Делчево и Разловци се подготвуваат за јубилејното одбележување на 150-годишнината од Разловечкото востание - Канал 5

Делчево и Разловци се подготвуваат за јубилејното одбележување на 150-годишнината од Разловечкото востание

Разловци и Делчево ги финализираат подготвките за одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание - симболот на македонската борба за слобода. 

Делчево и Разловци се подготвуваат за јубилејното одбележување на 150-годишнината од Разловечкото востание

Обединети под мотото „Искра за вечна слобода“ во Делчево и Разловци ќе се организираат низа настани, во кои активно се вклучени сите фактори од културата во Делчево, од образовните институции, од општинската администрација, комуналното претпријатие, општествено одговорни фирми и граѓани и секако месното население, но и институции од национално ниво.

На денешната прес-конференција градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека Разловци не е само историја, тоа е жива порака дека слободата се сонува, но и се освојува, дека идентитетот не се подарува, туку се брани со срце, крв и жртва.

- Разловци е место од каде што се разгорела искрата за слобода и го запишала со црвени букви во историјата - првото вооружено востание организирано со сопствени сили и средства во Предлиниденскиот период, Разловечкото востание, а на знамето на Разловечкото востание извезано во 1876 година од вредните раце на учителките Недела Петкова и ќерка ѝ Станислава Караиванова во Солун како јасен и гласен историски факт стои името Македонија - нагласи Гоцевски.

Настаните почнуваат од денеска со распишување литературни конкурси, ќе следуваат изложби, музички настани, историски часови во училиштата, ликовна колонија во село Разловци, а по повод јубилејот, во Делчево ќе се одржи и локален базар на рачни изработки и производи во центарот на Делчево во функција на локалниот економски развој.

- На предвидената научна трибина на 18 мај еминентни македонски историчари ќе изнесат свои научни трудови за разни аспекти на Разловечкото востание и неговите рефлексии и значење во модерен контекст. Во соработка со Генералштабот на македонската Армија во Делчево на 18 мај ќе се одржи концерт на армискиот оркестар проследен со егзирцир на Баталјонот за почести во рамките на пешадискиот состав на Армијата. Тој ден на летната сцена во Делчево го очекуваме и настапот на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како и настап на познати македонски фолк-изведувачи - нагласи Гоцевски.

Централниот настан за одбележување на 150-годишнината од Разловечкото востание на највисоко државно ниво и почести ќе се реализира во селото Разловци на 19 мај.

Во рамките на настанот предвиден е планинарски марш „По врвиците на востаниците“, со учество на припадници на македонската Армија и полицијата, Организацијата на резервните воени старешини, планинарски клубови и други граѓани, а во рамките на централниот настан за одбележување на 150-годишнината од Разловечкото востание на 19 мај предвидени се обраќања на највисокиот државен врв од центарот на село Разловци. Тогаш, како што информираат од Општината, свечено ќе биде отворен целосно реконструираниот и опремен спомен-дом „Разловечко востание“ во селото Разловци во присуство на високи претставници на македонските институции во државата и истакнати македонски општествени дејци.

- Со голема посветеност на Националниот конзерваторски центар, на Министерството за култура и туризам, но пред сè на македонската Влада, предводена од премиерот, спомен-домот во селото Разловци го добива својот заслужен нов лик како споменик на културата на нашата држава. Во дворот на црквата „Свети цар Константин и царица Елена“ на 19 мај ќе биде приреден свечен световен ручек за сите присутни гости. Селото Разловци го добива заслуженото внимание на највисоките државни институции во Македонија - истакна Гоцевски.

Разловци ќе биде домаќин на високи претставници од државата, од разни институции, уметници, гости од Општината, но и на сите добронамерници што ќе го посетат востаничкото Разловци и ќе бидат дел од свеченоста за да ја почувствуваат магијата на времето и да бидат сведоци на историјата и современоста, на спомените што ги преплетуваат индивидуалната жртва и колективната слобода, но и да го почувствуваат спојот на локалното Разловци со националното значење.

- Во оваа пригода изразувам најголема благодарност до македонската Влада и со премиерот Христијан Мицкоски, Министерството за култура и туризам, Националниот конзерваторски центар Скопје, Музејот на Македонија, началникот на Генералштабот на македонската Армија и сите локални институции, но и пријатели на Делчево, кои несебично се вклучуваат и даваат поддршка за достојно одбележување на овој голем јубилеј не само за Делчево туку за целиот македонски народ. Ги поканувам сите граѓани да бидат дел од ова одбележување,- порача Гоцевски.

За сите предвидени настани во рамките на одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание, јавноста ќе биде редовно и детално информирана преку веб-страницата на Општина Делчево, интернет-порталите, социјалните мрежи и другите медиуми.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Реформата за професионалните војници кои навршуваат 45 години веќе ги дава првите позитивни резултати

Реформата во одбраната веќе ги дава првите позитивни резултати, носејќи сигурност и трајно решение за нашите професионални војници.

Реформата за професионалните војници кои навршуваат 45 години веќе ги дава првите позитивни резултати

Денеска во Министерството за одбрана беа потпишани договори за вработување со професионални војници кои навршуваат 45 години возраст, како цивилни лица во Министерството чиј статус ќе се трансформира во цивилни лица во македонската Армија.

Денешното потпишување договори е токму резултат на реформата која професионалните војници претходно не беа во можност да ја користат. Војниците кои денеска ги потпишаа договорите за вработување на неопределено време, претходно планираа да заминат со финансиски надомест (испратнина). Наместо да ја напуштат службата, тие по 45-тата година ќе продолжат да работат како цивилни лица сè до нивното пензионирање.

Оваа суштинска реформа која е резултат на заедничката работа со претставниците на синдикалните здруженија и со Генералштабот, по повеќе децении става крај на неизвесноста и на професионалните војници им отвора нова, дополнителна можност — трансформација на работниот статус од определено на неопределено време. Притоа, досегашните законски опции, како испратнината во висина од две просечни плати во државата за секоја помината година во Армијата, како и префрлањето во органите на државната и локалната власт, и понатаму остануваат во сила за оние кои тоа ќе го изберат.

Ставот на Министерството за одбрана и Генералштабот е едногласен: не постои подобар, поискусен и пообучен персонал за извршување на задачите од луѓето кои го поминале својот работен век во Армијата. Професионалните војници се еден од столбовите на нашата безбедност и ова е вистинскиот начин државата да им се оддолжи за нивниот придонес.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ChatGPT ѝ рекол на жена со епилепсија да ја намали дозата на лековите? Таа почина, нејзиното семејство поднесе тужба против OpenAI

Поднесена е тужба против компанијата OpenAI и нејзиниот извршен директор, Сем Алтман за смрт предизвикана од несовесно постапување . 

ChatGPT ѝ рекол на жена со епилепсија да ја намали дозата на лековите? Таа почина, нејзиното семејство поднесе тужба против OpenAI

Тужбата следи по наводите дека нивниот чет-бот, ChatGPT, му советувал на 31-годишен пациент со епилепсија да престане да ги зема своите лекови. Тужителите тврдат дека таа го послушала овој совет, по што починала. Тужбата е поднесена од Кун Ван и Мејчин Сју во врска со смртта на нивната ќерка, Бовен Ван – инженерка во „Амазон“ која боледувала од епилепсија уште од 14-годишна возраст, пренесува „International Business Times“.

Според тужбеното барање поднесено до Вишиот суд во округот Сан Франциско, моделот GPT-4o на ChatGPT генерирал детален 25-дневен план за постепено прекинување на употребата на лекот ламотригин, намалувајќи ја дозата од 400 милиграми на нула. Овој план не бил одобрен од ниту еден лекар.

Ван ја зела својата последна доза околу 10 февруари, а починала на 12 февруари. Истражниот лекар (коронер) утврдил дека причина за смртта е „ненадејна неочекувана смрт кај епилепсија“ (SUDEP).

Аутопсијата покажала дека нивото на лекот во нејзиниот организам било пет пати пониско од минималната терапевтска доза.

Во тужбата, исто така, се тврди дека четботот ја охрабрил Ван да го скрие својот план од нејзините лекари. Се тврди дека, пред лекарскиот преглед, моделот ја советувал да не го споменува намалувањето на дозата и ја пофалил за одбивањето на крвен тест што би открил пад на нивоата на лекови.

Нејзиниот невролог, д-р Николас Пулос, изјавил за „Њујорк тајмс“ дека, со оглед на нејзината медицинска историја, никогаш не би размислувал за постепено прекинување на нејзината терапија. Правната теорија зад тужбата се базира на интерниот документ на OpenAI, „Model Spec“, кој ги дефинира правилата на однесување за моделите на вештачка интелигенција.

Адвокатите на семејството истакнуваат дека овој документ ја третира забраната за репродукција на текст заштитен со авторски права како строго правило што корисниците не можат да го заобиколат. Спротивно на тоа, упатствата против давање регулирани медицински совети имаат помала тежина.

Во тужбата се тврди дека советите во врска со лековите требало да подлежат на исто толку строга забрана. Понатаму се наведува дека компанијата можела да ја спречи нејзината смрт доколку го прогласела за недозволено давањето упатства за лекови што се издаваат на рецепт. Портпаролот на OpenAI, Дру Пусатери, го опиша случајот како „исклучително вознемирувачка ситуација“, но напомена дека Ван користела модел кој во меѓувреме е повлечен. Моделот GPT-4o, кој беше критикуван поради тоа што бил премногу попустлив, беше отстранет од апликацијата на 13 февруари – ден по нејзината смрт.

