– Продолжуваме со имунизација на лица кои аплицирале по електронски пат од општините Дебар и Центар Жупа и дневно ќе бидат опфатени по 60 лица. Вакцинацијата ќе се одвива во Модуларната болница, која е во кругот на нашата болница од 8 до 13 часот, изјави за МИА директорот на болницата, Баки Алили.
Потенцира дека претходно биле вакцинирани 200 лица повозрасни од 70 години со вакцина на „Астра Зенека" и кај ниту едно од нив не биле забележани нуспојави.
-Што се однесува до епидемиолошката состојба таа пополека, како и на ниво на држава, се смирува. Во ковид – центарот во инфективното одделение во нашата болница моментно хоспитализирани се пет пациенти, сите на кислородна подршка, додека на дневна терапија се шест ковид пациенти, кои добиваат терапија, малку одмораат и заминуваат дома, додаде Алили.
Во последните десет дена регистрирани се само три нови случаи. Од почетокот на пандемијата во двете општини опасниот вирус е дијагностициран кај 931 лице, починале 42, а активни на болеста се 32 лица.