Двајцата „силно ги осудуваат дејствијата на Израел, кои ја кршат Повелбата на ОН и другите норми на меѓународното право“, изјави претседателскиот советник Јуриј Ушаков за новинарите.
„И Москва и Пекинг се целосно убедени дека нема воено решение за моменталната ситуација и прашањата поврзани со нуклеарната програма на Иран. Ова решение мора да се постигне исклучиво преку политички и дипломатски средства“, рече Ушаков.
Русија предупреди дека ќе настапи катастрофа ако конфликтот меѓу Израел и Иран, кој продолжува веќе седми ден, ескалира дополнително и ги повика САД да не се приклучуваат кон бомбардирањата кои ги извршува Израел.
Во последните денови, Путин телефонски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и постојано повторуваше дека Русија е подготвена да посредува меѓу завојуваните страни. Досега никој не го прифатил предлогот на Русија, пренесуваат светските агенции.
Путин денеска го повтори предлогот во телефонскиот разговор со Си, кој е негов близок сојузник. Од своја страна, кинескиот лидер изрази поддршка за идејата, рече Ушаков, „бидејќи смета дека таа може да послужи за деескалација на моменталната тензична ситуација“.