Божиновска ги претстави резултатите во енергетиката и рударството - Канал 5

Божиновска ги претстави резултатите во енергетиката и рударството

Божиновска истакна дека парламентарната контрола е составен дел од демократското работење и дека интерпелацијата е можност пред граѓаните да се дадат конкретни одговори за преземените политики и постигнатите резултати.

Божиновска ги претстави резултатите во енергетиката и рударството

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во обраќањето пред Собранието по повод интерпелацијата за нејзината работа ги претстави резултатите на Министерството и одговори на обвинувањата за управувањето со енергетскиот сектор, цената на електричната енергија и користењето на минералните суровини. Таа ги повика пратениците да ја оценуваат одговорноста врз основа на законските надлежности, документите и конкретните одлуки и да не ја прифатат интерпелацијата. Божиновска истакна дека парламентарната контрола е составен дел од демократското работење и дека интерпелацијата е можност пред граѓаните да се дадат конкретни одговори за преземените политики и постигнатите резултати.

„Правото да побарате моја одговорност го почитувам. Ќе побарам и вие да ја прифатите одговорноста за точноста на тврдењата врз кои ја барате“, порача министерката.

Во одговорот на обвинувањата, таа направи разграничување меѓу надлежностите на Министерството, Владата, ЕСМ, МЕПСО, Регулаторната комисија за енергетика и другите институции. Посочи дека одговара за енергетската политика, планирањето, сигурноста на снабдувањето, обновливите извори, енергетската ефикасност, рударството и минералните суровини, но дека Министерството не ги води оперативните набавки, комерцијалните договори и производството на ЕСМ. За тарифните одлуки ја нагласи независната улога на РКЕ и објасни дека Министерството не може да ѝ наложи каква тарифа да донесе.

„Одговорноста не се утврдува со мешање на институциите. Таа се утврдува со закон, документ и конкретна одлука“, истакна Божиновска.

Посебно се осврна на постапката за избор на универзален снабдувач, наведувајќи дека одлуката за нејзино започнување е од 17 октомври 2023 година, комисијата е формирана на 7 ноември 2023 година, а аукцијата и владините заклучоци за изборот се од април 2024 година. Наспроти оваа хронологија, Министерството за енергетика е основано во јуни 2024 година.

„Како може да ми припишувате организација на постапка што започнала и завршила пред воопшто да постои Министерството?“, праша Божиновска, додавајќи дека ниту ја водела комисијата ниту била министерка кога таа одлучувала.

Во однос на наводите за продажба на ЕСМ, министерката нагласи дека не постои одлука на Министерството за продажба на компанијата и побара тврдењата за распродажба да бидат поткрепени со конкретен акт и постапка.

Зборувајќи за цената на електричната енергија, Божиновска ја образложи политиката за заштита на домаќинствата од ценовни шокови. Според нејзиното обраќање, цената по која ЕСМ обезбедува енергија за универзалното снабдување е дел од јавната политика за достапност на струјата за граѓаните. Притоа ги разграничи производствениот трошок, продажната цена и регулираната тарифа, нагласувајќи дека тие не смеат да се претставуваат како иста категорија. Повикувајќи се на доставените секторски податоци, наведе дека производствениот трошок на ЕСМ е намален од над 130 на околу 100 евра за мегават-час.

Меѓу клучните резултати, министерката го издвои новиот Закон за енергетика. Според податоците што ги претстави, во собраниската постапка биле прифатени 64 од 74 поднесени амандмани, по јавни консултации и усогласување со Енергетската заедница. Таа посочи дека новата рамка ги уредува складирањето на енергија, енергетските заедници и поактивното учество на потрошувачите, а на компаниите им обезбедува појасни правила за инвестиции.

Божиновска се осврна и на Националниот план за енергија и клима за 2025–2030 година, кој содржи 61 мерка, како и на годишното планирање на новите енергетски објекти. За 2026 година го наведе планскиот опфат од околу 4.417 мегавати и 96 системи за складирање, со јасна ограда дека реализацијата зависи од понатамошните услови за приклучување, дозволите и спроведувањето на проектите.

Во делот за инфраструктурата, таа ги истакна конечната сертификација на МЕПСО во 2026 година, пуштањето во употреба на новиот трансформатор во Битола 2 и решавањето на долгогодишното прашање со запишувањето на објектите во сопственост на компанијата. Посочи и на продолжувањето на работата на интерконекцијата со Албанија и трафостаницата Охрид.

Развојот на гасната инфраструктура го претстави како можност за повеќе правци на снабдување и помала зависност од една врска. Ги издвои интерконекторот со Грција, договорот за македонскиот дел од поврзувањето со Србија, пристапувањето кон рамката на Вертикалниот гасен коридор и работата на можноста за поврзување со Косово. За интерконекторот со Грција наведе дека по новата тендерска постапка најниската понуда се намалила од 70,3 на 59,95 милиони евра.

„Овие се енергетските автопати на државата“, порача Божиновска, истакнувајќи го нивното значење за индустријата, конкуренцијата во снабдувањето и идните транзитни услуги.

Во социјалниот дел од енергетската политика, министерката ги претстави мерките за домаќинствата што тешко ги покриваат трошоците за енергија. Наведе дека во програмата за 2025 година се издадени 3.750 ваучери од по 28.000 денари, во вкупна вредност од 105 милиони денари, а во програмата за 2026 година се реализирани 480 електронски ваучери. Годинашната мерка, според нејзиното обраќање, е насочена кон домаќинства со лица и деца со попреченост.

Божиновска го издвои и планот за енергетска обнова на 14 јавни објекти со околу 103.000 квадратни метри, во кои работат 33 институции. За праведната транзиција во Битола и Кичево посочи на 676 лица што завршиле програми за обука со ЕСМ и ЕБОР и на платформа со 84 проекти со проценет обем од околу 1,79 милијарди евра.

Во рударството, министерката ги претстави повисоките концесиски надоместоци и зголемената наплата како резултати од вреднувањето на државните ресурси. Според изнесените податоци, надоместокот кај металичните минерални суровини е зголемен од два на четири проценти, кај мермерот од еден на пет проценти, а кај соодветната категорија неметалични суровини од 11 на 30 денари по тон. Вкупната наплата, како што наведе, пораснала од околу 561,5 милиони денари во 2024 година на околу 1,222 милијарди денари во 2025 година.

Таа нагласи дека повисоката наплата не ја отстранува обврската да се постапува за секој заостанат долг. Во тој контекст посочи на 53 раскинати концесиски договори и на зајакнување на инспекцискиот капацитет со тројца дополнителни инспектори во 2026 година.

„Тоа е порака дека концесијата не е безусловно право и дека секоја обврска мора да се почитува“, истакна Божиновска.

Министерката ја поврза поддршката за инвестиции со заштитата на животната средина и финансиската одговорност на концесионерите. Посочи дека во новата законска рамка се предлага финансиско покритие од 100 проценти на проценетите трошоци според соодветниот план за рударскиот отпад и поврзаните обврски.

„Не сакаме загрозување на животната средина и не сакаме да нанесеме штета на населението и државата“, порача таа. Додаде дека познавањето на геолошкиот потенцијал не претставува однапред дадена дозвола за отворање рудник.

Во обраќањето, Божиновска го истакна резултатот од 100 проценти на Министерството во Индексот на активна транспарентност за 2026 година. Повтори дека Министерството останува отворено за пратениците и дека критиката треба да биде дел од демократската контрола, со одговорност за точноста на изнесените тврдења.

„Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост. Не може различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот. И не може обвинувањето да стане факт само затоа што е напишано во интерпелација“, истакна Божиновска.

Министерката го заврши обраќањето со порака дека ќе продолжи да носи одлуки во рамките на своите надлежности и да одговара за нив пред граѓаните и Собранието.

„Функцијата е привремена. Одговорноста кон државата останува. А вистината не се утврдува со бројот на пишани критики, туку со силата на доказите“, заклучи Божиновска.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Џенифер Лопез позира во боди со длабоко деколте (ФОТО)

Џенифер Лопез повторно привлече внимание со објава на Инстаграм.

Џенифер Лопез позира во боди со длабоко деколте (ФОТО)

57-годишната пејачка сподели неколку фотографии по тренинг, на кои позира во кафеаво боди со длабоко деколте. Освен што ја покажува својата фигура, таа откри и со што сака да се почасти по тренингот - колачиња и млеко.

„Вежбајте и јадете колачиња. Рамнотежа“, напиша таа покрај фотографиите.

Во коментарите набрзо почнаа да го фалат нејзиниот изглед. „Прекрасна жена“, „Совршенство“ и „Ти си мојата најголема инспирација“ се само дел од пораките што ги оставија нејзините следбеници.

Најави концертен филм

Лопез го претстави и својот нов проект, концертниот филм „The JLO Show: Live in Las Vegas“, кој ги носи најинтересните моменти од нејзините настапи во Лас Вегас оваа година.

Премиерата е закажана за Денот на благодарноста, 26 ноември, на американската телевизиска мрежа „CBS“ и стриминг платформата „Paramount+“. „Со ова шоу, сакам да раскажам кратка приказна и да им оддам почит на сите забавувачи кои стоеле на оваа сцена пред мене“, рече Лопез во најавата.

Таа се подготвувала за настапи до 13 часа на ден

Пред премиерата, пејачката и порача на публиката да не престанува да танцува, без оглед на животните предизвици.

Таа ја одржа својата последна серија концерти во Лас Вегас во март, а подготовките, според извори за Дејли Меил, биле исклучително напорни. Наводно, таа вежбала кореографија со танчерите во танцово студио во Северен Холивуд до 13 часа на ден, сакајќи да ѝ пружи на публиката најдобра можна изведба.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Спортски автомобил во кој возачот седи како мотоциклист (ФОТО)

„Sanrivatti One“ е хипер автомобил со V10 мотор од 800 КС и необична положба за возење.

Спортски автомобил во кој возачот седи како мотоциклист (ФОТО)

„Sanrivatti One“ е нов хипер автомобил дизајниран исклучиво за возење на тркачки патеки, а неговата најголема карактеристика не е моторот, туку сосема поинаква положба за возење.

Наместо вообичаената положба за седење, возачот „лежи“ на стомак, со рацете испружени кон воланот и нозете повлечени назад кон педалите.

Проектот го презентираше Сантијаго Санчез Риверо, кој го нарече овој аранжман „Apex Position“.

Инспирацијата доаѓа од мотоциклистичките трки, а целта е да му се обезбеди на возачот значително подобро видно поле.

Според конструкторите, вертикалното видно поле е 28 степени, додека кај хипер автомобилот што се користи за споредба е 15,5 степени.

И покрај својата необична позиција, „Sanrivatti One“ задржува класичен волан и педали, наместо џојстици што се користат во некои експериментални тркачки автомобили.

Бидејќи овој автомобил е без преседан, купувачите ќе мора да поминат низ посебна програма за обука. Санчез Риверо планира да организира еден вид клуб каде што сопствениците ќе научат како да го возат автомобилот.

Под каросеријата инспирирана од борбен авион се наоѓа атмосферски 5,5-литарски „Judd V10“ мотор. Целната моќност е 800 КС при 9.000 вртежи во минута, со околу 700 Nm вртежен момент.

Моќта се пренесува на тркалата преку секвенцијален шестстепен менувач „Hewland“.

Конструкцијата е базирана на карбонски монокок, а целната тежина без течности е само 1.100 кг. Дизајнираната максимална брзина е 322 км/ч.

Важно е да се напомене дека сите горенаведени бројки се целни вредности засега, бидејќи развојот, тестирањето и хомологацијата се уште се во тек.

Првите испораки до клиентите не се очекуваат до 2030 година. Дотогаш, малиот тим зад проектот ќе треба да докаже дека необичната положба на возење всушност носи предности на тркачката патека.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Насилни судири во Берлин: Полицијата ги удира демонстрантите (ВИДЕО)

Нов протест на иницијативата „Gen Z regelt“ во Берлин во саботата навечер доведе до судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Насилни судири во Берлин: Полицијата ги удира демонстрантите (ВИДЕО)

Видео објавено на социјалната мрежа „X“ покажува како полицијата турка и совладува група млади луѓе во вагон на метрото.

Според полициските податоци, околу 1.200 луѓе поминале низ западниот дел на Берлин во еден момент, иако собирот бил регистриран само за 100 учесници.

Колоната тргнала околу 17 часот од Савињи Плејс во областа Шарлоттенбург, поминала по Курфирстендам и се разотишла на станицата Халенсе, објавува Тагесшпигел .

Портпаролката на полицијата изјави во недела наутро дека 20 лица се привремено уапсени, вклучително и за поставување огномет, отпор при апсење и напад на полицајци.

Поднесени се 28 кривични пријави, вклучително и за нарушување на јавниот ред, напад на службени лица и кршење на прописите за експлозиви.

Тројца полицајци се повредени, додека полицијата не даде информации за повредени демонстранти.

Портпаролката додаде дека податоците сè уште се обработуваат и дека бројките би можеле да се променат.

Обид за пробивање на полицискиот кордон

Како што објави полицијата на својот „WhatsApp“ канал, учесниците се обиделе да го пробијат полицискиот кордон на чело на колоната пред да тргнат.

Полицијата ги запрела со туркање и удирање со тупаници.

На теренот имало околу 700 полицајци, а колоната била запрена неколку пати за време на нејзиното движење.

На митингот биле извикувани слогани против Израел и германскиот канцелар Фридрих Мерц, додека полицијата изјави дека неколку пати биле скандирани и слогани против полицијата.

Тагесшпигел пишува дека биле видени палестински и курдски знамиња и дека митингот не бил исклучиво студентски протест, бидејќи присуствувале и левичарски групи и пропалестински активисти.

Организаторите го опишаа митингот како мирен и се дистанцираа од насилство и екстремизам.

Портпаролката на полицијата рече дека протестот бил во голема мера мирен и дека нема оштетени продавници на Курфирстендам.

Најавен е европски штрајк на младите

Иницијативата „Gen Z regelt“ протестира против лошите услови во училиштата, задолжителната воена служба и намалувањата на универзитетите и социјалното осигурување.

На крајот на октомври, таа организираше протести во повеќе од 30 германски градови, а во Берлин, околу 5.000 луѓе се собраа пред Бранденбуршката порта, според полициските податоци.

Најавен е европски штрајк на младите за 20 ноември, а организаторите пријавија 15.000 учесници само во Берлин.

Се очекуваат протести и во Франција, Италија, Шпанија, Белгија и Обединетото Кралство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер