Тој свика прес-конференција за да ја информира јавноста за сериозните здравствени проблеми на неговиот клиент.
Адвокатот вели дека Боки 13 не може самостојно да се движи и дека му е потребно некој да му помага за да појде до тоалет, а поради здравствени проблеми со желудникот - храната и желудочната киселина му се слеваат во дишните патишта кога тој лежи, состојба од која може да настане моментална смрт. Освен желудникот нему му откажал и левиот бубрег, а адвокатот тврди дека и покрај докторските препораки, на Бојан Јовановски не му била овозможена антибиотската терапија со денови. Била препорачана колоноскопија и ректоскопија, но на обвинетиот во “Рекет” не му било овозможено да биде на специјална петдневна диета пред зафатот, па Јовановски ја одбил интервенцијата. Дуковски тврди дека Боки 13 моментално има крв во мокрачата и во изметот.
Од 15 јули кога бил притворен Боки 13 бил 30 пати однесен во болница поради компликации со здравствената состојба. Вина, како што рече адвокатот, немаат судот и затворот, туку затворскиот лекар кој не ги почитувал напатствијата на клиниката и болницата, за кој најави и кривична пријава.
Дуковски не е задоволен и од односот на Обвинителството каде Јовановски колабираше пред неколку месеци.
Освен ова, Јовановски секојдневно бил омаловажуван поради неговата сексуална определба, рече адвокатот, при што ги повика невладините организации, па дури и Претседателот на државата да се заинтересираат за неговата целокупна состојба.