Циговски: Скијањето не заслужува да биде на маргините во македонскиот спорт

Скијањето не заслужува да биде на маргините во македонскиот спорт и за своето место треба да се избори со сериозна работа и создавање квалитет. 

Професионализмот но и омасовување се дел од приоритетите на новото раководство на скијачката федерација на македонија предводено од претседателот Огњан Циговски.

Македонија ги формираше меѓувладините работни групи за соработка со Бугарија

Македонија ги формираше меѓувладините работни групи за соработка со Бугарија, Софија најавува дека нема да губи ниту минута за постигнување резултати.

Во пресрет на заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија на 25 јануари, и од Скопје и од Софија се испраќаат пораки за нов пристап во решавањето на билатералните отворени прашања. Владата на вчерашна седница донесе решение за назначување на копретседавачи и членови во заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на билатералната соработка меѓу земјава и Бугарија, а бугарскиот премиер Кирил Петков пред седницата на неговата Влада порача дека и Скопје и Софија мораме да го исполнат поголемиот дел од задачите што не се завршени.

Дополнително, вицепремиерот Маричиќ оцени дека новиот пристап кон решавањето на отворените прашања со Бугарија ветува позитивен исход и дава нова вредност во заложбата на Македонија за пристапување кон ЕУ, додека министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека за неколку дена ќе има предлог за наш амбасадор во Софија.

Со Одлука на Владата на вчерашната седница се формирани заеднички меѓувладини работни групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. За копретседавачи на работните групи се именувани вицепремиерите и министри од соодветните ресори, а во нив ќе членуваат и претставници на ресорните министерства и соодветните агенции и институции.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа во интервју за Канал 5 нагласи дека целта на Владата е во работните групи, чијашто работата ќе се одвива практично на неделно ниво, да не бидат вклучени само политичари, туку и деловните заедници, стопанските комори и претставници на универзитетите и на младински организации, кои што можат да дадат придонес во зајакнувањето на добрососедските односни.

Тој потенцираше дека средбата со Петков во Скопје минала во позитивен дух и оти се разговарало за враќањето на довербата, на начин што ќе се вклучат поголем број институции и чинители од општеството кои ќе може да придонесат во тој процес, како и за реализација на проекти коишто се вредни за иднината и за животниот стандард на граѓаните.

– Јас се надевам дека во јуни и јули ќе имаме многу подобри односи со Бугарија и дека ќе бидеме чекор до решавање на отворените прашања што ги имаме, истакна Ковачевски, нагласувајќи дека иако не сака да се врзува со датуми и конкретни рокови, сепак е рационален оптимист којшто верува во остварување на целта – да стигнеме брзо до решение.

Бугарскиот премиер Петков, кој во вторникот престојуваше во посета на Скопје, во коментар на односите на Бугарија со земјава, истакна дека нема да се губи ниту минута за да се претворат новите заложби во вистински резултати, најавувајќи изработка на план со реални достигнувања што треба да се постигнат во следните шест месеци.

– Имаме можност да направиме нешто што не е направено во последните 30 години, изјави Петков, посочувајќи ги како примери транспортното поврзување меѓу двете земји, потребата од воспоставување брза железничка врска меѓу Софија и Скопје, како и директна авиолинија меѓу двата главни града.

По посетата на бугарската владина делегација предводена од Петков на Скопје и претседателот на Бугарија, Румен Радев излезе со поумерен тон, нагласувајќи дека од неа дошле „позитивни сигнали" и дека секој чекор што ја продлабочува билатералната соработка треба да биде поддржан.

Но, Радев сепак не пропушти да посочи дека заедно со сите напори за подобрување на поврзаноста, инвестициите, економијата и соработката, да не се заборави на „главните прашања што треба да се решат и ќе ја отклучат вратата за почеток на преговорите" на земјава со ЕУ.

– Се надевам дека властите во Скопје ќе покажат мудрост и политичка храброст да ги решат овие проблеми, особено правата на македонските Бугари, за да може да ја отвориме вратата за почеток на преговорите за членство. Како одговорна членка на ЕУ, мора да интегрираме партнери, а не проблеми, нагласи Радев.

Во однос на прашање за правата на Бугарите во земјава премиерот Ковачевски во интервјуто за Канал 5 изјави дека секогаш ги поддржува правата на сите помали заедници.

– Ние веќе во Уставот имаме заедници, доколку граѓани коишто имаат свое друго определување, а тоа веќе го побараа, Црногорците, Хрватите и граѓаните кои што се определуваат како Бугари, тогаш тоа барање е легитимно да биде дел од процесот за внесување во Уставот. Јас секогаш сум ги поддржувал правата на сите помали заедници. Без разлика која е таа заедница, но постои постапка и постои процедура во државата која што се нарекува уставни измени и трае подолг временски период и е потребен поширок консензус и во рамки на Парламентот. И во еден момент кога ќе влегуваме во ЕУ ние тоа и ќе го направиме со оглед на тоа дека треба да се направат уставни измени. Ние можеме да разговараме за начинот и постапката и моментот кога тоа ќе се прави меѓутоа сепак тоа треба да биде направено низ дијалог внатре во државата и нормално низ разговори кои што ги имаме со Република Бугарија, изјави Ковачевски.

Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ, пак, оцени дека посетата на Петков на Скопје дала нов импулс и енергија на односите и оттука може само да одиме во нагорна линија. Тој истакна дека државен интерес е час поскоро да се тргне ветото од страна на Бугарија, но тоа не треба да се прави по секоја цена, додавајќи дека решението мора да биде такво во кое Македонија ќе биде уважена и ќе имаме исход кој ни одговара нам и ќе биде поддржан од нашиот Устав.

Маричиќ и германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн вчера заклучија дека новиот пристап кон решавањето на отворените прашања меѓу Скопје и Софија ветува позитивен исход и дава нова вредност во заложбата на Македонија за пристапување кон Европската Унија и ќе донесе и промена на атмосферата помеѓу народите на двете земји.

Холштајн на средбата со Маричиќ нагласи дека Германија останува и понатаму силен поддржувач на Македонија во евроинтеграцискиот процес и буден надгледувач на спроведување на реформската агенда на земјава.​

Маричиќ оцени дека заедно со Германија и Франција, која е актуелен претседавач со Унијата, има важна улога во процесот на проширувањето на ЕУ, но посочи дека не треба да очекуваме некој друг да ни ги реши проблемите, туку дека треба да имаме амбиент во кој ќе имаме европско решение базирано на европски вредности.

Според Маричиќ, тоа што е важно и добро, е што Франција, која во минатото често ја избегнуваше темата за проширувањето на ЕУ, денес има појасна, поотворена и поамбициозна политика кон Балканот.

– Тоа сметам дека е важно и добро. Позитивно. Затоа и треба да работиме со Франција на овие прашања, бидејќи интересот на Франција за Балканот е зголемен во последните две-три години, потенцираше Маричиќ во гостување на „Утрински брифинг", најавувајќи дека наскоро заедно со шефот на дипломатијата Османи ќе заминат во посета на Париз за да дискутираат за француските приоритети и за тоа како Франција може да помогне во одблокирање на пристапниот процес на земјава.

Приоритетите на француското претседателство со ЕУ беа тема и на средбата на премиерот Ковачевски со амбасадорот на Франција во земјава Сирил Бомгартнер, кои изразија подготвеност за исклучителна соработка во наредните месеци на планот на евроинтеграциите на Македонија со цел за време на претседавањето на Париз со ЕУ да биде постигнат видлив напредок кој ќе не приближи до остварување на целта да се одржи првата меѓувладина конференција како почеток на преговорите за членство во Унијата.

Во рамки на новиот пристап и импулс во односите на земјава со Бугарија, министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за БТВ најави дека за неколку дена ќе има предлог за наш амбасадор во Софија, посочувајќи дека е грешка што во изминативе години земјава немала амбасадор.

Околу новиот македонски амбасадор во Бугарија, премиерот Ковачевски во интервјуто на Канал 5 рече дека нема лични фаворити и оти се уште не се знае кој ќе биде амбасадор во Софија, нагласувајќи дека му наложил на министерот Османи да направи список на потенцијали кандидати.

– Она што го побарав од министерот Османи е да направи листа на потенцијални кандидати врз основа на квалификации, врз основа на искуство. Тој треба да направи долга листа, потоа се прави кратка листа врз основа на критериуми и потоа заедно и нормално претседателот на државата треба да даде свое мислење, да го избереме најсоодветниот кандидат и амбасадор кој ќе не претставува во Република Бугарија, рече Ковачевски.

Со порака за поддршка на одржувањето на првите меѓувладини конференции на земјава, но и на Албанија со ЕУ, излезе и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој од Приштина порача дека Грција останува цврсто посветена на интеграцијата на Западен Балкан „онаму каде што припаѓа – во европското семејство".

– Наше мислење е дека Западниот Балкан мора да гледа кон иднината, а не кон минатото. Западниот Балкан, сите земји од Западниот Балкан треба да имаат добри односи со сите земји од поширокиот регион, но перспективата што претставува еднонасочен пат е Европа, истакна Дендиас, додавајќи дека европското законодавство, демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права е „политички, економски, културен компас, а не враќањето во 19 век".

Голема експлозија во рударскиот регион во Гана, има загинати и урнати стотици објекти

 Експлозија во западниот дел на Гана во четвртокот срамни со земја стотици згради кога камион кој превезувал експлозиви во рудник за злато се судрил со мотоцикл. Има загинати, но нивниот број не е познат.

Сеџи Саџи Амедону, заменик генерален директор на Националната организација за управување со катастрофи, рече дека се уништени 500 згради.

На жителите им е препорачано да ја напуштат областа заради нивна безбедност и да заминат во околните градови, се вели во соопштението на полицијата.

Од блиските градови е побарано да ги отворат јавните простори, вклучително училници и цркви за сместување на преживеаните.

Експлозијата се случи во Апиате, меѓу градовите Богос и Бауди, кога мотоцикл влетал под камион кој превезувал експлозиви во сопственост на компанијата „Максам" во рудникот за злато „Чирано", управуван од „Кинрос" од Торонто.

Портпаролот на „Кинрос" го потврди инцидентот, велејќи дека се случил на 140 километри од рудникот.

Претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо на Твитер објави дека е информиран за инцидентот и потврди дека има мртви.

„Тоа е навистина…трагичен инцидент и во име на владата изразувам длабоко сочувство до семејствата на жртвите", рече тој.

ЕСМ од денеска го презема управувањето со БЕГ

Со оваа одлука дополнителните количества на топлинска енергија ќе се обезбедат од домашно производство со склучување договори за уредување на меѓусебните односи помеѓу вршителите на енергетските дејности на пазарите .

Откако Владата вчера го одобри текстот на Договорот за деловно-техничка соработка, со кој се регулираат меѓусебните права на Производство на топлина Балкан Енерџи (БЕГ) и Електрани на Македонија (АД ЕСМ), од денеска ЕСМ треба да го преземе управувањето со топлинската енергија.

– Согласно овој договор, БЕГ ќе го стави на увид на АД ЕСМ целокупното свое деловно работење до денот на склучување на овој договор, а од денот на склучување на овој Договор ќе му даде согласност на АД ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка која што БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка, соопшти вчера владината Прес-служба.

Владата на вчерашната четврта седница исто така донесе и Одлука за обезбедување дополнителни количества топлинска енергија во услови на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

– Со оваа одлука дополнителните количества на топлинска енергија ќе се обезбедат од домашно производство со склучување договори за уредување на меѓусебните односи помеѓу вршителите на енергетските дејности на пазарите на енергија и тоа договори за деловна техничка соработка помеѓу Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија во државна сопственост – Скопје, Друштво за производство на топлинска енергија Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на топлинска енергија Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за снабдување со топлинска енергија Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје и Скопје Север АД Скопје, заради обезбедување на сигурност во снабдувањето со топлинска енергија, се наведува во соопштението.

Финансиските средства потребни за реализација на обврските од преземањето на мерката од оваа одлука на Електрани на Македонија се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија за 2022 година.

Владата донесе и Одлука за одобрување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија, со која се одобруваат финансиски средства во износ од 615 милиони денари на АД Електрани на Македонија во државна сопственост – Скопје.

– Овие средства АД Електрани на Македонија, во државна сопственост – Скопје, ќе ги користи исклучиво за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија за зголемување на производството на електрична енергија и за обезбедување мазут и други потребни средства и услови за продолжување со производството на електрична енергија од страна на ТЕЦ Неготино, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, соопшти Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа изјави дека електричната енергија и затоплувањето на Скопје се двете теми на кои се фокусираат периодов и оти сè ќе направат граѓаните да имаат топли радијатор.

– Имаме стари луѓе, имаме деца, имаме болни и не може да ги оставите без греење и не ги оставивме. ВМРО-ДПМНЕ неосновано критикува, а не спомнува дека БЕГ (Балкан Енерџи Груп) е направен во 2012 година на начин каков што е, но тоа е работа на Јавното обвинителство, рече премиерот Ковачевски во „Само интервју" за Канал 5.

Нема да дозволиме, како што рече, енергетската криза силно да удри врз џебот на граѓаните. – Ние не го прелеавме зголемувањето на електричната енергија и трошоците за парно, кај граѓаните, поголем дел од товарот е кај нас, посочи Ковачевски, додавајќи цените на одделни основни производи се замрзнати на цената на 1 декември 2021 година за да не се создаде ценовен шок за граѓаните.

Од друга страна, мнистерот за економија Крешник Бектеши уверува дека затоплувањето ќе биде продолжено до еден часот по полноќ и оти ќе нема намалување на температурата на греење.

– Согласно одлуката за прогласување на кризна состојба во делот на топлинската енергија, дополнително ќе вбризгуваме средства во ЕСМ. Од утре, ЕСМ ќе управува со БЕГ снабдување, БЕГ дистрибуција и БЕГ производство со цел граѓаните на Град Скопје во континуитет и сигурно да бидат снабдувани со топлинска енергија до крајот на грејната сезона, изјави вчера Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања.

Договорот меѓу ЕСМ и БЕГ, како што најави, ќе биде јавно достапен.

притисни ентер