Данска го презема претседавањето со ЕУ со идеја за „силна Европа во светот што се менува“ - Канал 5

Данска го презема претседавањето со ЕУ со идеја за „силна Европа во светот што се менува“

Под мотото „Силна Европа во светот што се менува“, Данска од утре, па до 31 декември 2025 година ќе претседава со Советот на Европската Унија, во кој период ќе работи на изградба на безбедна, конкурентна и зелена Европа.

Данска го презема претседавањето со ЕУ со идеја за „силна Европа во светот што се менува“

- ЕУ се соочува со нов меѓународен поредок обележан со неизвесност, глобална стратешка и економска конкуренција и зголемени нивоа на конфликти. Затоа ЕУ мора да биде способна да дејствува самостојно. Силата на ЕУ, меѓу другото, лежи во европското единство, солидна економска основа, стабилни демократии и социјално балансирани општества. Оваа сила мора да продолжи да се развива и да се користи за промовирање и одбрана, како на европските интереси, така и на меѓународниот правен поредок, се наведува во Програмата за работа на Данското претседателство.

Во документот се посочува дека Данското претседателство ќе работи на силна и решителна ЕУ што ја презема одговорноста за сопствената безбедност и за зајакнување на својата конкурентност, за што ќе биде потребно претворање на зборовите во дела и справување со предизвиците со кои се соочува Унијата.

Како приоритети на Данското претседавање се наведени зајакнувањето на европската безбедност, подобрувањето на конкурентноста и зачувување на водечката позиција на Унијата во зелената транзиција, за која се вели дека е од суштинско значење за градење побезбедна и поконкурентна Европа.

При промоцијата на приоритетите на Претседателството, данската министерка за европски прашања Мари Бјер посочи дека Данска го презема претседавањето со ЕУ во услови на нова геополитичка реалност, со променливи политички ветрови што дуваат од САД и со се поагресивната Русија.

- Приоритетите на Владата во претседавањето со ЕУ се внимателно избрани како одговор на итните предизвици со кои се соочува Европа. За нас е важно да обезбедиме пред 2030 година Европа да може да се одбрани. Исто така, постои итна потреба да се подобри конкурентноста на Европа. Поради овие причини, зајакнувањето на одбраната на Европа и отстранувањето на оптоварувачките регулативи, истовремено со одржувањето на зелената транзиција, ќе бидат два од најважните приоритети за Данското претседателство со ЕУ, изјави Бјер.

Данското претседателство со ЕУ најавува и продолжување на поддршката за Украина и изнаоѓање нови и иновативни решенија за предизвиците на Унијата во врска со нерегуларната миграција за да може да се контролира приливот на илегални мигранти во Унијата.

Данска ќе се стреми и за постигнување напредок во рамките на процесот на проширување, за да можат да се преземат конкретни чекори напред во преговорите со земјите кандидатки за членство.

- Колку далеку ќе можеме да стигнеме, ќе зависи и од самите земји и резултатите што ќе ги постигнат во сеопфатните реформски процеси што ќе ги доближат до ЕУ, се посочува во Програмата за работа на Данското претседателство.

Проширување

Според Данска, понатамошното проширување на ЕУ е геополитичка неопходност, како единствениот начин ЕУ ефикасно да придонесе за стабилизирање на европскиот континент и зајакнување на отпорноста на земјите ранливи на несакано надворешно влијание.

- Затоа, Данското претседателство ќе работи амбициозно на промовирање на проширување на Унијата врз основа на заслуги и ќе ја подготви ЕУ за проширување преку внатрешни реформи. Согласно тоа, Данското претседателство ќе ги унапреди преговорите за проширување со Украина, Молдавија и Западниот Балкан, се вели во Програмата.

Во документот се посочува дека проширувањето е тесно поврзано со напорите за почитување на фундаменталните вредности на ЕУ за демократија и владеење на правото.

Општи работи

Зајакнувањето на отпорноста на ЕУ за справување со актуелните и идните кризи ќе биде централен фокус на Претседателството, а за да се зајакне конкурентноста тоа ќе се фокусира на агендата за поедноставување и потребата од подобро и поедноставно законодавство на Унијата.

- Исто така, ќе работиме на зајакнување и продлабочување на односите на ЕУ со Велика Британија и другите западноевропски земји кои не се членки на ЕУ, се наведува во Програмата.

Данското претседателство ќе се посвети и на првите фази од преговорите за предлогот за Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ (МФФ) за периодот по 2027 година, како и за посовремена и поефикасна европска политика за кохезија.

Надворешни работи

Во делот на Програмата посветена на надворешната политика на ЕУ се наведува дека во услови на руската инвазија врз Украина и променливиот геополитички пејзаж карактеризиран со неизвесност, глобална стратешка конкурентност, трка во технолошкиот развој и зголемени конфликти, Данското претседателство ќе работи на изградба на поцврста и поотпорна Унија која ќе преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.

- Целта е до 2030 година Европа да може да се одбрани сама. Ова исто така ќе претставува кредибилен придонес кон евроатлантската безбедност. Европската одбранбена индустрија мора да се зајакне. Политичката, воената, економската и цивилната поддршка за Украина, како и политиката на ЕУ за одржување на притисокот врз Русија, вклучително и преку санкции, мора да продолжат, се наведува во документот.

Претседателството ќе се насочи и на зајакнување на глобалните партнерства, постигнување договори за трговска и економска соработка и на мобилизација на финансирање, како и на заштита на меѓународниот поредок базиран на правила и ефикасниот мултилатерализам.

Економски и финансиски прашања

Данското претседателство ќе работи на обезбедување силни и отпорни европски економии, спроведувањето на фискалните правила, намалувањето и поедноставувањето на товарот, подобрувањето на регулативите за европските бизниси и мобилизација на приватни инвестиции, за што се потребни економски реформи и здрави и одржливи политики.

- Претседателството ќе се фокусира и на мобилизација на финансии за зајакнување на европската одбрана. Ова вклучува унапредување на Планот за ревооружување на Европа и одржување на финансиската поддршка за Украина, земајќи ја предвид долгорочната обнова на земјата во целосен обем по нелегалната руска инвазија, се додава во Програмата.

Правда и внатрешни работи

Данска ќе работи на обезбедување безбедна и стабилна Европа со приоритет на справувањето со нерегуларната миграција и обезбедувањето ефикасна контрола на надворешните граници на ЕУ.

Претседателството, исто така, ќе продолжи и со борбата против сериозниот и транснационалниот организиран криминал, шверцот на дрога и другите кривични дела извршени од организирани криминални мрежи, кои влијаат врз луѓето и општеството.

Данското претседателството ќе се фокусира на спречување на злоупотребата на новите технологии, обезбедување заштита на основните права, зајакнување на внатрешната безбедност и отпорност и справување со сегашните и идните кризи, катастрофите и другите безбедносни закани.

Вработување, социјална политика, здравство и права на потрошувачите

Данското претседателство со своите програми во сферата на вработувањето, социјалната политика, здравството и правата на потрошувачите ќе се насочи на зголемување на конкурентноста на Европа, преку обезбедување конкурентен пазар на трудот, обезбедување пристојни и фер услови за работа, заштита на работните места и развој на вештини согласно потребите на пазарот на трудот за во иднина.

Во делот на здравствени предизвици, Данското претседателство ќе се фокусира на биолошките науки, зајакнување на безбедноста во снабдувањето и на капацитетите за иновации во ЕУ, обезбедување пристап до лекови и зајакнување на отпорноста на здравствениот систем.

- Претседателството има за цел да промовира социјална кохезија, да се бори против социјалната исклучивост и да обезбеди инклузивност за сите граѓани. Претседателството ќе работи на тоа да се осигури дека правата, еднаквоста и еднаквите можности ќе важат за сите, се додава во Програмата.

Конкурентност

Врз основа на Европскиот компас за конкурентност, Данска ќе се насочи на зајакнување на економските темели на Европа како клучна основа за поголема отпорноста и економската безбедност, обезбедување стабилни синџири на снабдување, зајакнување на глобалната позиција на ЕУ и создавање можности за раст преку иновации базирани на истражување.

- Данското претседателство ќе ја промовира зелената транзиција како клучен двигател на растот, фокусирајќи се на декарбонизација на индустријата и воспоставување соодветни рамковни услови за да се обезбеди пристап до основни суровини и прифатлива енергија, се вели во програмата.

Претседателството ќе се фокусира на поедноставување на законската регулатива за работењето на бизнисите и зголемување на иновациите во критичните технологии, како вештачката интелигенција, квантната технологија, биотехнологијата и вселенската технологија.

Транспорт, телекомуникации и енергетика

Данска ќе продолжи со напорите за зајакнување транспортниот сектор, дигиталната инфраструктура, телекомуникациите и внатрешниот енергетски пазар на Европа. Данското претседателство ќе се фокусира на зголемување на конкурентноста во транспортот, зајакнување на телекомуникациската инфраструктура и дигиталната конкурентност и заштитата на децата и младите луѓе на интернет.

- Во однос на енергетиката, Претседателството ќе работи на унапредување на иницијативите и мерките што можат да ја зајакнат безбедноста на снабдувањето, конкурентноста и зелената транзиција на Европа. Ова вклучува континуиран фокус на обезбедување доволно производство на чиста, прифатлива енергија и независност на ЕУ од руската енергија, се додава во документот.

Земјоделство и рибарство

За време на претседавањето со ЕУ, Данска ќе работи на олеснување на секојдневниот живот на земјоделците, рибарите и производителите на храна и ќе се фокусира на поедноставување и подобра регулатива во политиките за земјоделство, храна и рибарство.

- За да се забрза зелената транзиција и да се обезбеди робустен, пазарно ориентиран земјоделски сектор, од суштинско значење е да се создаде рамка на политики што ќе ги поттикнува иновациите и развојот на храната и земјоделството, се вели во данските приоритети.

Животна средина

Данското претседателство ќе се насочи да обезбеди дека зелената транзиција придонесува за посилна, отпорна и конкурентна Европа, намалувајќи го влијанието врз животната средина и подобро заштитувајќи ги природните ресурси, а воедно обезбедувајќи континуирано намалување на емисиите на стакленички гасови во сите сектори.

Во тие рамки ќе се работи на унапредување на европските решенија за клучните предизвици поврзани со климата, ресурсите, загадувањето, природата и биодиверзитетот, при што посебен акцент ќе се стави на остварување на климатските цел на ЕУ до 2040 година и постигнување на климатска неутралност до 2050 година.

Образование, млади, култура и спорт

Данското претседателство планира да се насочи на зајакнување на европската соработка во областа на образованието, со посебен поттик на стручното образование и обука согласно потребите на индустријата.

- Претседателството ќе ја нагласи пошироката општествена улога на културата и ќе охрабри понатамошна работа на медиумските аспекти на Европскиот штит за демократија, што може да ги заштити демократиите од дезинформации и странско мешање преку слободни, плуралистички и сигурни медиуми, како и на промовирањето на поголема транспарентност и демократско донесување одлуки во меѓународниот спорт, се додава заклучоците.

Данска го презема претседавањето со Советот на ЕУ од Полска, чии приоритетите беа поврзани со зајакнувањето на безбедноста на Европа во сите нејзини аспекти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Беше прекрасен татко, но падна во депресија по отказот“- мајка за сопругот кој ги уби нивните две деца

Мајката на две деца чиј татко ги убил фрлајќи ги од покривот на гаража, а потоа извршил самоубиство, проговори за околностите околу нивната трагична смрт!

„Беше прекрасен татко, но падна во депресија по отказот“- мајка за сопругот кој ги уби нивните две деца

Шестгодишната Каролин Линч и нејзиниот брат Џејмс Линч, на осум години, беа пронајдени во вторник, 3 ноември, пред општинска зграда во Маунт Либан, Пенсилванија, со повреди за кои се сомнева дека се предизвикани од падот, објави Пипл.

Нивниот татко, Патрик Линч, исто така е пронајден со слични повреди. Сите тројца починаа во инцидент што полицијата го истражува како убиство-самоубиство, соопшти шерифската служба на округот Алегени.

Според PennLive, Патрик ги фрлил децата од петкатна паркинг гаража. По убиствата, мајката на децата објави на Фејсбук дека Патрик бил депресивен откако неодамна ја изгубил работата.

На снимка од екранот од објавата, која ја споделија Daily Voice, WPXI TV и PennLive, Ана ДеМеј Линч напиша дека Патрик „донел неповратна одлука да ги убие нашите две деца и себеси“, додавајќи дека тој бил „прекрасен татко“.

„Тој беше отпуштен во август и набргу потоа, стана депресивен“, додаде таа во објавата.

На профилот на Патрик на LinkedIn е наведен како научник за податоци, кој работел на машинско учење и вештачка интелигенција, а неговата последна работа завршува во август.

Ана во својата објава на Фејсбук напиша дека успеала да го убеди Патрик да оди на терапија и дека тој имал закажан преглед за следниот ден.

„Еден ден предоцна“, напиша таа. „Никогаш не помислив дека нашата приказна ќе заврши вака“.

За Ана е отворена страница GoFundMe додека се бори со загубата на Каролин и Џејмс и се подготвува за нивните погреби.

Заедницата на Маунт Либан, исто така, се собира за да им оддаде почит на децата, за кои канцеларијата на медицинскиот испитувач соопшти дека починале од „повеќе повреди од тап предмет“.

„Таа беше само мало снопче радост. Ги сакаше луѓето“, изјави Вики Хефелфингер, која го познаваше семејството Линч преку нивното учество во училиштето за пливање.

„Секој пат кога ја гледавме, таа им мавташе на сите. Ги гледаше другите деца и беше едноставно толку храбро мало девојче“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Познато е колку заработува Ламар Одом за една недела на OnlyFans (ВИДЕО)

Поранешната НБА ѕвезда Ламар Одом би можела да заработи повеќе од 180.000 евра благодарение на својот нов профил на платформата OnlyFans. 

Познато е колку заработува Ламар Одом за една недела на OnlyFans (ВИДЕО)

Поранешниот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс заработил повеќе од 45.000 евра за само осум дена, изјавил извор за TMZ.

Месечната претплата за пристап до неговите ексклузивни фотографии и видеа е околу 13,45 евра.

Одом отвори профил на OnlyFans минатиот месец, што го прави првата поранешна НБА ѕвезда што се приклучила на платформата, според медиумските извештаи.

Тој ја објасни својата одлука велејќи дека смета дека времето е вистинско за тоа. Призна дека во текот на својот живот поминал низ многу бурни периоди, но исто така рече дека подготвува уште неколку изненадувања за своите фанови.

„Сите опции се отворени“

Поранешниот кошаркар на Лос Анџелес Клиперс објави дека на неговиот профил ќе има разновидна содржина, вклучувајќи изненадувања што неговите фанови можеби не ги очекуваат.

„Сè уште нема да откривам премногу. Ќе мора да се претплатите за да дознаете. Само знајте дека сум искрен и сите опции се отворени“, рече тој.

Одом рече дека во текот на целиот свој живот често донесувал непредвидливи одлуки и дека сè уште може да ја изненади јавноста. „Отсекогаш сум бил отворена книга, но има поглавја што луѓето сè уште не ги виделе“, изјави тој.

Неговата девојка Рејчел Бредли исто така отвори профил на OnlyFans. Извор близок до двојката откри за TMZ дека постои можност тие да објавуваат содржина заедно во иднина.

Беше во брак со Клое Кардашијан

Одом јавно ја потврди својата врска со Рејчел Бредли во април, кога објави видео на Инстаграм од нив како заедно влегуваат во Crypto.com Arena во Лос Анџелес. Неколку дена претходно, тие споделија и заедничка фотографија со актерот Тери Крус и неговата сопруга Ребека Кинг Крус.

Пред врската со Бредли, Одом беше во долгогодишна врска со Лиза Моралес, со која има две деца, ќерката Дестини (28) и синот ЛЈ (24).

Тој е особено познат на јавноста по бракот со ријалити ѕвездата Клое Кардашијан, со која се ожени во 2009 година. Нивниот брак западна во криза, а во 2013 година решија да се разделат. Разводот официјално беше финализиран во 2016 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Фицо тврди: Резултатите од референдумот за пристапување во ЕУ беа фалсификат

Словачкиот премиер Роберт Фицо денес тврдеше дека референдумот за пристапување на земјата во Европската Унија бил наместен и дека немало да има пристапување доколку не било така.

Фицо тврди: Резултатите од референдумот за пристапување во ЕУ беа фалсификат

„Одржавме референдум кој, доколку не беше наместен, немаше да биде успешен. Тоа мора да се каже. Разликата беше толку мала што, според мене, беа направени одредени корекции за да се обезбеди дека исходот е онаков каков што беше потребен за Словачка да го одобри пристапувањето кон оваа организација“, изјави Фицо за телевизијата TA3.

Зборувајќи за атмосферата во Словачка во 2004 година, кога земјата се приклучи кон ЕУ, Фицо оцени дека пристапувањето било проследено со голем ентузијазам од една страна, но дека од друга страна, резултатот од референдумот бил многу тесен.

Референдумот за пристапување кон Европската Унија во Словачка се одржа во мај 2003 година, со излезност од 52 проценти, а мнозинството гласаше позитивно за пристапувањето.

Словачка се приклучи кон Европската Унија во 2024 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер