Дејно од Оклахома е прогласен за тренер на годината во НБА

Предводникот на Оклахома Сити, Марк Дејно е прогласен за тренер на годината во НБА, објави најсилната кошаркарска лига на светот.

Триесет и деветгодишниот Американец во гласањето доби 473 поени. На првото место Дејно го поставија 89 од 100 испитаници.

Втор е главниот тренер на Орландо меџик, Џамал ​​Мозели, со 158 поени.

Тренерот на Минесота, Крис Финч, заврши на третото место со 105 поени.

Оклахома регуларниот дел од сезоната го заврши на првото место во Западната конференција со 57 победи и 25 порази.

Во првото коло од плејофот екипата на Оклахома води со 3:0 против Њу Орлеанс во серијата прв до четири победи. /МИА

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Претставници на Националната установа „Охридско лето“ учествуваа на Самитот на уметнички фестивали што изминатите четири дена се одржуваше во германскиот град Уседом. 

На собирот во чии рамки се одржа и 71. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА), директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, ги презентираше успесите на фестивалот, неговата специфиност, посебеност, препознатливост...

„’Охридско лето’ е фестивал единствен на нашите простори, еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот, фестивал со вековна отвореност кон културите создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра. А членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека фестивалот „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација. Високото место кое „Охридско лето“ го зазема меѓу повеќе од 140 фестивали членки на ЕФА ја потврдува неговата посебност и специфичност“, рече Поповиќ.

Во својот говор директорката Поповиќ потенцира дека фестивалот „Охридско лето“ повеќе од половина век претставува најголемата културна музичко-сценска манифестација препознатлива во светски рамки, цврсто чекорејќи кон остварување на мисијата - културна Европа со заеднички врвни културни вредности.

Поповиќ потсети дека „Охридско лето“ секоја година пречекува над илјада врвни уметници од целиот свет кои се воодушевени од прекрасната организација благодарение на посветеноста и професионализмот на тимот на Фестивалот.

На четиридневниот собир првите луѓе на ЕФА и над 300 делегати и претставници на најдобрите европски фестивали дебатираа за одржливоста на различните култури преставувајќи ги фестивалските градови и региони со сите нивни карактеристики. На собирот беше потенцирана улогата на уметноста, фестивалите и фестивалските чинители во општеството, со посебен акцен ставен на влијанието на вештачката интелегенција врз уметноста.

„Долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува на една голема традиција, која извира од градот Охрид, духовната престолнина на државата и важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција. Токму ЕФА е местото од каде се промовира врвната уметност, се негува традицијата, се градат мостови помеѓу културите на различните народи и се создава визија за иднината на светската уметничка сцена “, истакна Поповиќ.

ЕФА асоцијацијата вклучува над 140 фестивали од 40 земји, во која фестивалот „Охридско лето“ членува од 1994 година.

Герасимовски: Пријавувајте проблеми со јавна чистота, досега пријавени 159 проблеми

Граѓаните можат да пријават косење на трева, реконструкција и санација на урбана опрема или собирање смет на Јавните површини под надлежност на Општина Центар на телефонскиот број 076350767. 

Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ги потсетуваат граѓаните дека проблемите поврзани со Јавната чистота и други комунални проблеми можат да ги пријават на општинските служби и хигиеничарите на ПОЦ истите да ги решат. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски известува дека досега на телефонската линија во ПОЦ се јавиле 159 граѓани кои побарале одредена услуга и за истата добиле решение.

„Ги повикувам граѓаните да ги пријавуваат проблемите. Хигиеничарите ги извршуваат своите дневни обврски по реони меѓутоа сме свесни дека многу брзо откако ќе исчистат на одредена локација за кратко време може да се направи мала депонија или слично, затоа упатувам апел граѓаните да ги пријавуваат проблемите на телефонскиот број со цел службите побрзо да ги решаваат проблемите со Јавната хигиена. Во делот на урбаната опрема службите на ЈП ПОЦ може да ги побарате и доколку во вашата околина има кршена клупа која треба да се реконструира, искршена лулашка или слично. Верувам дека ова ќе придонесе да имаме побрзи резултати и зголемување на Јавната хигиена во општината“, повикува градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски исто така праќа апел, граѓаните да пријавуваат собирање на кабаст отпад во сопствените домови, а не кревети, вц школки и одредени габаритни работи да исфрлаат сами и истите да стојат на одредена локација со денови. Општината Центар потенцира дека доколку граѓаните бидат начекани дека оставаат кабаст отпад пред контејнерите истите ќе бидат санкционирани од страна на комунален инспектор. Во меѓувреме цистерната на ПОЦ неколку пати во неделата ги мие улиците и контејнерите со цел да ја отстрани непријатна миризба и да ги освежи улиците од насобрана прашина.

Со почит,

Одделение за односи со јавност

Општина Центар - Скопје

ОН: Речиси 5,9 милиони деца во Нигерија се соочуваат со криза со храна и неухранетост

Обединетите нации објавија дека 5,9 милиони деца во североисточна Нигерија се соочуваат со сериозна криза со храна и неухранетост.

Во Абуџа, главниот град на Нигерија, ОН организираа настан наречен „План за безбедност на храната во сушната сезона 2024 година“.

Координаторот на ОН за хуманитарна помош за Нигерија и резидентен координатор Мохамед Фол, говорејќи на отворањето на програмата, рече дека сојузните држави Адамава, Борно и Јобе во североисточниот дел на земјата биле погодени од „терористички инциденти“.

Фал рече дека 5,9 милиони деца во тие сојузни држави се соочуваат со сериозна криза со храна и неухранетост, што е најголема бројка во светот.

-Исто така, околу 700.000 деца на возраст под пет години се неухранети во сојузните држави Адамава, Борно и Јобе, посочи тој.

Фал истакна дека за реализација на овогодинешниот проект е потребен фонд од 306 милиони долари, наменет за 2,8 милиони луѓе, за да се спречи кризата со храна и неухранетост во земјата да се претвори во катастрофа.

притисни ентер