Со овој потег на социјалдемократската влада на премиерот Мете Фредериксен, таа сака да ги одврати мигрантите воопшто да не доаѓаат во Данска. Во пракса, ова би значело дека едно лице треба да побара лично азил на данската граница и потоа да биде пренесено во центар надвор од Европа, каде што ќе чека решение.
Доколку апликацијата е одобрена, апликантот ќе има право да живее во земјата домаќин, но не и во Данска. Законот се очекува да помине во парламентот без никакви проблеми бидејќи има поддршка од крајната десница.
Данска има репутација на една од најсреќните земји во светот, но во последниве години го привлече вниманието со својата стратегија за „нулта бегалци“.
Целта на новиот закон е да се воспостави правна основа за трансфер во трети земји на лицата кои бараат меѓународна заштита во Данска. Доколку барањето е одбиено, лицето ќе мора да ја напушти земјата домаќин.
Досега, ниту една земја не се согласила да соработува со Данска, но владата објавила дека преговара со пет до десет држави. Официјално не е објавено за кои држави станува збор, но данските медиуми пишуваат дека станува збор за Египет, Еритреја, Руанда, Етиопија ...
Данскиот министер за миграција, Матијас Тесфаје, претходно изјавил дека овие земји „не мора да бидат демократии, како што ние ги гледаме, но сè ќе биде договорено во согласност со меѓународните конвенции“.
Новиот закон е пресврт од 180 степени за социјалдемократите на Мете Фредериксен. Со години данската популистичка Народна партија имаше монопол на антиимигрантската политика, но во меѓувреме нивниот став стана норма, вели политичкиот аналитичар Каспер Хансен.
„Ова е продолжение на таа политика, нешто како Доналд Трамп и неговиот ѕид.
Пред две години, само 2.716 лица побарале азил во Данска, осум пати помалку отколку во 2015 година. Иако иницијативата се одвива во Данска, постои загриженост во меѓународната заедница. Според УНХЦР, тоа е „спротивно на меѓународните принципи на соработка со бегалците “.
„Со такви драстични и рестриктивни мерки, Данска ризикува да започне домино ефект што ќе го следат и други земји во Европа и соседните региони“, рече Хенрик Нордентофт, претставник на УНХЦР во нордиските и балтичките земји.