители, разни антихристијански сили, војни и убиства, земјотреси и глад, гонење на христијаните, проповед на Евангелието кај сите народи во светот, непријателства меѓу луѓето, дури и меѓу своите најблиски, роднини и пријатели, појавата на Антихрист и дејствувањето на неговите приврзаници и најпосле: Христовото второ доаѓање и крајот на светот.

Во Неговите беседи со апостолите За големото страдање во последните времиња им кажал дека Бог ќе ги скрати маките на луѓето, заради праведниците (Матеј 24,15-22; Марко 13, 14-23; Лука 21,20-24).

Говорел За Второто доаѓање на Синот Човечки, кога ќе се појават знаци и на небото и ќе се вознемират небеските сили, па сонцето ќе потемне, месечината нема да свети, а ѕвезди ќе паѓаат и на небото ќе се појави знакот на Христос – крстот, тогаш ќе дојде по вторпат, но како Судија на светот (Матеј 24,29-31; Марко 13,24-27; Лука 21,25-28).ж

Ја исползувал и природата со своите знаци и најави, па рекол дека може да се Поучат од смоквата, според која знаеле дека е близу летото (Матеј 24,32-35; Марко 13,28-31; Лука 21,29-33).

И покрај сите кажувања, сепак, рекол дека точно Не се знае денот и часот на Христовото второ доаѓање и повикал на постојана будност и подготвеност – и тоа двојна: бидејќи сигурно се знае дека ќе дојде и сугурно не се знае кога (Матеј 24,36-42; Марко 13,32-37; Лука 21,34-36).

За таа цел ја кажал и Параболата за благоразумниот и лошиот слуга, од кои, едниот се надевал и будно го чекал доаѓањето на господарот, а другиот не (Матеј 24,45-51; Лука 12,41-48).

Во продолжение ја изговорил и Параболата за десетте девојки (Матеј 25,1-13), со која, уште посилно и посликовито го објаснил очекувањето. Кажал дека тоа е мудро да се направи, а другото е неразумност. Секој треба да го сфати сериозно и да го исползува времето во подготовка и приправност, бидејќи времето одминува и, ако го изгубиме (а не го исползуваме разумно!) сегашното, ќе го загубиме и идното. Да не го преспиеме времето, како што заспале неразумните пет девојки. Во овој живот му ја даваме вредноста и на идниот!

И најпосле, го опишал и Последниот суд (Матеј 25,31-46), денот на судот Божји, кога ќе им суди на сите луѓе од првиот до последниот. Тогаш, на добрите ќе им рече: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството“, а на другите: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган…“ (Матеј 25,35,41). Праведниот Судија е Бог, непоткуплив и сезнаен, пред Кого ќе излезе секој и ќе се откријат сите наши дела, и тајни и јавни, и видени и сокриени, та секој ќе го прими заслуженото, без приговор, оти ќе биде сè јасно и јавно.

Говорејќи им на апостолите за последните времиња, Христос, на крајот, пак ги вратил на настаните што претстојат и завршил со зборовите: „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распјатие“ (Матеј 26,2).

По ваквите говори на Христа против оние што го лажеле народот и го оттргнувале од Бога, место да го приведуваат кон спасението, тие силно се разгневиле и озлобени на Него, се вели дека уште истиот ден, уште во вторникот, многупати намислувале да Го фатат и да Го убијат, но се плашеле од народот, зашто луѓето Го прифатиле Христа (Матеј 21,46; Марко 12,12; Лука 20,19).

Ноќта настапувала и Христос со апостолите, повторно, заминал да ноќева во Витанија, каде што било побезбедно и попријатно за сите, бидејќи таму, пред пет дена, го воскреснал Лазара, којшто бил веќе четири дена в гроб. Луѓето со восхит Го очекувале кај нив и сите поверувале во Него.

Тоа, пак, ги исплашило јудејските црковни и народни великодостојници во Ерусалим и ги разгневило. Затоа, сите излегле да Го видат кога дошол и да Го чујат што ќе говори. А кога Го виделе и чуле, тоа уште повеќе ги раздразнило нивните злочувства и зломислија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Едноставна прошетка се претвори во драматичен инцидент за 19-годишник од Сантијаго, главниот град на Чиле.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Младиот човек безгрижно одел по тротоарот кога, од никаде, пред него се појавило тркало од автомобил и со голема брзина излетало од правец на улицата.

Тој поминал со полесни повреди

Снимка од надзорна камера го забележала драматичниот момент во кој момчето било соборено на земја од силата на ударот, по што загрижените сограѓани му се приближиле.

И покрај сè, 19-годишникот преживеал и бил пренесен во клиниката Санта Марија, каде што добил прва помош за повреди на челото, лицето и градите.

Надлежните органи го идентификувале возилото од кое се откинало тркалото, како и возачот, а започната е истрага за да се утврдат околностите на бизарниот инцидент.

Тркалото удрило и во два автомобила

Според изјавата на возачот, автомобилот бил паркиран во гаражата непосредно пред несреќата. Додека возел, едно од тркалата одеднаш се откинало, објавува Иефимерида.

Прво удри во два автомобила, потоа се одби и со голема брзина летна на широкиот тротоар на авенијата Лос Леонес. Во следниот момент, силно го удри 19-годишникот одзади, соборувајќи го на земја.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Десетици китови-пилоти се пронајдени насукани на плажа на Северниот остров на Нов Зеланд, а спасувачите се обидуваат да ги вратат малкуте преживеани во морето, соопшти Одделот за заштита на природата.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Најмалку 20 китови-пилоти се насукани по должината на брегот на Нгави, во близина на ’ртот Палисер, најјужната точка на Северниот остров, според „The Straits Times“.

Одделот соопшти дека соработува со локалното племе Маори и Проектот Џона, организација специјализирана за спасување на насукани китови. Досега, две животни се успешно вратени во морето.

Според локалните жители, дури 50 китови се насукале на брегот преку ноќ, објави Радио Нов Зеланд.

Повеќето од животните им подлегнале на повредите, додека волонтерите се обидуваат да ги одржат преживеаните китови во живот и да спречат нивно дехидрирање користејќи кофи со вода и крпи.

„Ужасно е. Оние што се уште се живи едвај дишат“, изјави жителот на Нгави, Роб Барг, за Радио Нов Зеланд.

Проектот Џона објави на Фејсбук на 5 ноември дека четири од китовите се уште се живи и дека спасувачите ќе се обидат да ги вратат во морето при плима. Насукувањето на китови е релативно честа појава во Нов Зеланд и соседна Австралија, поради големиот број китови-пилоти кои ги населуваат длабоките води околу двете островски земји. Причината за феноменот е сè уште непозната.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Кенискиот суд денеска го осуди водачот на сектата Пол Мекензи на 200 години затвор за убиство на 190 деца кои биле изгладнети до смрт и закопани во шумата по негова наредба. 

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Тие се меѓу околу 500 лица осомничени дека се поврзани со едно од најлошите масовни ритуални злосторства во модерната историја.

Казната се состои од 100 години затвор за убиствата од глад и уште 100 години за директните убиства, изјави судијката Дијана Кавеџа читајќи ја пресудата, објави Ројтерс.

Обвинителството изјави дека Мекензи, кој водел апокалиптична христијанска црква во шума во близина на брегот на Индискиот Океан во источна Кенија, им рекол на своите следбеници да се изгладнат себеси и своите деца до смрт за да стигнат до рајот пред крајот на светот.

Неговите соучесници им се заканувале и ги тепале жртвите за да ги принудат да ги следат неговите наредби. Изгладнетите тела биле пронајдени расфрлани во плитки гробови и фрлени во тоалети. Некои жртви биле закопани живи.

Макензи, облечен во сива поло маица и црни панталони, се насмевна додека влегуваше во шатор поставен пред судот каде што се одржуваше рочиштето.

Тој ги негираше обвиненијата за убиство, велејќи дека не ги принудил жртвите да гладуваат. Судот ја отфрли неговата одбрана.

Татко загубил шест деца

Случајот ја шокираше Кенија во април 2023 година, кога полицијата почна да открива тела во шумата Шакахола, во близина на крајбрежниот град Малинди.

Иако судењето ги опфаќа само случаите на 190 деца и една возрасна жртва, Националната комисија за човекови права на Кенија вели дека вкупно 448 тела се пронајдени во шумата.

Макензи е обвинет и за наредба за убиства на 52 лица пронајдени на друга локација, во село оддалечено 30 километри, со што бројот на потенцијални жртви се зголеми на 500. Во тој случај, тој се изјасни за невин.

Размерот на убиствата е споредлив со апокалиптичниот култен злостор во кој загинаа повеќе од 700 луѓе во Уганда во 2000 година, како и масакрот во Џонстаун во Гвајана во 1978 година, кога американски водач на секта им наредил на повеќе од 900 луѓе да пијат отров.

Стивен Мвити, 48, татко на шесте деца на Мекензи кои биле жртви и сопруг на еден од неговите осудени соучесници, рече дека неговата сопруга ги однела децата во Шакахоле, каде што умреле од глад.

Дури и ако возрасните се согласат да постат, „што е со децата?“, праша Мвити за Ројтерс пред пресудата.

„Ги изгубив моите деца и нема да можам да ги вратам, без разлика што ќе се случи со Мекензи и неговите соучесници“, рече Мвити.

„Очекувам да биде осуден на смрт или доживотен затвор, за да не излезе никогаш и да предизвика повеќе смртни случаи.“

Ден Мекензи, еден од синовите на Пол, рече дека неговиот татко не го поштедил своето семејство.

„Не завршив во Шакахола затоа што повеќе не верував дека ќе одиме во рајот. Затоа ја напуштив црквата и почнав да си го правам своето“, изјави тој за Ројтерс.

„Исто така, изгубив пријатели, како и помлад брат. Ова е правда за луѓето што ги изгубивме таму во Шакахола.“

Важен чекор, но потребна е поголема одговорност

Макензи е на радарот на властите од 2017 година, кога полицијата изврши рација во неговите простории. Властите ја затворија неговата црква во Малинди во 2019 година, по што тој се пресели во блиската шума Шакахола.

Откритијата доведоа до повици за построги контроли врз религиозните групи

Кенискиот претседател Вилијам Руто назначи работна група во мај 2023 година за да ја разгледа законската и регулаторната рамка. Одделни предлози поддржани од владата и Сенатот беа објавени во 2024 година, но сè уште не се усвоени.

Оџиро Одиамбо, раководител на единицата за брза реакција во Комисијата за човекови права на Кенија, рече дека пресудата е важен чекор, но дека одговорноста мора да се прошири, бидејќи локалните администратори, полицијата, разузнавачките службеници и верските водачи се сметаат за одговорни за тоа што не постапиле по повторените предупредувања.

„Сите овие луѓе ги изневериле граѓаните“, рече тој.

Руто во 2023 година изјави дека како претседател ја преземал одговорноста за неуспехот на владата да спречи умирање на луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер