Дачиќ: Влада мора да се формира пред одржување на изборите за град Белград

Шефот на српската дипломатија и лидер на СПС, Ивица Дачиќ, изјави дека новата Влада на Србија мора да се формира пред одржување на изборите во Белград (2 јуни).

Шефот на српската дипломатија и лидер на СПС, Ивица Дачиќ, изјави дека новата Влада на Србија мора да се формира пред одржување на изборите во Белград (2 јуни), бидејќи рокот за формирање на Владата е почетокот на мај, односно 90 дена од денот на конституирањето на Народното собрание, јави дописникот на МИА од Белград.

Ивица Дачиќ изјави дека за Србија некои прашања во моментов се приоритет како членството на Косово во Советот на Европа, но и покрај тоа постојат рокови за избор на нова влада.

-Тој рок мора да се испочитува, ако не се испочитува, тогаш ќе одиме на нови парламентарни избори, а знаете дека јас не сум поддржувач на тоа, додаде Дачиќ.

Кога станува збор за најавениот бојкот на белградските избори од страна на претставници на опозицијата, Дачиќ рече дека не знае дали тоа навистина ќе се случи или не.

-Постојат различни вакви експерименти долго време и тие генерално никогаш не завршиле успешно за оние кои учествувале во нив. Јас сум повеќе за сето ова внимателно да се размислува и сите да учествуваат на изборите за да не се создаваат нови потенцијално спорни ситуации кои нема да ни овозможат да имаме една нормална политичка работа во следните четири години, рече Дачиќ.

Тој додаде дека максимално се залага само за регуларни избори во Србија и за воспоставување таква практика, бидејќи, според него, тоа е демократска традиција.

Се зголемува бројот на загинати во нападот врз Одеса

Пет лица загинаа во вчерашниот руски ракетен напад врз градот Одеса во југозападна Украина, се вели во најновиот биланс објавен денеска од локалните власти.

Бројот на жртвите од вчерашниот руски ракетен напад врз Одеса се искачи на пет, бидејќи едно лице почина во болница, напиша регионалниот гувернер Олег Кипер на социјалните мрежи.

Во нападот се ранети 23 лица и тие се уште се лекуваат, додаде тој.

Одеса, црноморско пристаниште од витално значење за украинскиот извоз, е честа цел на руски напади.

Јавниот превоз во Скопје утре по неделен возен ред

 Поради празникот 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, утре јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа по неделен возен ред.

Од ЈСП Скопје информираат дека жичницата ќе работи со вообичаено работо време, а дежурни ќе бидат две билетарници. Од 7 до 14 часот ќе работат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.

Од јавното претпријатие додаваат дека жичницата ќе работи два часа повеќе од досега, односно од 10 до 20 часот.

-Во период од 19-19.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 19.45 часот е последно возење од врвот надолу, велат од ЈСП Скопје.

Работното време е согласно со Одлуката за работно време на Жичарницата во период мај – септември.

Лестер нов шампион во Чемпионшип

Лестер ја освои титулата во Чемпионшип на едно коло пред крајот на регуларниот дел од сезоната, откако синоќа го совлада Престон со 3:0 на гостински терен. 

„Лисиците“ сега имаат недостижни седум бода предност пред Лидс и Ипсвич.

Лестер официјално ќе го добие трофејот в сабота на гостувањето кај Блекбурн. Доколку Лестер победи и на овој натпревар, тимот ќе заврши со импресивни 100 бода. Со ваквиот развој на настаните, Лестер ќе го израмни и рекордот стар 104 години кој го постави Тотенхем во сезоната 1919/20 за најмногу победи во една сезона во второто по квалитет фудбалско натпреварување во Англија.

Лестер, исто така, може да стане првиот клуб кој двапати собрал 100 или повеќе бодови на првото место во Чемпионшип.

Интересно е да се напомене дека втора сезона по ред шампионската титула ја освојува екипа предводена од ученик на Хосеп Гвардиола. Пред една година ова го направи Винсент Компани со Барнли, а сега Енцо Мареска го постигна истиот успех со Лестер.

Триесет и седумгодишниот Џејми Варди веќе има 20 гола оваа сезона во сите натпреварувања.

притисни ентер