Брнабиќ: Кинеските инвестиции го стимулираа економскиот развој на Србија - Канал 5

Брнабиќ: Кинеските инвестиции го стимулираа економскиот развој на Србија

Брнабиќ изјави дека економската соработка меѓу двете земји во наредните години ќе го реализира својот целосен потенцијал.

Брнабиќ: Кинеските инвестиции го стимулираа економскиот развој на Србија

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска на свеченото отворање на 6. Кинески меѓународен увозен саем во Шангај изјави дека економската соработка меѓу двете земји во наредните години ќе го реализира својот целосен потенцијал, јави дописникот на МИА од Белград.

- Во историјата на човештвото ретко се случувало големи земји да стапат во стратешки односи со помали земји, кажа Брнабиќ потенцирајќи дека Кина токму на тој начин ја почитува Србија, градејќи вистинско и искрено пријателство со неа, соопштија на веб-страницата на српската Влада.

Таа оцени дека присуството на земји од целиот свет на меѓународниот саем во Кина го покажува обемот на иницијативата „Појас и пат“ на кинескиот претседател Си Џинпинг.

Според Брнабиќ, во изминатите четири години, од 2018 до 2022 година, размената на стоки пораснала 2,7 пати, а извозот на Србија во Кина пораснал дури 12,7 пати. Во истиот период, Кина го зазеде првото место меѓу инвеститорите во Србија и таа позиција ја имала во 2021, 2022 година и во првата половина на 2023 година.

- Резултатот од ова е дека кинеските инвеститори се најголемите извозници. Со доаѓањето на Жиѓин во рударството, дојде до значителни промени и Србија стана вториот производител на бакар во Европа. Позитивното влијание на кинеските инвестиции врз српската економија е немерливо, нагласи Брнабиќ.

Таа изјави и дека кинеските инвеститори вработуваат повеќе од 28.000 луѓе во Србија, изразувајќи уверување дека соработката во иднина ќе се интензивира.

Брнабиќ потсети и дека претседателот на Србија Александар Вучиќ неодамна ја посети Кина и дека по тој повод се потпишани 18 договори, меѓу кои и Договорот за слободна трговија со Кина.

- Ни претстојат и нови области на соработка, како што се дигиталната економија, науката, технолошките иновации, рече Брнабиќ и ги покани присутните да ја посетат Србија и да учествува на меѓународната изложба ЕКСПО 2027 во Белград. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Вечерва се отвора 26. Скопје филм фестивал: Филмската елита пристигнува на црвениот тепих пред МНТ

Вечерва, во Македонскиот народен театар (МНТ), официјално ќе биде отворено 26. издание на Скопје Филм Фестивал, кое годинава носи модернизиран концепт, збогатена програма и силно меѓународно присуство.

Вечерва се отвора 26. Скопје филм фестивал: Филмската елита пристигнува на црвениот тепих пред МНТ

Програмата започнува во 19:30 часот со дефилето на црвениот тепих, каде што ќе пристигнат голем број филмски автори, актери, гости од странство и истакнати културно-уметнички дејци. Почетокот на официјалната церемонија е закажан за 20:00 часот. Во рамките на отворањето, за првпат ќе биде доделена фестивалската награда „Златна Скополија“ за исклучителен придонес кон светската кинематографија. Оваа година признанието им припаѓа на полските автори: режисерката Малгоржата Шумовска (Małgorzata Szumowska) и снимателот и режисер Михал Енглерт (Michał Englert). По доделувањето на наградата, фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на нивниот најнов филм „ИДИОТ(и)“ (The Idiot(s)), во кој главните улоги ги толкуваат Џони Флин и Ејми Лу Вуд.

Годинашното издание на фестивалот привлече истакнати професионалци од европската и регионалната филмска индустрија. Во Скопје веќе престојуваат членовите на меѓународното жири и на Фестивалскиот совет: британскиот филмски критичар и селектор Филип Бергсон (Philip Bergson), британскиот продуцент Стив Абот (Steve Abbott), регионалниот продуцент Мирослав Могоровиќ (Miroslav Mogorović), српскиот режисер Павле Вучковиќ (Pavle Vučković), германската филмска селекторка Даниела Вебер (Daniela Weber), како и македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска и режисерот Даријан Пејовски. Помеѓу специјалните гости на церемонијата, се очекува и присуството на познатиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ.

Заедно со нив, на фестивалот ќе присуствуваат и авторите кои лично ќе и ги претстават своите остварувања на скопската публика: Халкавт Мустафа (Halkawt Mustafa), режисер на филмот „No Paradise If You Are Killed by a Woman“; Лоренс Фахардо (Lawrence Fajardo), режисер на филмот „Silenced Nights“; Димитрис Накос (Dimitris Nakos), режисер на филмот „Life in a Beat“; Габор Холтаи (Gábor Holtai), режисер на филмот „Feels Like Home“; Сузане Хајнрих (Susanne Heinrich), режисер и сценарист, и Марчело Бусе (Marcelo Busse), кои го претставуваат филмот „The Miserable Mother“.

Во деновите што следат, од денес до 9 ноември, Скопје Филм Фестивал ќе понуди исклучително богата и разновидна филмска програма исполнета со премиери на истакнати авторски остварувања, фестивалски фаворити, динамични филмски разговори и ексклузивни мастерклас сесии со предавачи-гости. Фестивалскиот Центар е лоциран во Младинскиот Културен Центар, додека проекциите ќе се одвиваат на две препознатливи културни локации во градот — Македонскиот народен театар (МНТ) и киното „Фросина“ во МКЦ. Билетите за сите проекции, вклучително и за свеченото отворање, се веќе достапни во продажба преку мрежата на MK Tickets

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Прва реакција на Москва на резултатите од изборите во САД

Сергеј Рјабков ги коментираше резултатите од среднорочните избори во Соединетите Држави.

Прва реакција на Москва на резултатите од изборите во САД

Насоката на надворешната политика на Русија – вклучително и нејзиниот став за решавањето на украинското прашање – не е диктирана од тековните политички околности, ниту пак зависи од политичките промени во други земји, изјави заменик-шефот на руското Министерство за надворешни работи.

Сергеј Рјабков ги коментираше резултатите од среднорочните избори во Соединетите Држави.

„Да ги почекаме конечните резултати. Ставовите на претставниците на Демократската партија кон Русија се изразито негативни. Во тоа нема ништо ново“, изјави Рјабков за „Спутник“.

Тој го даде овој коментар како одговор на прашањето дали резултатите од среднорочните избори би можеле да ги искомплицираат односите со САД, особено во однос на решавањето на украинското прашање.

„Нашиот принципиелен и доследен став за Украина, како и нашата надворешна политика во целина, не се диктирани од тековните политички околности и, природно, не зависат од политичките промени во други земји. Ќе постапуваме во согласност со насоките на претседателот на Русија“, заклучи Рјабков.

Според прелиминарните резултати и проекциите, демократите излегоа како победници на среднорочните избори во САД, одржани на 3 ноември. Во јануари, тие ќе обезбедат мнозинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот на американскиот Конгрес, со што ќе добијат контрола врз двата дома на законодавниот орган.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Фабриката на предизвикување страв и паника на СДС, под водство на Филипче нема да успее

Фабриката на предизвикување страв и паника на СДС, под водство на Филипче нема да успее како што не успеа ни за мигрантите, ни за водата, ниту за пензиите.

ВМРО-ДПМНЕ: Фабриката на предизвикување страв и паника на СДС, под водство на Филипче нема да успее

РЕАКЦИЈА НА ПРЕСКОНФЕРЕНЦИЈАТА НА ВЕНКО ФИЛИПЧЕ

СДС и Венко Филипче никако да ја напуштат матрицата да ја користат која било тема и состојба во државата со кревање хистерија да предизвикаат страв и паника кај граѓаните.

Така беше со темата мигранти во Македонија, со водата во Гостивар, следно ширеа паника дека водата за пиење во Скопје е небезбедна, потоа дека ПИОМ бил загрозен, а пензионерите нема да можат пензиите да си ги земат и што ли уште не.

Сега најново се фатија и за состојбата со банкарскиот систем, како нов обид за да стигнат до медиумски простор и да спечалат некој беден политички поен, зошто со план, програма и понуда до граѓаните, очигледно не можат.

Ниту банкарскиот систем во државата е доведен во прашање, ниту незадоволство има, ниту немир или паника.

Единствено СДС и Венко Филипче сакаат вештачки да предизвикаат немир и паника кај граѓаните и нивна недоверба во банкарскиот сектор и државните институции.

Нафрлените тези на Венко Филипче во завиена прашална форма не го спасуваат од одговорноста за обидот да креира страв, паника и несигурност кај граѓаните дека им се загрозени парите.

Државата, вклучително и Народна банка ги преземаат сите мерки за заштита на интересите на државата, граѓаните, штедачите, инвеститорите.

Фабриката за креирање страв и паника на СДС, под водството со Филипче нема да успее, како што не им успеа ни со мигрантите, ни со водата, ниту пак со пензиите.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер