Откако пратениците пред три дена со мнозинство од 61 глас и изгласаа недоверба, сега на потег е спикерот Африм Гаши, кој треба да го констатира исходот за истото да ја извести Комисијата за избори и именувања.. Но тој засега не планира да го стори тоа. Од неговиот неговиот Кабинет и денеска го дадоа истото објаснување дека интерпелацијата за Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство.
Претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски за Канал 5пак вели дека без известување од Гаши или предлог за разрешување, не може да постапуваат.
Гаши во случајов ја користи недореченоста на новиот Деловник, каде не е експлицитно наведено дали следува разрешување откако на претседател на собраниска комисија му е изгласана недоверба, па така, сега единствена опција останува или Даути да си поднесе самата оставка или Гаши да предложи нејзино разрешување.
Сепак, според неговиот партнер Изет Меџити, таа ќе остане претседателка на комисијата.
Од нејзината партија Алијанса за Албанците која е дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ, денеска објавија став во нејзино име, но ниту тоа не ги расчисти дилемите до крај. Во одговорот од Даути нема јасен став дали таа ќе поднесе оставка од функцијата, иако се толкува дека таа е веќе разрешена со изгласувањето на интерпелацијата.
Во вакви околности, поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска, смета дека оствака од морални причини е најдоброто решение за сагата..
На Даути во петокот, со гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица и беше изгласана недоверба заради блокада на законот за бранители кој, пак, е поднесен од СДСМ. Таа со месеци одбива да го стави на дневен ред, со образложение дека и борците од ОНА треба да ги добијат истите права како бранителите од 2001вата.
Доколку Даути биде разрешена или поднесе оставка пратениците ќе треба да предложат нов претседател на Комисијата - место што му припаѓа на опозицискиот Европски фронт на чело со ДУИ.