Централната банка на Кина предвидува ограничено краткорочно економско влијание од епидемијата и вели дека земјата е уверена дека ќе победи во борбата против коронавирусот.
Кина вчера има 397 ново потврдени случаи на инфекција со коронавирус, значително помалку од 889 ден порано, со огромно мнозинство во епицентарот на заразата, во провинцијата Хубеи, објави Националната здравствена комисија. Хубеи објави 106 нови смртни случаи, од кои 90 се во Вухан.
Нови инфекции, 31 од нив, се пријавени во остатокот од земјата, што е најмал број откако комисијата започна да собира податоци на национално ниво од 20 јануари и нагло падна од 258 нови инфекции претходниот ден.
Сепак, бројките продолжуваат да растат во други области, со влошување на бројот на заразени во Јужна Кореја, Италија , Иран и Либан, поради што Светската здравствена организација предупредува дека станува сè потешко да се спречи меѓународното ширење на коронавирусот.
Јужна Кореја најави нов врв на ширење на зараза од 142 потврдени случаи, вкупно 346, а околу половина се однесуваат на луѓе кои присуствувале на верска церемонија.
Вирусот се прошири во околу 26 земји и територии надвор од Кина, при што загинаа 11 лица според Ројтерс, а случаите кои не се поврзани со Кина се меѓу најзагрижувачките за Светската здравствена организација (СЗО).
„Сè уште имаме можност да го ограничиме ширењето“, рече Тедрос Аданом Гебрејзус, генерален директор на СЗО. „Ако не го сториме тоа, ако ја изгубиме таа можност, тогаш имаме сериозен проблем“.
Епидемијата во северна Италија беше засилена со првата смрт, почина еден постар човек, меѓу 17 потврдени случаи, меѓу кои и првиот познат случај на локален пренос.
Јапонија денеска потврди четири нови случаи на коронавирус, вклучувајќи учителка која покажала симптоми додека била на училиште.
Вкупниот број потврдени случаи во континентална Кина се зголеми на 76.228. До крајот на вчерашниот ден, вкупниот број на загинати изнесува 2345.