Богдановиќ: Изградбата на катна гаража кај паркингот на „Автомакедонија" ќе ги задуши граѓаните

Градоначалникот на Центар, Богдановиќ денеска изјави дека општинските власти се обидуваат да воспостават комуникација со инвеститорот и да се најде решение со цел да не се гради катна гаража во висина од 29 метри кај паркингот на „Автомакедонија".

– Ова земјиште е продадено на јавна лицитација во 2012 година од тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски со намена изградба на катна гаража во висина од 29 метри, на претходно донесен ДУП во 2011-та година, а потоа менуван или усогласуван заради потребите на самите инвеститори и нормално за усогласување на сите овие градби кои се никнати во септември 2019-та година, изјави Богдановиќ.

Тој потсети дека досега неколку пати имало обиди да се почне со изградба на овој објект, но реагирале и повеле судски спор поради нарушено владение. Потоа самиот инвеститор Никофон, како што рече, има покренато постапка за да го добие владението и судот му пресудува дека може да се воведе во владение.

– Општина Центар во изминатиот период пробуваше да разговара со инвеститорот, бидејќи сметаме дека ако дојде до реализација, покрај сите овие објекти кои беа изградени во „Скопје 2014", ќе се уништи ова последно слободно место кое дополнително ќе ги загуши граѓаните кои живеат овде. Го разбираме револтот на граѓаните, бидејќи сите овие објекти околу паркингот ќе бидат целосно затворени, рече Богдановиќ.

Освен начинот на кој што е менуван планот, ќе утврдиме, како што рече, како се прилагодувала самата парцела за да може инвеститорот да ја добие во владение, бидејќи за 29 метри ваков огромен објект треба да има влез и излез, а планиран е само еден влез. Ќе видиме како се менувале правилниците и со тоа ќе се занимаваат истражните органи, најави Богдановиќ.

Тој информира дека е спорен самиот договор, јавната објава и лицитација.

– Согласно уредбата за продажба на јавно земјиште, цената се формира согласно намената. Тука имаме 70 отсто компатибилно, односно изградба на катна гаража и 30 отсто изградба на деловен простор. Ако се земат цените од уредбата, треба да дојдете до некоја почетна цена од околу 5.000 денари, а овде почетната цена е 1.800 денари. Со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен и со тоа да нема договор, а со тоа паѓа и одобрението. Ние од кога го преземавме земјиштето, ги добивме и предметите кои беа веќе завршени и покренавме постапки за основано сомневање за оштетување на буџет и за злоупотреба на службена положба до Јавното обвинителство и чекам одговор, појасни Богдановиќ. Додаде дека во изминатиот период има поднесено две кривични пријави и од страна на граѓаните кои се тука и се уште, како што рече, не е ништо преземено.

Богдановиќ ги повика институциите да реагираат и смета дека може да се даде времена мерка од страна на Обвинителството додека не се расчисти целиот случај./МИА

Црн лебед во грчката река Еврос

 Единицата за управување со Националните паркови во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, додека спроведувала научно набљудување на делтата на реката Еврос наишла на ретка и невообичаена појава – црн лебед, јави дописничката на МИА

Црниот лебед воопшто не е својствен за Грција и затоа е непознато како воопшто се нашол во реката.

Најзастапен е во Австралија и Нов Зеланд, а живее во реки, големи езера, лагуни, а понекогаш и по должината на бреговите.

-Вработените во единицата за управување ги пречка пријатно изненадување бидејќи при научно набљудување на делтата на Еврос забележаа црн лебед, напишаа на Фејсбук од надлежните за Националниот парк објавувајќи фотографии од ретката појава.

Тошковски: МВР ќе ја гарантира безбедноста на секој набљудувач

Изјава по остварена средба со претставници од Фондацијата „Ромите за демократија“ кои денеска организираа протестен марш од ДИК до МВР.

Тие протестираа заради закани кои биле упатени кон нивни набљудувачи за време на првиот круг од Претседателските избори 2024.

Министерот за внратрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски изјави дека МВР ќе ја гарантира безбедноста на секој набљудувач за време на изборниот процес.

Кремљ ги дефинираше како неосновани обвинувањата на САД дека користеле хемиско оружје

 Кремљ ги оквалификува како неосновани американските обвинувања дека руските сили користеле хемиско оружје во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва останува обврзана со договорот за забрана на употреба на хемиско оружје.

Стејт департментот ја обвини Русија дека го користела хемиското оружје „хлорпикрин“ против украинските сили со што ја прекршува Конвенцијата за забрана за употреба на хемиско оружје.

„Употребата на тие хемикалии не е изолиран инцидент и најверојатно е мотивирана од желбата на руските сили да ги отстранат украинските сили од зацврстените позиции и да постигнат тактички напредок на бојното поле“, соопшти Стејт департментот. /МИА

притисни ентер