Да се забрани или не: Членките на ЕУ дебатираат дали да им ги забранат социјалните мрежи на децата - Канал 5

Да се забрани или не: Членките на ЕУ дебатираат дали да им ги забранат социјалните мрежи на децата

Како што Европа сѐ повеќе се фокусира на интернетските ризици по децата, носителите на политики сѐ повеќе се залагаат за построги правила за проверка на возраста за да се заштитат децата онлајн. 

Да се забрани или не: Членките на ЕУ дебатираат дали да им ги забранат социјалните мрежи на децата

ЕНР - Брисел

Како што Европа сѐ повеќе се фокусира на интернетските ризици по децата, носителите на политики сѐ повеќе се залагаат за построги правила за проверка на возраста за да се заштитат децата онлајн. Почнувајќи од препораките на ниво на ЕУ па сѐ до националните пилот-програми за дигитална потврда на возраста, расправата околу ваквите мерки – какви и колку драстични да бидат – се разгорува.

Најдрастичниот предлог за кој се залагаат неколку земји членки, меѓу кои и Франција и Шпанија, е на децата целосно да им се забрани да имаат пристап до социјалните медиуми.

Приврзаниците велат дека децата под 15-годишна возраст (во Шпанија, 16-годишна возраст) мора да се заштитат од штетното влијание на социјалните мрежи. Посочуваат истражувања во кои социјалните медиуми се поврзуваат со растревоженост, депресија и ниска самодоверба, како и со кибернасилство и онлајн-предатори.

Повеќето социјални платформи како Фејсбук, Инстаграм и Тикток не дозволуваат зачленување под 13-годишна возраст. Но, во пракса, дури и помалите деца лесно можат да ги заобиколат правилата само ако излажат колку години имаат – а многу од нив токму тоа и го прават.

И покрај тоа, портпарол на Европската комисија недвосмислено изјави пред еден месец дека ЕК нема намера да воведе забрана на ниво на ЕУ, иако им ја остави отворена можноста на државните власти да донесат сопствени закони, ако сакаат.

Проверката на возраста ќе се воведе во пет земји членки на ЕУ

Ова не значи дека ЕУ седи со скрстени раце.

Комисијата на почетокот на месецов објави дека тестира прототипска апликација за проверка на возраста, којашто првично би се вовела во Данска, Франција, Шпанија, Грција и Италија.

Прототипот би требало да овозможи анонимна проверка на возраста на корисниците, без зачувување на личните податоци како името или датумот на раѓање.

Долгорочниот план е технологијава да се вметне во дигиталната лична карта на ЕУ – како официјален документ за докажување на идентитетот онлајн, достапен при крајот на 2026 г.

И Романија размислува за построги правила за проверка на возраста и пристап на децата до социјалните мрежи. Во мигов се води собраниска расправа за предлог-закон чија цел е да се заштитат малолетниците од штетни содржини на големите онлајн платформи или пребарувачи, кои имаат повеќе од 45 милиони корисници месечно.

Предлог-законот им наложува на платформите да применуваат строга проверка на возраста, да воведат родителски контроли, на старателите да им праќаат месечни извештаи за активноста на децата и навремено да реагираат на предупредувањата на властите во врска со штетни содржини.

На мета се објави што поттикнуваат насилство, нарушувања на исхраната или самоповредување, како и такви што ги изложуваат малолетниците на голотија или незаконско однесување. На платформите би им било забрането и да ги монетизираат преносите во живо во кои учествуваат малолетници без нивна согласност. Прекршувањето на правилата би можело да ги чини казна во износ до 3% од севкупниот приход. Пратениците треба да се произнесат по предлог-законот на 3 септември.

Франција, пак, за малолетниците воведе остри мерки против пристапот до порнографија. Врховниот управен суд на Франција предминатата недела донесе одлука дека големите порнографски страници како Порнхаб и Јупорн мора да воведат проверка на возраста за да им го блокираат пристапот на малолетниците, со што поништи една претходна времена мерка.

Владата инсистира да се имплементираат мерките според еден закон од 2024 г., наведувајќи статистика што вели дека повеќе од 50% од 12-годишните момчиња ги посетуваат ваквите интернетски страници секој месец. Платформите тврдат дека правилава се косат со законите на ЕУ и ја доведуваат во прашање заштитата на приватноста, па предлагаат технолошките компании како Епл или Гугл да бидат одговорни за проверката. Наспроти тоа, францускиот регулатор поддржува „обострано непознат“ надворешен систем што ќе ја заштити анонимноста на корисниците.

Данска сака да биде на чело

Данска, која го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ во јули, вети дека заштитата на децата на интернет ќе ѝ биде приоритет во текот на мандатот.

- Тешко е да се замисли свет во кој децата смеат да купат алкохол во продавница, да влезат во дискотека ако само кажат дека се доволно возрасни, без никаква проверка од службата за обезбедување, само едно „Да, имам наполнето 18 години“, рече данската министерка за дигитални работи Каролине Стаје Олсен.

- Децата заслужуваат безбедно дигитално детство. Ова е еден од моите главни приоритети за време на данското претседавање. Без вистинска проверка на возраста, не можеме да ги заштитиме децата онлајн, додаде таа.

Исто така, ЕУ издаде и препораки, согласно нејзиниот Закон за дигитални услуги, за како интернетските платформи да ја осигураат безбедноста на децата и да ја спречат нивната изложеност на опасно однесување.

Во препораките стои да се отстранат опциите „што создаваат зависност“ како „примено и прочитано“, коишто им кажуваат на корисниците кога некој ја видел нивната порака – за на малолетниците да им биде полесно да блокираат корисници или да ги стивнат пораките од нив, како и да им оневозможат да симнуваат содржини или да зачуваат снимка од екранот.

ЕУ им препорачува на платформите и да ги исклучат автоматските известувања, особено за време на ноќните часови, на апликациите да им го ограничат пристапот до фотографии или камерата, по правило, да биде исклучена.

Друг елемент е онлајн предаторството: платформите ќе мора по правило да ги обележуваат корисничките профили на малолетниците како приватни, т.е. невидливи за корисниците што не се на нивниот список пријатели, за да се сведе на минимум ризикот од иницирање разговор од страна на непознати.

Сепак, некои високи функционери велат дека се потребни посериозни мерки. Белгиската министерка за дигитализација Ванеса Мац ги опиша препораките како чекор во вистинската насока, но верува дека ЕУ треба да се осмели да отиде и подалеку.

- Препораките воведуваат строга проверка на возраста само за платформите што објавуваат содржини поврзани со алкохол, коцкање или порнографија. За другите платформи — дури и за тие со возрасно ограничување од 13 или 16 години — ЕК издава само препораки за проверка на возраста, без да ја воведе како задолжителна. Сепак, комисијата ја отвора вратата за вистинска проверка на возраста на социјалните мрежи преку националното законодавство, изјави таа. — Ја охрабрувам Белгија да ја искористи оваа можност. Ваквата законска рамка ќе биде основата за собраниската расправа што ќе се одржи наесен за да се донесе законско решение насочено на дигиталните предизвици.

Јурочајлд, мрежа организации што ги промовираат правата на децата низ цела Европа, тврди дека потврдата на возраста не треба да им ги забрани социјалните медиуми на децата, туку да препознае кога платформата ја користат деца и да ги заштити на соодветен начин, па така да биде една од низата алатки што би се користеле да се заштитат децата онлајн.

- Лично сметаме, општо земено, дека забраните не се ефикасни. Гледано од практичен аспект, технологијата за потврда на возраста не е толку напредна, а исто така се косат и со правата на децата во глобала, изјави минатиот месец Фабиола Бас Паломарес, висок службеник за политики и застапништво за онлајн безбедност во Јурочајлд, пред ЕУ да ги објави најновите препораки.

- Во мигов расправата навистина е сосредоточена на безбедноста и забраниве се последица на тоа што носителите на политики се малку уморни од онлајн платформите што не ги почитуваат правилата и не ја овозможуваат безбедноста што се бара од нив со закон.

Таа тврди дека децата имаат право на пристап до информации и до игри, така што фокусот треба да се стави на препознавање и реагирање на опасностите со кои се соочуваат децата на интернет така што ќе се натераат платформите да го почитуваат Законот за дигитални услови наместо да се воведе целосна забрана.

Се разгледува и забрана на телефони во училиштата

Неколку земји членки се насочени и кон времето што децата го минуваат пред екрани на училиште.

На почетокот на јули, словенечкото собрание усвои амандмани на Законот за основно образование со кои се ограничува употребата на електронски уреди за време на часовите. Мобилните уреди ќе бидат дозволени само ако се неопходни за наставата.

Усвоени без ниеден глас против, амандманите го воведуваат и предметот Информатика како задолжителен. Новиот задолжителен предмет по информатички и дигитални технологии на седмоодделенците — словенечкото основно образование е деветгодишно — има за цел да им обезбеди основна дигитална писменост.

Бугарското министерство за образование сака сосема да ги забрани мобилните телефони во училиштата, посочувајќи ги последиците по учењето, концентрацијата и развојот на детските мисловни и емотивни способности. Предлог-законот, кој ќе дозволи уреди само за образовни или медицински потреби, е во собраниска процедура.

Додека европските земји експериментираат со различни приоди, едно е јасно: се засилуваат напорите да се заштитат децата онлајн, а резултатите може да го преобликуваат дигиталното детство на целиот континент.

*****

Проверка на факти: Деца под 14 години нема да бидат казнети за користење телефон

Во видео на ТикТок на германски јазик се тврди дека паметните телефони би можеле да бидат забранети со закон за сите деца и адолесценти под 14 години од април 2025 година. Во видеото се тврди дека ќе бидат казнети со 500 евра ако бидат фатени како користат телефон на јавно место или во училиште.

Тимот за проверка на факти во ДПА го поби тврдењето. Германското Министерство за правда потврди дека не постои таков закон и во секој случај децата под 14 години не можат да бидат казнети во Германија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Фото: Сабаленка ужива во танга

Сабаленка позира во танга, објавата од плажа собра над 300.000 лајкови.

Фото: Сабаленка ужива во танга

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка е на заслужен одмор по исцрпувачката сезона.

По исцрпувачката натпреварувачка година, втората тенисерка во светот, Арина Сабаленка, одлучи да направи пауза од турнирите и да замине на одмор, од каде што редовно ги известува своите фанови.

Нејзината најнова објава од плажа, на која носи танга, предизвика огромна реакција на социјалните мрежи, собирајќи над 300.000 допаѓања во рекордно време.

Во описот на фотографијата, белоруската тенисерка накратко наведе дека слободното време го поминува комбинирајќи релаксација на сонце со повремени тренинзи.

Кон крајот на сезоната, таа ја загуби водечката позиција на ВТА-листата, која ја презеде Елена Рибакина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Супер дерби на „Алијана арената “во Минхен – Борусија му „украде“ бод на Баерн

Фудбалерите на Баерн и Борусија Дортмунд во германското супер дерби одиграа без победник  2:2 , во рамките на 8. коло од Бундеслигата. Милионерите од Дортмунд успеаја да надоместат негатива во самиот финиш.

Супер дерби на „Алијана арената “во Минхен – Борусија му „украде“ бод на Баерн

Се чинеше дека Баварците ќе го задржат водството, но Фабио Силва го замолкна Минхен во 89-тата минута и му донесе голем бод на Дортмунд.

Првото полувреме го одбележа поништен гол на Џоб Белингем, како и неколку добри шанси на двете страни. Во 34-тата минута, Дортмунд ја затресе мрежата преку англискиот играч за врска, но голот беше поништен по прегледување на снимката (ВАР) поради офсајд.

Четири минути подоцна, Баерн ја казни пропуштената шанса на ривалот, откако Конрад Лајмер најдобро реагираше на одбиената топка и им донесе водство на домаќините.

Дортмунд потоа успеа да возврати. Во 60-тата минута, Карни Чуквуемека ја испрати топката во шеснаесетникот, а Серу Гираси го совлада голманот со прецизен удар во долниот лев агол и го израмни резултатот.

Шест минути подоцна, Баерн повторно поведе. Хари Кејн ја упати топката со глава пред голот, а Дајо Упамекано се најде на вистинското место и погоди за 2:1. Претходно, Англичанецот имаше можност да постигне гол од пенал, но во 56-тата минута ја погоди пречката.

Кејн повторно беше блиску до погодок во 75-тата минута, но неговиот удар заврши во стативата. Кога се чинеше дека Баерн сепак ќе го задржи водството, на сцена стапи Фабио Силва.

Во 89-тата минута, Португалецот ја искористи топката што стигна до него во шеснаесетникот и со прецизен удар во долниот лев агол ги постави конечните 2:2. Баерн имаше уште една голема шанса во судиското надополнување, но ударот на Ленарт Карл заврши во пречката. Така, Дортмунд успеа да избегне пораз во Минхен, додека домаќинот може да жали за пропуштените шанси и испуштеното водство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Bentley Torcal“ го помина тестот од еден милион километри

„Bentley“ го подложи својот прв електричен теренец, „Torcal“, на ригорозна програма за тестирање во должина од над еден милион километри, со цел да се осигура целосна доверливост на возилото пред тоа да стигне до купувачите.

„Bentley Torcal“ го помина тестот од еден милион километри

Програмата вклучуваше возење во екстремни услови – од температури од -38°C во Шведска, па сè до горештини кои надминуваат 40°C во пустински предели – како и искачувања на Pikes Peak, при што беа достигнати надморски височини од над 4.200 метри.

Првата верзија што ќе се појави на пазарот, Torcal First Edition, ќе располага со 876 коњски сили и 1.350 Nm вртежен момент. Ова ниво на перформанси е резултат на опсежен процес на тестирање и валидација.

Со овој извештај за тестирањето, Bentley се надоврзува на претходните најави во врска со името на моделот, неговото производство во фабриката во Crewe, како и дизајнот на ентериерот.

Три специјализирани тима — задолжени за електричната архитектура, интеграцијата на софтверот и тестирањето — работеа паралелно на развојот.

Од Bentley истакнуваат дека оваа структура била клучна за создавање функционален електронски екосистем. Инженерите имале пристап до повеќе од 90 проценти од деловите уште во фазата на валидација на физичкиот дизајн.

Ова им овозможило да ги скенираат реалните компоненти со ласер и да ги споредат со CAD податоците, без да чекаат да биде готов целосниот прототип, пренесува Index. На тој начин, тие го забрзале процесот на добивање повратни информации за дизајнот, пред финализирањето на алатите за производство.

Батеријата „Торкал“ (Torkal) тежи приближно 625 килограми и има густина на енергија што надминува 180 Wh/kg. На тој начин, Bentley го усогласи досегот на возилото со вкупната маса на SUV-моделот, која изнесува околу 2.795 килограми. Батерискиот пакет функционира на архитектура од 800 волти и има бруто-капацитет од 113,3 kWh, од кои 109,0 kWh се достапни за користење. Моќноста на полнење преку брзи DC-полначи достигнува 400 kW.

YouTube video

Производителот наведува дека, во оптимални услови, полнењето од 10 до 80 проценти трае 16 минути. Со овие спецификации, „Торкал“ се натпреварува со други водечки електрични возила опремени со системи од 800 волти. Безбедноста на батеријата е обезбедена преку композитен штит од удари, а самата единица е дизајнирана да биде отпорна на пожар во траење од два часа.

Во случај на термички инцидент, батеријата е конструирана така што го спречува ширењето на пламенот и појавата на експлозија во текот на тој временски период. За време на тестирањето на долниот дел од возилото, челичен проектил со тежина од 111 грама и дијаметар од 30 милиметри бил испукан кон куќиштето на батеријата со брзина поголема од 160 km/h. Програмата за валидација на батеријата опфати и тестови за корозија во услови на прскање со солен раствор, како и проценки на издржливоста во различни средини.

Од Bentley наведуваат дека овие мерки гарантираат оти батерискиот пакет е во согласност со глобалните безбедносни стандарди, токму во моментот кога првичните модели од серијата „First Edition“ влегуваат во фазата на нарачување и распределба до купувачите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер