Британец во автобус носи жива змија наместо маска(ФОТО)

Средовечен маж во Англија е снимен како патува во јавен превоз со невообичаена обвивка на устата - жива змија.

Би-Би-Си објави дека патникот имал завиткан рептил околу устата и вратот додека во понеделникот патувал од Свинтон до Манчестер. Еден од патниците мислел дека носи само „смешна маска“ сè додека таа „маска“ не започнала да се движи.

Сведок, кој за Би-Би-Си изјави дека сака да остане анонимен, рече дека инцидентот му бил прилично смешен, додавајќи дека змијата изгледа дека не вознемирила ниту еден патник во автобусот.

Употребата на маски во јавниот превоз во Англија е задолжително, освен за деца под 11 години или оние кои се ослободени поради здравје или попреченост.

Инцидентот го коментираше организацијата за транспорт на Манчестер. „Владините упатства појаснуваат дека не мора да биде хируршка маска и дека патниците можат сами да направат и да носат нешто соодветно, како што е шал или марама“, рече портпаролот.

„Иако ова е предмет на интерпретација, не веруваме дека важи и за употреба на кожа од змија - особено кога е сè уште прицврстена за змијата“.

Истражување: Лошите временски услови предизвикаа елементарна катастрофа кај голем дел од лозовите насади во Тиквешкиот регион

 Лозарството и винарството во земјава се едни од најпогодените гранки со кризата, но и со лошите временски услови.

Винарниците се полни заради намалената продажба, додека состојбите со бербата 2020 не се ништо подобри. Лозовите насади во Тиквешкиот регион се во лоша здравствена состојба, а кај голем дел од нив, на повеќе локации, констатирано е присуство на болеста ботритис, што негативно влијае на квалитетот на грозјето.

Ова се наодите од истражувањето, што по иницијатива на Стопанската комора на Македонија го направи Земјоделскиот институт од Скопје за состојбата на лозовите насади на неколку локации со винови насади во тиквешкиот регион како најголем вински регион во земјата.

Истражувањето, како што соопшти Стопанската комора, е спроведено на локалитетит Рибарци, Манастирец, Краиште, Црвени Брегови, Дисан – Дуброво, Дисан- Салиев Брест, Дисан – Вешје, Сопот – Смолник, Сопот- Кошариште, Сопот – Курија, Ило Виларов, Белград, каде има лозови насади од сортите вранец и смедеревка.

– Лошиот квалитет на грозјето на овие лозови насади во тиквешкиот регион, во кој се сместени 45 проценти од вкупната површина на лозови насади во земјава, според наодите од истражувањето на Земјоделскиот институт од Скопје, се должи на обилните дождови во вториот дел од вегетацијата, како и грешки во заштитата на лозовите насади. Во одредени локалитети е утврдено оштетување на зрната од над 90 отсто, како резултат на големото присуство на вода, се наведува во соопштението.

Покрај овие неповолни состојби и присуство на болеста ботритис, стручните лица од Институтот кои ја вршеле анализата утврдиле присуство на гроздов молец што дополнително негативно влијае на квалитетот на грозјето на овие локалитети.

– Ваквата ситуација резултира со висок принос на грозје со намалена содржина на шеќер во гроздовиот сок кај двете сорти – вранец и смедеревка. Високата инфицираност на грозјето со ботритис доведува и до голема содржина на глукани и глуконска киселина која негативно влијае на квалитетот на виното доколку ова грозје се употреби во производство во ваква состојба, се наведува во заклучоците од анализата на состојбата на терен која ја спроведе Земјоделскиот институт.

Болеста ботритис, како што посочуваат од Стопанската комора, е опасна и заразна и може да предизвика контаминација како на здравото грозје, така и на винарските визби ако примаат вакво болно грозје.

МВР: 533 прекршоци за неносење маска

Во текот на изминатото деноноќие (17/18.09.2020 година) на територијата на Република Македонија по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 533 прекршоци. 

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19.

СДСМ: Уште една спорна кампања и сомнително рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ

Уште една спорна кампања и сомнително рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ, ништо не се менува во опозициската партија.

Отворената истрага и сомневањата за неправилности во изборното рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажува дека во оваа партија ништо не променето.

Јавно објавени информации говорат дека стотици илјади евра, пари од Буџетот, пари на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ потрошила за изборно рекламирање кај непознати интернет портали, без импресум и без редакции.

Речиси и да нема кампања на ВМРО-ДПМНЕ во последните изборни циклуси што не е спорна или сомнителна.

За изборната кампања за Гордана Сиљановска, ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски ја затвори сметката со долг од 400.000 евра, спротивно на законот од член 71 од Изборниот законик.

За оваа кампања, но и други, јавноста дозна и за сомнителните шеми преку фирми на Орце Камчев.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски, оставаше долгови од над три милиони евра.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да знаат дека помина времето кога се затвораа сметки за изборни кампањи со милионски долгови без да има одговорност, помина времето кога со парите од граѓаните ВМРО-ДПМНЕ вршеше поткуп на медиуми.

Сега е време на одговорност. Надлежните институции треба брзо да го разрешат овој, но и сите претходни случаи каде ВМРО-ДПМНЕ ги прекршува законите.

Следува правда и одговорност за сите.

СДСМ

притисни ентер