Ботас: Едногодишен договор со Мерцедес не е она што го сакам или ми треба

 Возачот на Заубер, Валтери Ботас изјави дека бара долгорочен проект од сезоната 2025 година, па затоа не е заинтересиран да се пресели во Мерцедес за да го замени Луис Хамилтон.

- Да заземам позиција една година не е она што го сакам или ми треба. Следната година ми треба нешто повеќегодишно, јасен план за годините што претстојат и заедничка работа во овој период. Тоа е она што ми треба - добар предизвик и јасен план. Ако потпишам само на една сезона, тогаш се ќе се врати околу тој момент. Јас и Тото Волф сме добри пријатели, па секако разговаравме за се. Би било одлично да бидам побезбеден, но секогаш знаев дека кога го потпишав договорот со Заубер, за три години ситуацијата ќе се повтори. На крајот на денот, ако тимот се промени, тоа е исто така возбудливо. Задоволен сум од ситуацијата, интересна е, но сакам брзо да ја решам. Тогаш ќе бидам уште посреќен“, истакна Финецот.

Во досегашната 12-годишна Формула 1 кариера, Ботас има настапувано за Вилијамс, Мерцедес, Алфа Ромео и Заубер.

Најстудено во Битола, Прилеп и Берово, најмногу снег на Попова Шапка

 Утринава најстудено во Битола, Прилеп и Берово каде е измерена минимална температура од - 4 степени, а најтопло во Крушево и Гевгелија, каде се измерени 3 степени целзиусови, информираат од УХМР.

Во Тетово и Струмица минималната температура изнесува - 2, во Скопје-Петровец и Кавадарци - 1, потоа во Скопје-Зајчев Рид, Дебар, Претор, Велес, Штип, Демир Капија - 0 степени, додека во Крива Паланка, Охрид, Виница, Маврови Анови, Попова Шапка минималната температура изнесува 1 степен и во Куманово 2 степени целзиусови.

Најголема снежна покривка има на Попова Шапка - 40 сантиметри, потоа Маврови Анови - 31, Крушево - 15 и Битола - 10.

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Претпладне по одделни котлини со појава на магла. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16 степени.

Во Скопје претпладне со појава на магла, преку денот сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.

Во Крушево се одбележуваат 44 години од раѓањето на Тоше Проески

Со програма насловена „Ангел си ти“ денеска на Гумење во Крушево ќе биде одбележан 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески.

Со програма насловена „Ангел си ти“ денеска на Гумење во Крушево ќе биде одбележан 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.

Бројни фанови и поддржувачи на Тоше од земјава и странство ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење, а ќе го посетат и Спомен домот „Тодор Проески“ каде се наоѓаат неговите лични работи кои вечно го будат споменот за него. Неговите фанови велат дека Тоше има само ден на раѓање.

Од 9 до 16 часот во Спомен домот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција, а во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, бројни делегации и фанови ќе положат цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење.

Во Крушево ќе присуствува и министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој откако ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на Тоше, ќе го посети и Спомен домот на Тоше.

Напладне во Спомен домот на Тоше, младите пејачи Нела Манческа, Дорис Димовска и бендот „Лок даун“ ќе изведат негови песни, а ќе настапат и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Домот на културата „Напредок-1869“ од Горна Орјаховица, Бугарија, под раководство на Аделина Колева.

Петнаесетгодишник управувал со автомобил во кој е пронајдено оружје, поведена истрага

Петнаесетгодишник управувал со автомобил во кој е пронајдено оружје, поведена истрага против таткото.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Истрагата, како што информираат од ЈОРСМ, е поведена бидејќи осомничениот во неговиот автомобил Ауди А8 неовластено држел огнено оружје и муниција – два пиштоли, едниот со калибар 7,65мм, а другиот со калибар 9мм со по четири куршуми за секој од нив. Во автомобилот бил пронајден уште еден пиштол за кој осомничениот имал дозвола за поседување со осум куршуми и уште два сигнални пиштоли.

- Оружјето било пронајдено во автомобилот што го управувал малолетниот син на осомничениот. Детето кое месецов наполнило 15 години било запрено од полицијата додека возело во Волково во вечерните часови на 23 јануари, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот татко – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице, одземање на патната исправа, одземање на возачката дозвола, но и забрана за неговиот малолетен син, други малолетни лица или други неовластени лица да имаат пристап во просторија или во домот каде што има огнено оружје.

притисни ентер