Божиновска на министерска средба во Атина со колегите од регионот - Канал 5

Божиновска на министерска средба во Атина со колегите од регионот

-Со заеднички напори ќе градиме интегриран и силен енергетски систем.

Божиновска на министерска средба во Атина со колегите од регионот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска учествуваше на заедничката министерска средба со министрите за енергетика на Република Грција, Република Србија и Република Бугарија, Ставрос Папаставру, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и заменик-министерот Кирил Темелков, којашто се одржа во Атина, Грција. Станува збор за средба која е единствена во ваков формат, а која е фокусирана на регионалното енергетско поврзување и зацврстување на соработката меѓу земјите од регионот на полето на енергетиката.

Министрите ја нагласија потребата од понатамошна меѓусебна соработка во регионот како катализатор на инфраструктурните развојни планови , пазарната интеграција во делот на гас и електрична енергија, флексибилноста и сигурноста во снабдувањето. Се разговараше на техничко ниво со владините претставници и систем операторите за гас и електрична енергија. Беше потенцирана одличната соработка помеѓу систем операторите на четирите земји , со дополнително барање да се интензивираат нивните контакти и продлабочи нивната соработка во понатамошниот период.

На крајот од состанокот во духот на понатамошна соработка беше договорено да се прошират работните групи со Србија и Македонија со цел да работат поефективно во насока на градење поврзана, поотпорна, одржлива регионална енергетска рамка, усогласена со целите на Европската енергетска унија.

При тоа, министерката Божиновска ја истакна важноста и потребата од координација во однос на инфраструктурата, пазарите и политиките, оценувајќи ја како клучна за изградба на поотпорен и поконкурентен енергетски систем во Југоисточна Европа.

„Денешната дискусија доаѓа во важен момент за нашиот регион. Југоисточна Европа се наоѓа во сложена енергетска транзиција, каде што сигурноста на снабдувањето, интеграцијата на пазарите и декарбонизацијата мора да напредуваат заедно.

Македонија целосно ја споделува оваа визија. Ние сме посветени на зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација, забрзување на интеграцијата на обновливите извори на енергија и усогласување со внатрешниот енергетски пазар на ЕУ“, нагласи министерката Божиновска на средбата со колегите од регионот, додавајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Голем одзив на карпошани во акцијата „заедно за чист Карпош!“

Акцијата уште еднаш покажа дека кога локалната самоуправа и граѓаните работат заедно, резултатите се видливи и придонесуваат за подобар квалитет на живот во локалната заедница

Голем одзив на карпошани во акцијата „заедно за чист Карпош!“

Голем број граѓани, советници и вработени во општинската администрација денеска се приклучија на доброволната акција за чистење „Заедно за чист Карпош!“, која се реализираше на повеќе локации низ Општина Карпош. Со цел акцијата да се спроведе поефикасно и да опфати повеќе јавни површини, учесниците беа организирани во три работни тимови, кои истовремено работеа на три локации: * Козле – просторот околу споменикот КЈП во Козле, спроти „Алумина“; * Лептокарија – јавните површини во ТЦ Лептокарија; * Карпош 3 – јавните површини спроти Општина Карпош.

На сите три локации учесниците собираа паднати гранки, лисја и ситен отпад, со што придонесоа за уредување на јавните површини и создавање почиста и поуредна животна средина за сите жители на Карпош. Во акцијата активно учествуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој заедно со граѓаните, советниците и општинската администрација беше дел од работните тимови и лично се вклучи во чистењето. „Заедно за чист Карпош!“ е пример за заедничка посветеност, одговорност и директна работа во интерес на граѓаните.

Акцијата уште еднаш покажа дека кога локалната самоуправа и граѓаните работат заедно, резултатите се видливи и придонесуваат за подобар квалитет на живот во локалната заедница. Општина Карпош упатува благодарност до сите карпошани кои денеска се приклучија на акцијата и со своето учество дадоа придонес кон почист, поуреден и поубав Карпош. Заедно за почист, поуреден и поубав Карпош!

Општина Карпош

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Божиновска за „ТЕССА Енерџи“: Секој нов енергетски капацитет ја зајакнува сигурноста и стабилноста на државата

Министерката Божиновска порача дека секој нов енергетски капацитет има значење многу пошироко од самата инвестиција, бидејќи претставува дел од процесот на градење посигурен, постабилен и помодерен енергетски систем.

Божиновска за „ТЕССА Енерџи“: Секој нов енергетски капацитет ја зајакнува сигурноста и стабилноста на државата

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата когенеративна централа на „ТЕССА Енерџи“ во Општина Чаир, на настан на кој присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, како и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Министерката Божиновска порача дека секој нов енергетски капацитет има значење многу пошироко од самата инвестиција, бидејќи претставува дел од процесот на градење посигурен, постабилен и помодерен енергетски систем.

„За нас како Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, секој нов капацитет има пошироко значење. Нашата цел е да изградиме енергетски систем кој ќе биде сигурен, стабилен, модерен и конкурентен – систем кој ќе може да одговори и на потребите на граѓаните и на растечките потреби на индустријата“, истакна Божиновска.

Таа нагласи дека енергетската сигурност денес не е само прашање на производство на електрична енергија.

„Енергетската сигурност е прашање на економска стабилност, конкурентност, инвестиции и квалитет на живот. Секој нов мегават домашно производство значи дополнителен капацитет и поголема отпорност на нашиот систем во услови на променливи цени и неизвесности на европските и светските енергетски пазари“, порача министерката.

Божиновска посочи дека развојот на енергетиката мора да продолжи со инвестиции во нови производни капацитети, но истовремено и со сериозни вложувања во мрежата, инфраструктурата, енергетската ефикасност, обновливите извори и современите технологии.

„Тоа е патот кон енергетски систем кој нема само да произведува повеќе енергија, туку ќе биде подобро управуван, поотпорен и подготвен за предизвиците што ги носи новото време“, нагласи Божиновска.

Министерката испрати јасна порака дека Македонија има потреба од нови инвестиции во енергетиката и дека Министерството ќе продолжи да создава предвидлива и стабилна средина за нивна реализација.

„Енергетските инвестиции можат и мора да се реализираат ефикасно, одговорно и во согласност со утврдените правила и стандарди. Нашата задача како институција е да создадеме услови за развој, но истовремено да го чуваме јавниот интерес и да обезбедиме сигурен и стабилен енергетски систем за државата“, истакна Божиновска.

Таа додаде дека за Министерството е особено важно домашните инвеститори да имаат доверба и сигурност да вложуваат во енергетската иднина на државата.

„Нашата порака е јасна – Македонија треба да продолжи да гради, да инвестира и да создава нови енергетски капацитети. Но секоја инвестиција треба да носи поширока вредност – за економијата, за локалната заедница и за иднината на државата“, порача министерката.

Новата когенеративна постројка на „ТЕССА Енерџи“ е реализирана врз основа на Овластување за изградба на енергетски објект издадено од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, по успешно завршени технички прегледи и функционални испитувања. Тоа покажува дека енергетските инвестиции можат да се реализираат ефикасно, одговорно и во согласност со утврдените правила и стандарди.

Постројката има инсталирана моќност од 2,106 MW за производство на електрична енергија и капацитет од 2,6 MW топлинска енергија. Инвестицијата претставува прва фаза од поширок план за развој и модернизација на поранешната Топлана Скопје Север во современ енергетски центар.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со политики кои значат повеќе домашни капацитети, поголема енергетска сигурност и стабилен систем – затоа што силната енергетика е основа за силна економија и сигурна иднина на државата.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Со мирис на ајвар, музика и многубројна публика започна „Taste the South“

Првата вечер од четвртото издание на „Taste the South“ донесе токму она по што е препознатлив југот – добра храна, музика, дружење и забава до доцна во ноќта.

Со мирис на ајвар, музика и многубројна публика започна „Taste the South“

Како што одминуваше вечерта, фестивалскиот простор во Mega Shopping Park собираше сè повеќе посетители. Мирисот на печени пиперки ја најави есента, а подготовката на ајварот привлече големо внимание. Посетителите имаа можност да го проследат целиот процес, да пробаат свежо подготвен ајвар и да уживаат во понудата на локални производи и македонски вина.

На сцената настапија ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, Филип Стојанов, „Пауза за ракија“, „Куку Леле“ и „Брас Брадарс“. Песната, танцот и добрата забава ја одбележаа првата фестивалска вечер и донесоа вистинско јужно расположение во Гевгелија.

„Taste the South“ продолжува вечерва со нови вкусови и нова музичка програма. Вториот фестивалски ден е посветен на смоквата и производите од смокви, па посетителите ќе можат да ја проследат нивната подготовка и да ги дегустираат специјалитетите по кои е познат гевгелискиот крај.

Вечерашната програма започнува во 18:30 часот со настап на КУД „Танец“ од Миравци. Во 19:15 часот ќе настапи „Леге Артис“, во 20:15 Кико Болеро и „Болеро бенд“, во 21:30 „Нокаут“, а вечерта ќе продолжи со Игор Џамбазов и „Гуру Харе“ во 23:15 часот.

Фестивалот продолжува и во недела, од 14:00 часот е подготвена програма за сите генерации. Први ќе настапат Школата за гитари и Школата за тапани при Пионерскиот дом, по што следуваат Ансамблот „Бојмија“, танцовото студио „Мистик“ и Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“.

Во вечерниот дел ќе настапат Наталија Данаилова во 19:45 часот, „Два Бона“ во 21:00 часот и Каролина Гочева во 22:30 часот, со чиј концерт ќе биде заокружено четвртото издание на фестивалот.

Неделата ќе биде посветена и на традиционалната ракија. Посетителите ќе можат да ја проследат нејзината подготовка, да дегустираат и да поминат уште еден ден исполнет со вкусовите и обичаите на југот.

„Taste the South“ се одржува во Mega Shopping Park во Гевгелија. Вечерашната програма трае од 18:30 до 01:00 часот, а во недела од 14:00 до полноќ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер