Човекот, кој се претставил како Тревис Тимерман за американскиот партнер на Би-Би-Си, ЦБС, бил пронајден од жителите во близина на Дамаск. Скај њуз објави дека бил бос.
Тимерман изјави за NBC News дека бил приведен во мај откако ги преминал планините во Сирија како дел од верски аџилак.
Еден ден откако бунтовниците ја презедоа контролата врз Дамаск и го соборија Асад, Тимерман рече дека двајца мажи ја скршиле вратата од неговиот затвор со чекани.
„Кога излеговме немаше отпор, немаше вистинска борба“, рече тој. Тој додаде дека од затвор излегол со поголема група луѓе.
Тимерман изјави за NBC News дека слушнал за други луѓе кои биле мачени во затвор, но дека тоа не било случај со него.
„Ме хранеа и ми даваа вода. Единственото нешто беше што не можев да го користам тоалетот кога сакам“, изјави за Ал-Арабија.
„Не ме тепаа, а чуварите се однесуваа пристојно со мене“, рече тој.
Тој додаде дека користел мобилен телефон за време на притворот и дека разговарал со семејството пред три недели. Тој не сакал да стапи во контакт со американските власти.
Инаку, Тимерман бил пријавен за исчезнат во мај, а последен пат е виден во Будимпешта. Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Вашингтон „работи на враќање на Тимерман дома“.
Инаку, по веста дека Американецот е ослободен, многумина помислија дека станува збор за новинарот Остин Тајс, кој исчезна во Сирија во 2012 година. Сепак, човекот им кажал на новинарите дека се вика Тревис Тимерман и негирал дека е новинар.
Да потсетиме дека илјадници затвореници беа ослободени по падот на Асад. На бројни слики се гледаат мажи и жени, а во некои случаи и деца, кои излегуваат од пренатрупаните ќелии, честопати несвесни за она што се случува во надворешниот свет.
Бунтовниците велат дека имаат намера да ги затворат озлогласените затвори на Асад и да ги пронајдат оние кои се вклучени во мачењето или убивањето на затворениците.
„Ќе ги бараме во Сирија и бараме од земјите да ги предадат оние што избегале за да можеме да ја постигнеме правдата“, изјави лидерот на бунтовниците Мохамед Ал Голани.