Четири земји од ЕУ наскоро може да ја признаат Палестина

Ирска, Шпанија, Словенија и Малта размислуваат да ја признаат палестинската држава на 21 мај, објави ирската државна телевизија.

РТА Њуз синоќа објави дека се интензивираат разговорите меѓу Даблин, Мадрид, Љубљана и Ла Валета за потенцијалното заедничко признавање на палестинската државност.

Ирската телевизија тврди дека тие земји чекаат гласање на Генералното собрание на Обединетите нации на 10 мај, што може да резултира со отворање на патот на Палестина за членство во организацијата.

Четирите земји во заедничко соопштение на 22 март наведуваат дека се договориле за првиот чекор кон признавањето на Палестина.

Шпанија и Ирска долго време се застапници на палестинските права. Оваа иницијатива доаѓа во време кога меѓународната заедница, поради големиот број убиени цивили во израелската офанзива на Газа, повикува на прекин на огнот и долгорочно решение за мир во регионот.

Од 1988 година, палестинската држава е призната од 139 од вкупно 193 членки на Обединетите нации.

Израел тврди дека планот на четирите европски земји претставува „награда за тероризмот“ што ќе ги намали шансите за мировни преговори во Газа.

ЕУ изрази сочувство за смртта на иранскиот претседател

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изрази сочувство во име на Европската унија по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа.

- ЕУ го изразува своето искрено сочувство за смртта на претседателот Раиси и министерот за надворешни работи Абдолахиан, како и другите членови на нивната делегација и екипажот во хеликоптерска несреќа, напиша Мишел на Х.

- Нашите мисли се со семејствата, додаде тој.

Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан беа меѓу деветте лица кои загинаа кога нивниот хеликоптер се урна во планинскиот северозападен дел на Иран при лоши временски услови.

Симеоне: Фудбалерите на Атлетико имаа добра сезона, јас не

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне го сподели своето мислење за резултатите на мадридскиот клуб во сезоната 2023/24.

Вчера „душекџиите“ претрпеа пораз на домашен терен од Осасуна (1:4) во натпреварот од 37. коло на шпанското првенство.

- Не можам да ги видам ниту предностите ниту недостатоците на оваа сезона. Се разбира, во одреден момент направив погрешен избор, што доведе до несреќни резултати, но не судам. Секогаш сакам да бидам подобар. Моите играчи имаа добра сезона, јас не, го цитира „Марка“ Симеоне.

Атлетико моментално се наоѓа на 4. место во Ла Лига со 73 бода. Заостанувањето до третото место на Жирона на коло пред крајот на првенството е пет бода.

Тимот од Мадрид не освои ниту еден трофеј, откако беше елиминиран од полуфиналето на Купот и Суперкупот на Шпанија. Во Лигата на шампионите, Шпанците стигнаа до четвртфиналната фаза од плејофот, губејќи од Борусија Дортмунд со вкупен резултат (2:1, 2:4).

Првиот потпретседател на Иран, Мохамед Мохбер ја презема функцијата претседател до избори

Првиот потпретседател на Иран Мохамед Мохбер ќе ја преземе функцијата шеф на државата додека на избори не биде избран нов претседател, изјави денеска портпаролот на иранскиот Совет на чувари на исламската револуција, Хади Тахан Назиф.

Портпаролот изјави дека врз основа на иранскиот Устав, претседателските избори треба да се одржат во рок од 50 дена, пренесе иранската агенција ИРНА.

Тахан Назиф изјави дека нема да има правни проблеми во Иран по смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа.

Хеликоптерот со претседателот Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се урна вчера во северозападниот дел на Иран, во областа Верзеган, а покрај нив загинаа уште седум лица.

притисни ентер