Чулев: Полицијата подготвена да обезбеди услови за фер, демократски, но и безбеден изборен процес

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска истакна дека полицијата е подготвена за спроведување мирни, фер, демократски избори. 

Тој посочи дека самиот процес на гласање ќе биде безбеден и ги повика граѓаните да излезат и да го дадат својот глас за опцијата што сметаат дека треба да победи.

– Овие избори се специфични бидејќи се одвиваат во услови на пандемија, но и гласањето ќе трае три дена. Министерството ќе треба да го обезбедува гласачкиот материјал три дена, самото гласање ќе биде продолжено така што обврските на МВР и товарот врз службениците се значително поголеми. Во поглед на заштитна опрема се е обезбедено, материјално-технички средства имаме, но мора да се напомене дека со оглед што изборите се во летен период, тоа ќе биде значаен товар врз полициските службеници, но подготвени сме за изборите, рече Чулев.

Што се однесува на информациите објавени преку социјалните мрежи за појави на агитирање на полициски службеници за одредена политичка опција, Чулев рече дека во секоја средба со полицајците им се укажува дека таквото однесување е недозволиво, спротивно на кодексот на полициското работење, но и интерните акти на МВР.

– Имаме информации, случаи се регистрирани во Скопје и Куманово. Против тие полицички службеници се преземаат контретни мерки, бидејќи се работи за потешко кршење на прописите најверојатно ќе бидат донесени ригорозни казни, односно отказни решенија, рече министерот Чулев.

Истовремено тој укажа и на потребата од поголемо полициско присуство на одредени точки проценети дека се со висок ризик, како места на појави на недозволено политичко агитирање.

– Мапирани се критичните точки, проценети дека се со висок безбедносен ризик од аспект на можни изборни нерегуларности. Нагласена е потребата од насочување на активностите за спречување појави на изборен поткуп, уцени и манипулации со гласовите на избирачите. Тоа се претежно делови на населените места каде живеат социјално ранливи семејства, рече Чулев.

Секое подрачје на МВР врши анализа на ризик во однос на изборни нерегуларности, податоците се слеваат во посебно фомираниот Републички оперативен штаб за изборите.

– Во текот на наредната седмица планираме за сите критични точки да бидат информирани ОБСЕ и ОДИХР, како и дипломатско-конзуларните претставништва, со цел на тие избирачки места со висок ризик да има зголемено присуство меѓународни набљудувачи, рече Чулев.

Чулев, кој е во работна посета на подрчјата што се под ингеренција на СВР- Охрид, изрази задоволство што споредбено со минатата година во регионот е забележан значен пад на криминалитетот, но е зголемен и бројот на реализирани откриени кривични дела. Тука тој посочи откриени над 30 тешки кражби во вили на охридската ривиера, потоа поднесени кривични пријави против раководни лица вмешани во илегална експлоатација на дрво за огрев, како и поголемата запленета пратка од 167 килограми марихуана на Охридското Езеро.

Според Чулев, на СВР- Охрид му недостасуваат материјално-технички средства, како велосипеди, мотори за придружба, пловни објекти, но и кадар, што ќе биде меѓу приоритетите на МВР за наредниот период.

– Наредниот период ќе мора да вработиме и повеќе полициски службеници, но од Охрид и Струга, а не лица од други градови кои после приправничниот стаж или неколку години служба се враќаат во своите родни места. Така сега имаме во Кичево преполнетост со кадар, а во Охрид каде е сензитивно подрачје имаме недостаток од полицајци. Тоа мора да се коригира во наредниот период, рече Чулев.

Министерот ја искористи можноста уште еднаш да апелира до граѓаните да бидат свесни за потребата од придржување кон протоколите за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот, дека засилените контроли и репресивните мерки, како и изречените казни, не се доволни за справување со епидемијата./МИА

Кој е Русинот , од чиј брод се истовари ѓубривото што експлодира во Бејрут?

Игор Гречушкин, руски државјанин со наводно место на живеење на Кипар, е сопственик на бродот што ја превезувал опасната стока што експлодирала во Бејрут.

Станува збор за 2.750 тони амониум нитрат, хемиско соединение што нормално се користи како вештачко ѓубриво, но во одредени ситуации може да се користи и како експлозив - или ненамерно да предизвика експлозија, како што, за жал, се случи во пристаништето во Бејрут.

Имено, ѓубривото се чувало во хангар во пристаништето од 2014 година до денес, без мерки за безбедност кои би ја спречиле катастрофата што се случи.

Со тој товар, бродот под молдавското знаме „МВ Розус“ се заглавил во пристаништето во Бејрут. Сепак, неговата дестинација не бил Либан, туку Мозамбик.

Капетанот Борис Прокошев, наводно, го запрел брод во Грција за да наполни гориво кога неговиот сопственик Гречушкин, наводно директорот на „ Teto Shipping “, јавил дека компанијата снемала пари и ќе мора да собере дополнителен товар во Бејрут за да ги покрие патните трошоци.

Рускиот портал Сибирјан Тајмс пишува дека бродот запрел во Бејрут поради дефект.

Во секој случај, кога бродот се вкотвил во Бејрут, локалните пристанишни власти го притвориле поради „груби прекршувања во управувањето со бродот“, т.е. „недостаток на документи и услови потребни за превоз“, неплатени пристанишни такси и поплаки од рускиот и украинскиот екипаж.

Екипажот од осум Украинци и двајца Руси бил принуден да остане на бродот, а сопственикот Гречушкин прогласил банкрот и едноставно „го напуштил бродот“. Либанските власти на крајот ослободиле шест од десетте членови на екипажот, а четворица останале заробени на бродот полн со експлозивен товар скоро една година.

„Тој ни рече дека банкротирал и, иако не му верувам, најважно е што ги крена рацете и од својот екипаж и од неговиот товар“, изјави еден од работниците.

"Морнарите беа на бродот 11 месеци. Имавме малку потрошен материјал. Му пишував на Путин секој ден. На крајот, моравме да продаваме гориво за да ангажираме адвокат со тие пари. Сопственикот не ни обезбеди храна или вода", рече капетанот Прокошев.

Гречушкин не одговори на прашањата на новинарите.

Според е-пораките разменети меѓу Прокошев и неговиот адвокат Шарбел Дагуер, амониум нитратот бил растоварен во пристаништето во Бејрут до ноември 2014 година и оставен во магацин. Властите тогаш го држеле таму шест години, и покрај предупредувањата од либанскиот царински директор Бадри Дахер дека станува збор за „исклучително опасен“ товар.

Си-Ен-Ен доби документи кои покажуваат дека Дахер и неговиот претходник Мерхи во повеќе наврати се обратиле до судовите во Бејрут со цел да се обидат да го складираат опасниот товар на друго место.

Дахер, кој залудно предупредувал дека товарот е еквивалентен на „лебдечката бомба“, потврди за Си-Ен-Ен дека неговата канцеларија испратила „шест писма до правните тела“, но дека властите никогаш не одговориле на ниту еден од нив.

Западна Европа ја очекува рекордно топол период

Западна Европа се подготвува за силен топлотен бран што ќе донесе екстремни температури веќе втор викенд по ред, пишува Си-Ен-Ен.

Англија утре ќе се приближи до највисоката температура оваа година, што беше измерена за време на минатонеделниот топлотен бран . Највисоката температура во петок ќе се приближи до историскиот рекорд од 38,7 степени, што е забележано во јули минатата година, покажува прогнозата на британската метео служба.

Канцеларијата Мет веќе издаде предупредување за делови од Англија каде температурите ќе се искачат на скоро 37 степени овој викенд. Но, овој пат топлотниот бран во Лондон и околните области се очекува да трае најмалку седум дена, пренесува Си-Ен-Ен.

"Додека овој топлотен бран можеби нема да донесе толку високи температури како минатата недела, топлината ќе трае значително подолго. Минатата недела топлината беше проблематична само за еден или два дена. Овој топлотен бран ќе трае во оваа област најмалку пет дена и во градовите како Париз ќе има температури над 36 степени секој ден од петок до понеделник “, рече метеорологот на Си-Ен-Ен Тејлор Вард.

За францускиот главен град се предвидува дека температурата ќе биде повисока од 32 степени секој ден за целата наредна недела. Во Белгија ќе биде до 14 степени потопло од просекот на некои места, со највисоки температури над 32 степени. Во текот на викендот ќе биде 34 или 35 степени во Брисел. Во Амстердам и другите делови на Холандија може да достигне до 32 степени во текот на викендот. Над просечната температура може да остане во Западна Европа следните девет дена.

"Кога топлотниот бран трае долго, ефектите може да се мултиплицираат . Многу домаќинства во овој регион немаат климатизација и кога температурите се искачуваат на околу 35 степени, зградите повеќе не можат да се ладат, ставајќи ги во опасност луѓето, особено постарите и оние со здравствени проблеми“, заклучи Вард.

На „Блато" запленети се вкупно 370 килограми марихуана

Албанската полиција доцна вечерва соопшти дека количината на запленетата марихуана на граничниот премин „Блато" на албанско-македонската граница кај Дебар е многу поголема од количината за која информираа медиумите.

– По целосното мерење на запленетата дрога утврдено е дека во камионот кој беше контролиран на преминот „Блато" откриена е количина од 370 килограми. Дрогата беше откриена при излез од албанска територија во камион марка „мерцедес" со албански сообраќајни ознаки, со лого на производител на мебел, управувано од лицето Флориан Алимани(26) од пограничното село Долно Ѓурица. Крајната дестинација била Северна Македонија, стои во вечерашното соопштение од полицијата.

Оттаму информираат дека истрагата продолжува во соработка со македонската полиција со цел да се идентификуваат сите лица вмешани во трговијата со дрога од двете страни на границата.

Дрогата е откриена при втората контрола, а била скриена во посебен простор поставен над подот на возилото. Била натоварена во Пешкопеја.

Според полицијата, успешната акција е резултат на засилените контролни мерки со цел спречување секаков обид за шверц на дрога и спречување на било какви меѓугранични криминални дејствија.

Ова е најголема количина на дрога запленета на двете страни од овој граничен премин./MИА

притисни ентер