Британка 10 години патува сама и открива во кои земји се чувствувала најбезбедно - Канал 5

Британка 10 години патува сама и открива во кои земји се чувствувала најбезбедно

Британката Зара Ајткен патува сама низ светот во последните десет години. 

Британка 10 години патува сама и открива во кои земји се чувствувала најбезбедно

Таа го води блогот „Пасош за живот“ и работи како координатор на проекти за една британска хуманитарна организација. Таа е исто така е голем застапник на самостојното патување на жените. Во една неодамнешна објава на блогот, таа состави список на земји каде што се чувствувала најбезбедно како жена која патува сама. Иако истакнува дека ниедна дестинација не е целосно без ризик, овие земји ѝ овозможиле незаборавни и позитивни искуства, вели таа.

„Мора да ја почитувате туѓата култура“

Една од нејзините омилени и најнеочекувани дестинации? Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати.

„Иако таму имаат проблеми со дискриминација врз жените, јас лично се чувствував неверојатно безбедно и добредојдено“, изјавила Зара за MailOnline. „Луѓето беа исклучително љубезни, а стапката на криминал е меѓу најниските во светот“, додава таа.

Во својата објава, таа препорачува посета на плажата Корниш, со пет километри бел песок и тиркизно море, како и музејот Лувр во Абу Даби. Таа, исто така, ги потсети читателите дека треба да се облекуваат во согласност со локалната култура. „Кога ја почитуваш културата на другите луѓе, луѓето ти возвраќаат почит“, напишала таа.

Други дестинации од нејзината листа

На нејзината листа со најбезбедни дестинации за патничките што патуваат сами се најдоа и други разни земји од кои има особено убави спомени.

Такво посебно место зазема Маун во Боцвана, мал град кој служи како влезна точка за посета на делтата Окаванго, заштитено природно наследство на УНЕСКО. Иако самата дестинација не нуди многу содржини, Зара вели дека престојот во недопрената дивина, опкружена со животни, спектакуларни зајдисонца и топли луѓе, било искуство што ќе се памети цел живот. Таа признава дека мажите повремено ѝ дофрлале додека шетала сама, но тоа не го намалило нејзиниот впечаток или желбата повторно да се врати во Боцвана.

Париз во Франција бил нејзината прва дестинација што ја посетила сама. Иако била многу нервозна пред патувањето, се заљубила во градот и неговата атмосфера, па се вратила таму уште три пати. Најмногу уживала, како што навела, да седи во париските кафулиња и да ги гледа минувачите, апсорбирајќи ја атмосферата на градот на љубовта.

Една од најбезбедните дестинации во светот, според неа, е Рејкјавик на Исланд. Таа нагласува дека таму се чувствувала целосно мирно и безбедно. Посебно место на нејзината листа е Крф во Грција, кој го опишува како топла, мирна и безбедна дестинација со исклучително пријателски расположени локални жители.

Предупредува на опасност во Австралија

Зара, исто така, поминала еден месец патувајќи низ Австралија со комбе. Благодарение на фактот дека англискиот јазик се зборува насекаде, таа лесно се запознала со другите патници и не се чувствувала осамено. Сепак, таа посочува една специфична опасност: „Во Австралија, сè обидува да ви наштети - од пајаци и змии до крокодили и медузи“, напишала таа на својот блог и им советуваше на соло патниците да не одат сами на планинарење, туку да се приклучат на групните тури заради безбедност.

Зара им ги препорачува овие дестинации на жените кои сакаат да патуваат сами, истакнувајќи дека почитувањето на локалната култура, вниманието и здравата доза на претпазливост секогаш се дел од одговорното патување каде и да одите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Серафимовски: Откупот тече непречено, над 54 милиони килограми грозје веќе се во домашните винарии и на странските пазари

Откупот на грозјето продолжува непречено, откупните пунктови работат, а лозарите го предаваат својот род, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски .

Серафимовски: Откупот тече непречено, над 54 милиони килограми грозје веќе се во домашните винарии и на странските пазари

Откупот на грозјето продолжува непречено, откупните пунктови работат, а лозарите го предаваат својот род, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски при денешната посета на неколку откупни места во Кавадарци, каде непосредно се запозна со текот на приемот и преработката на грозјето.

„Лозарите немаат никаква корист од политичкиот натпревар во кој од изолирани случаи се конструира слика дека откупот се одвива отежнато или дека е запрено преземањето на вранецот. Таквите тврдења не одговараат на фактите од откупните места“, изјави министерот Серафимовски.

Тој информираше дека според најновите податоци, 14 винарии на 19 откупни места досега откупиле и преработиле над 35 милиони килограми грозје. Околу 15 милиони килограми се црвени сорти, меѓу кои доминантно е застапен вранецот, додека над 20 милиони килограми се бели сорти. Дополнително, винариите од сопствените лозови насади собрале и преработиле над седум милиони килограми грозје, од кои 3,1 милиони килограми црвено и 3,9 милиони килограми бело грозје. Уште 1,5 милиони килограми се откупени и преработени од страна на семејните винарии. Вкупното количество набрано и преработено во домашните винарии со тоа надминува 43,5 милиони килограми.

„Значаен дел од овогодишниот род добива пласман и надвор од домашниот пазар. Досега се извезени над 10,5 милиони килограми винско и трпезно грозје. Кога ова количество ќе се додаде на родот преземен и преработен од домашните винарии, вкупно досега од лозовите насади се набрани над 54 милиони килограми грозје“, рече министерот Серафимовски.

Тој нагласи дека Државниот инспекторат за земјоделство засилено го следи целиот процес и секојдневно се вршат контроли на 19-те откупни места низ државата, при што се проверуваат мерењето, класификацијата, документацијата, евиденцијата и почитувањето на условите за откуп.

„Ги повикувам лозарите секој конкретен проблем веднаш да го пријават до Министерството или до Инспекторатот. Секоја конкретна забелешка од лозарите се проверува и за секоја утврдена неправилност ќе има соодветно постапување“, рече министерот Серафимовски.

Коментирајќи ги политичките реакции за текот на откупот, министерот Серафимовски оцени дека Левица преку селективни и драматизирани објави се обидува да создаде паника, без да понуди применливо решение за откуп, финансирање или сигурна исплата. Според него, партијата го нарекува лозарот статист, а истовремено го претвора во дел од сопствената политичка претстава.

„Со паника не се откупува ниту еден килограм грозје, не се отвора откупен пункт и не се обезбедува исплата. Додека Левица се занимава со политичка режија, лозарите го предаваат родот, визбите вршат прием и откупот континуирано продолжува“, истакна министерот Серафимовски.

Осврнувајќи се на ставовите изнесени од опозицискиот СДСМ, Серафимовски посочи дека оваа партија во текот на седумгодишното владеење не изградила стабилен систем на договорно производство, сигурен пласман и рамноправен однос меѓу лозарите и откупувачите. Тој оцени дека зад претходната власт останале наталожени проблеми и Закон за вино кој не ги затворил клучните слабости во секторот.

„СДСМ денес најгласно зборува за прашањата што не успеа да ги реши додека ја имаше одговорноста. Сопствените пропусти не можат да се преименуваат во туѓа вина, ниту проблемите оставени со години да се претставуваат како да настанале денес“, порача министерот Серафимовски.

Тој нагласи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и надлежните институции остануваат целосно ангажирани до крајот на бербата, со очекување откупот во следните денови да продолжи со уште поголема динамика.

„До лозарите упатувам апел продолжете да го предавате родот и пријавете го секој конкретен проблем на откупните места. Не дозволувајте непроверени и политички режирани објави да внесуваат неизвесност во деновите кога се вреднува вашиот целогодишен труд. Откупот тече, пунктовите работат, а нашата цел останува грозјето да добие пласман, а лозарите сигурна и навремена исплата за вложениот труд“, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нејмар за новиот соиграч: Ако е ова сон, не сакам да се разбудам (ВИДЕО)

Нејмар (34) не го криеше своето задоволство од доаѓањето на Филипе Кутињо во Сантос. 

Нејмар за новиот соиграч: Ако е ова сон, не сакам да се разбудам (ВИДЕО)

Бразилскиот клуб објави видео од нивната средба во тренинг центарот, а Нејмар го поздрави својот долгогодишен пријател со прегратка и зборовите: „Ако ова е сон, не сакам да се разбудам“.

Кутињо (34) потпиша договор со Сантос до крајот на сезоната. Тој е без клуб од февруари, кога го напушти Васко де Гама, клубот каде што порасна и се врати во 2024 година.

Прв пат заедно во ист клуб

Нејмар и Кутињо со години се соиграчи во бразилската репрезентација, но никогаш не играле заедно за ист клуб. Иако двајцата го носеа дресот на Барселона во текот на нивните кариери, нивните епизоди на Камп Ноу не се преклопуваа. Нејмар замина во Пари Сен Жермен во летото 2017 година, додека Кутињо од Ливерпул пристигна во Барселона во јануари 2018 година.

Кутињо помина пет години во Ливерпул и го изгради својот статус на еден од најдобрите играчи од средниот ред во Премиер лигата. По трансферот во Барселона, тој играше и за Баерн, Астон Вила, Ал-Духаил и Васко пред да се врати во бразилскиот фудбал и да потпише за Сантос.

Нејмар, пак, се врати во Сантос на почетокот на 2025 година, во клубот каде што ја започна својата професионална кариера и од кој замина во Барселона во 2013 година. Сантос сега има двајца поранешни играчи на бразилската репрезентација во истата соблекувална, а доаѓањето на Кутињо очигледно беше пречекано од Нејмар со посебно задоволство.

Кутињо последен пат играше за Бразил во март 2022 година, додека Нејмар се збогува со репрезентацијата по Светското првенство оваа година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ГРОМ со најостра осуда на новата кривична пријава против претседателот на партијата, Стевчо Јакимовски

ГРОМ најостро ја осудува денешната нова кривична пријава против претседателот на партијата, Стевчо Јакимовски.

ГРОМ со најостра осуда на новата кривична пријава против претседателот на партијата, Стевчо Јакимовски

Наместо човечност, наместо институционална воздржаност и наместо почитување на демократските принципи, гледаме континуирана политичка пресметка, Во исто време, Стевчо Јакимовски се наоѓа во болница и за само месец и половина помина низ три операции.

Јавноста не е наивна.

Граѓаните гледаат што се случува и со право прашуваат:

Зошто повторно Јакимовски? Зошто токму сега кога пред само неколку дена

Врховниот суд ги укина претходните пресуди против Стевчо Јакимовски и предметот го врати на повторно постапување. И зошто институциите се толку ажурни кога треба да се гони опозиционер, а толку бавни кога треба да се расчистуваат вистинските проблеми?

Јавноста очекува кривични пријави, истраги и разрешница за дивоградбите во Чаир, за урбаниот хаос и за сите случаи во кои постојат сомнежи за незаконско постапување.

Очекува одговори за тоа кој дозволувал, кој градел, кој потпишувал и кој со години ги затворал очите пред дивоградбите.

Наместо тоа, добиваме нова пријава против човек кој во моментов се наоѓа во болница.

Ова повеќе не изгледа како борба за владеење на правото. Ова изгледа како политичка пресметка со неистомисленици.

ГРОМ ја повикува власта да престане да ги користи институциите како средство за заплашување и политички притисок.

Не може едни да бидат недопирливи, а други постојано да бидат предмет на институционален прогон.

Особено лицемерно е кога власта зборува за правда и владеење на правото, а јавноста секојдневно гледа селективност, двојни стандарди и институции кои очигледно имаат различни аршини за различни луѓе.

Додека Јакимовски се бори за своето здравје во болница, власта продолжува да се пресметува со политичкиот противник.

Тоа не е демократија.

Тоа не е владеење на правото.

И тоа не е Македонија каква што заслужуваат нејзините граѓани.

ГРОМ бара институциите да постапуваат еднакво кон сите, транспарентно и без политички притисоци.

И затоа уште еднаш прашуваме:

КОГА ЌЕ ДОЈДЕ РЕДОТ НА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ЧАИР?

И ДО КОГА ВЛАСТА ЌЕ СЕ ПРЕСМЕТУВА СО ОПОЗИЦИЈАТА НАМЕСТО ДА ГИ РЕШАВА ПРОБЛЕМИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ?

ГРОМ ќе продолжи да ја брани демократијата, политичкиот плурализам и правото на секој што мисли поинаку да биде слушнат – а не прогонуван.

ГРАЃАНСКА ОПЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА – ГРОМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер