Британските обвинители се откажаа од тужбата против „холивудскиот предатор“ Вајнштајн

Британските обвинители денеска соопштија дека ги отфрлиле обвиненијата против поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнштајн за непристојно допирање жена.

„По прегледот на доказите во овој случај, CPS одлучи да го запре гонењето на Харви Вајнштајн“, рече Френк Фергусон, шеф на Специјалната единица за криминал и борба против тероризмот на Кралската обвинителска служба (CPS), објави Би-Би-Си.

„КПС има должност да ги разгледува сите случаи на тековна основа и решивме дека повеќе нема реални изгледи за осуда“, додаде тој.

Кога го одобри обвинението пред две години, CPS рече дека наводниот инцидент се случил во август 1996 година во Лондон, а полицијата рече дека станува збор за жена која сега има 50-тина години. 72-годишниот Вајнштајн негираше дека имал секс без согласност со било кого.

Поротата на Менхетен го прогласи за виновен за силување во февруари 2020 година, но Апелациониот суд во Њујорк ја поништи таа пресуда во април, пресудувајќи дека судењето е неправедно бидејќи судијата погрешно дозволил сведочење од луѓе кои не биле формално обвинет за напад од Вајнштајн.

Судот во Лос Анџелес го осуди во 2022 година за силување на актерка во тој град.

Герасимовски: Пријавете дупка на улица во вашето маало

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повика граѓаните да пријавуваат дупки на улиците со цел истите да бидат санирани.

Граѓаните тоа може да го направат преку пријавување на телефонскиот број 076381673 секој работен ден од 8 до 16 часот.

„Верувам дека овој начин на комуникација ќе донесе поголеми и побрзи резултати за граѓаните. Ние досега реконструиравме 17 улици, во моментов се работи на две тоа се улиците Елисие Поповски и Блаже Тодоровски и следуваат уште неколку за реконструкција. Но доколку станува збор за одредена дупка ги повикувам граѓаните да се јават на телефонскиот број, да ни остават точна локација и нашите службеници ќе ја пополнат,“ истакнува Герасимовски.

Општина Центар ќе продолжи да работи на редовно одржување на улиците со цел безбедно движење на граѓаните, велосипедите и автомобилите.

Со почит,

Општина Центар

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, како последица на вирусот починале четири лица

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години. 

Во периодот од 9 до 15 септември во земјава се регистрирани 57 нови случаи на SARS-CoV-2, пријавени се четири починати лица - две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани, се посочува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Од 9 до 15 септември тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.

Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од осум градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=39; 68,4 отсто), a највисока инциденца е регистрирана во Делчево (14,7/100.000).

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години.

Во текот на минатата недела (09-15.09.2024), пријавени се четири починати лица асоцирани со КОВИД-19, од Скопје (2), Битола и Тетово. Сите починати лица се на возраст над 70 години. Тројца починале во болнички услови, а кај три лица се регистрирани коморбидитети. Сите лица се невакцинирани против КОВИД-19.

Во текот на 2024 година, а заклучно со 15.09.2024, во земјава се регистрирани вкупно 1.560 заболени и 20 починати лица асоцирани со КОВИД-19. Од појавата на првиот случај на КОВИД-19 на 26 февруари 2020 година пријавени се вкупно 351.876 заболени со КОВИД-19 и 9.999 починати лица асоцирани со КОВИД-19.

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница со кое ќе им се помогне на граѓаните, но нема да бидат оштетени ниту производителите, ниту трговците. 

Од Министерството за економија велат дека министерот веќе имал средби и дека ќе бидат слушнати предлозите од сите страни.

Предлозите од Министерството за економија ќе бидат доставени до Владата и разгледани на некоја од наредните седници.

Вчера и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не сакаат на сила да донесат ништо и ако е потребно за да се усогласат ставовите, можеби ќе се причека и една недела.

- Не сакаме на сила ништо да правиме, стојам позади тоа што сум го кажал, но некогаш имате моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол, дуопол и вие тогаш ќе мора да интервенирате офанзивно, ова како што ние го правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму ние не интервенираме, но има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните. Во секој случај јас сум за тоа пазарната економија да ги диктира цените и тоа го поддржувам и немам дилема, но има за жал поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука мораме ние како влада да интервенираме, рече Мицкоски.

Со есенската потрошувачка кошница треба да бидат опфатени 100-тина прехранбени производи, а во Министерството за економија се прават анализи дали да се замрзнат цените или да се ограничат маржите. Од 28-ти овој месец треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има одредено намалување на цените.

притисни ентер