Наводите во тужбата сè уште не се докажани на суд, а OpenAI сè уште нема дадено официјален одговор.

Овој случај е една од неколкуте тужби поднесени во врска со моделот GPT-4o. Од OpenAI изјавија дека повеќе од 300 милиони луѓе секоја недела поставуваат прашања поврзани со здравјето на ChatGPT.

Во јануари 2026 година, компанијата го лансираше „ChatGPT Health“, посебен дел наменет за медицински прашања, при што нагласија дека тоа не претставува замена за стручна медицинска грижа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ОКТА, МВР и РСБСП со нова кампања за поголема безбедност во сообраќајот

„Внимавај за да стигнеш. За да стигнеме сите“ е главната пораката на новата општествено одговорна кампања во рамки на едукативната платформа „Јас внимавам“.

ОКТА, МВР и РСБСП со нова кампања за поголема безбедност во сообраќајот

„Внимавај за да стигнеш. За да стигнеме сите“ е главната пораката на новата општествено одговорна кампања во рамки на едукативната платформа „Јас внимавам“, која започнува на 29 октомври, а ќе ја спроведува ОКТА, во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБПС). Тргнувајќи од идејата дека во сообраќајот секој од нас е дел од поширока целина, кампањата го става акцентот на вниманието, присутноста и одговорноста за сопствената и за безбедноста на другите учесници.

Преку платформата „Јас внимавам“, ОКТА континуирано инвестира во подигнување на јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот. Годинава кампањата е насочена кон поттикнување на поголема лична одговорност и самосвесност кај сите учесници во сообраќајот, охрабрувајќи ги да застанат за момент и да размислат што можеби превидуваат додека управуваат возило, преминуваат улица или се движат со велосипед, мотоцикл или тротинет.

„Веруваме дека преку одговорно однесување и поголема грижа кон луѓето околу нас можеме заеднички да придонесеме кон побезбедна сообраќајна средина Бидејќи, нашата цел не е секој поединец безбедно да стигне до својата дестинација, туку сите безбедно да стигнеме до својата цел,“ изјави Димитриос Пасхос, главен извршен директор во ОКТА.

Со креативниот концепт „Што пропушташ кога не внимаваш?“, кампањата ги поттикнува граѓаните да препознаат ризици што лесно остануваат незабележани во сообраќајот, како и опасностите од одвлекување на вниманието, особено од мобилните телефони. Истата ќе се спроведува преку различни комуникациски канали, како и преку теренски активности насочени кон подигнување на свеста за важноста на безбедното учество во сообраќајот.

„Безбедноста во сообраќајот започнува со почитување на правилата, но и со свесност дека секоја наша постапка може да влијае врз другите. Возачите треба постојано да ја следат сообраќајната ситуација, да ги проверуваат ретровизорите и мртвите агли и да не дозволат мобилниот телефон или други фактори да им го одвлечат вниманието. Истовремено, сите учесници треба да бидат внимателни и одговорни во своето движење. Преку поддршката на кампањата „Јас внимавам“ сакаме дополнително да ја нагласиме важноста на превенцијата и на одговорното однесување во сообраќајот“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Посебен акцент во кампањата се става на видливоста и правилната процена на ризиците. Не е доволно само да ги забележуваме другите учесници во сообраќајот, туку е важно и самите да бидеме видливи, да ги почитуваме правилата и да не претпоставуваме дека другите секогаш нè забележале. Ова е особено значајно за пешаците, велосипедистите и корисниците на тротинети, кои се повеќе изложени на ризици во сообраќајот.

„Секојдневното учество во сообраќајот бара постојано внимание, добра процена и одговорност. Затоа е важно да не се потпираме на претпоставки, туку да провериме уште еднаш, да го насочиме вниманието кон патот и да бидеме свесни за сите околу нас. Со ваквите иницијативи сакаме да поттикнеме сообраќајна култура во која секој учесник се грижи не само за сопствената, туку и за безбедноста на другите“, изјави Горан Ангеловски, претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Во 2017 година, ОКТА официјално започна со спроведување на националната платформа „Јас внимавам“, со цел да придонесе кон подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот и развивање поодговорни навики кај сите учесници. Во изминатите години, преку едукативни активности, кампањи и конкретни иницијативи, компанијата поддржа различни аспекти на сообраќајната безбедност, од едукација на децата и обезбедување рефлектирачки ознаки за првачињата, до подобрување на безбедноста на пешаците и поддршка за ранливите категории учесници во сообраќајот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер