Борел-Вархеји: Изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера

Изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, но изборниот процес останува недоволно регулиран.

Според прелиминарните наоди и заклучоци на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), претседателските и парламентарни избори кои се случија на 8 мај поминаа во мирна и демократска атмосфера, се вели во заедничката изјава на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.

Борел и Вархеји, во заедничката изјава, велат изборите биле конкурентни со почитување на основните слободи, но посочуваат дека изборниот процес и понатаму останува недоволно регулиран.

– ЕУ и честита на претседателката Силјановска-Давкова за изборот и со нетрпение очекува да работи со новиот претседател, првата жена шеф на државата во Македонија. Ги охрабруваме релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада. Двете институции треба да работат заедно за да го унапредат патот на Македонија кон ЕУ, вклучително и со спроведување клучни реформи особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

Посочуваат дека Северна Македонија направи одлучувачки чекори во процесот на пристапување во ЕУ и сега ќе биде важно да се имплементираат преостанатите обврски неопходни за отворање на првиот кластер во процесот на пристапување.

– ЕУ и Македонија споделуваат силно партнерство. Земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и очекуваме нашата соработка да продолжи и понатаму да се развива, се наведува во соопштението.

Европската унија забележува дека заедничката меѓународна набљудувачка мисија на изборите од ОДИХР и ОБСЕ, Европскиот парламент и Парламентарното собрание на Советот на Европа, двојните избори ги окарактеризира како конкурентни, со почитување на основните слободи.

– Иако законската изборна рамка ја постави основата за демократски избори, некои одредби не беа во согласност со меѓународните стандарди, во однос на еднаков пристап до медиумите, одговорност за државното финансирање и пристап до правна заштита. Неодамнешните измени на Изборниот законик беа воведени доцна и не ги одразуваа препораките на ОДИХР, велат од Европската служба за надворешни работи.

Откако Меѓународната мисија за набљудување на изборите ќе ги издаде своите конечни препораки за идните избори, Европската унија очекува сите политички актери, релевантни институции и засегнати страни да ја покажат својата посветеност за зајакнување на демократијата преку заедничка работа за да ги спроведат тие препораки брзо и многу пред следните избори. /МИА

Ерусалим: Илјадници демонстранти протестираат против Владата на Нетанјаху пред Кнесетот (ВИДЕО)

Додека членовите на израелскиот парламент повторно се состануваат по пауза од шест недели, попладнево пред зградата на Кнесетот во Ерусалим се собраа илјадници антивладини демонстранти од цел Израел.

Полицијата постави два реда барикади кои ги делат демонстрантите од Кнесетот, а присутните извикуваа слогани против премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговата влада, пишува Тајмс оф Израел.

„Биби (прекарот на Нетанјаху) е опасност за постоењето на Израел“, извикуваа демонстрантите. Истакнатиот антивладин активист Шикма Бреслер рече дека целта на протестот, спроведен на легален и ненасилен начин, е „да им се врати на граѓаните на Израел можноста да влијаат на насоката во која се движи нивната земја“.

Демонстрантите пристигнаа во Ерусалим од целата земја, а многумина учествуваа во огромен, бавно движечки конвој на автомобили што се упати кон главниот град претходно денеска.


Израелците им порачаа на САД: Имаме намера да ја прошириме офанзивата во Рафа

Израел има намера да ја прошири воената операција во Рафа, му изјави денеска министерот за одбрана Јоав Галант на советникот на американскиот претседател Џо Бајден, кој предупреди од поголема акција во градот на југот на Појасот Газа.

Израел има намера да ја прошири воената операција во Рафа, му изјави денеска министерот за одбрана Јоав Галант на советникот на американскиот претседател Џо Бајден, кој предупреди од поголема акција во градот на југот на Појасот Газа, што може да доведе до масовни цивилни жртви.

Израел го опишува Рафа, град на границата на крајбрежната енклава со египетскиот Синај, како последно засолниште на исламистичкото движење Хамас, чие лидерство и борбен капацитет се обиде да го оневозможи за време на повеќе од седуммесечната војна.

По неколку недели јавно несогласување со Вашингтон околу планирањето на нападот на Рафа, Израел им нареди на палестинските цивили да се евакуираат од делови од градот на 6 мај, а израелските војници и тенкови ја започнаа операцијата. „Ние сме посветени на проширување на копнената операција во Рафа за да го завршиме отстранувањето на Хамас и враќањето на заложниците“, му рекол Галант на советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, се вели во соопштението од неговата канцеларија.

Израел верува дека Хамас држи десетици заложници во Рафа откако го нападна јужен Израел на 7 октомври. Западните сили и Египет изразија загриженост за судбината на стотици илјади раселени Палестинци кои се засолниле таму и покрај израелските гаранции за нивна безбедност.

Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) денеска соопшти дека проценува дека од 6 мај Рафа го напуштиле 810.000 луѓе, што е потенцијално повеќе од половина од неговото предвоено население.

Во соопштението од канцеларијата на Галант се истакнува дека тој „на советникот Саливан му ги претставил мерките што Израел ги спроведе за евакуација на населението од областа Рафа и обезбедување соодветен хуманитарен одговор“.

Закажани се вонредни избори во Иран по загинувањето на претседателот Раиси

По смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, на 28 јуни ќе се одржат вонредни избори за претседател на Иран, објави денеска Мохсен Еслами, претседателот на иранскиот избирачки штаб.

„Четиринаесеттите претседателски избори во Иран ќе се одржат на 28 јуни“, рече Еслами, а пренесе агенцијата Иран Мехр.

Тој додаде дека од Советот на чувари било побарано да започне регистрацијата на претседателските кандидати пред 28 мај.

До крајот на изборите оваа должност ќе ја извршува досегашниот прв потпретседател на Иран, Мохамад Мохбер.

Советот на чувари, надпарламентарно тело составено од членови на свештенството, е задолжен за одобрување на кандидати за извршни функции во владата на земјата, вклучувајќи ја и функцијата претседател на Иран, пишува ТАСС.

Прошталната церемонија за Раиси ќе биде организирана утре во градот Табриз, а неговото тело потоа ќе биде однесено во Ком, Техеран и Бирџанд, пред да биде погребано во неговиот роден град Машхад на 23 мај.

притисни ентер