Според Ел Паис, четирите жртви се членови на исто семејство - татко, мајка, тригодишно девојче и новороденче.
Шпанскиот центар за итни информации и координација соопшти дека четири повредени лица денеска се отпуштени од болница, а двајца пожарникари кои им пружиле прва помош на настраданите се уште се на лекување.
Полицијата стигнала до четвртиот кат од опожарената зграда во обид да ги лоцира потенцијалните жртви, а на терен се и противпожарни и итни екипи, пренесува Ефе.
Во Валенсија се формирани неколку пунктови со цел да се соберат информации и ДНК примероци од роднините на можните жртви.
Шефот на Истражниот суд број 10 во Валенсија ја отвори постапката за истрага на причините и околностите на пожарот и ја утврди тајноста на постапката за еден месец, со цел да се заштити полициската истрага и приватноста на жртвите и нивните семејства.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, најави дека ќе и се пружи помош на заедницата и дека информациите ќе бидат брзо собрани.
Експертот Естер Пукадес објасни дека полиуретанот, кој се користи за покривање на фасадите, е елементот што во моментов се смета за главна причина за брзото ширење на пламените јазици.
Пожарот избувна вчера во попладневните часови и за само половина час ја зафати целата зграда со 14 ката и 138 станови, а набргу потоа се прошири и во соседната зграда.
Пламените јазици се движеле по целата фасада, а некои делови од зградата биле фрлени неколку метри подалеку.