Безбедносен протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани - Канал 5

Безбедносен протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани

Сите новинари и медиуми  при известувањето за погребите на жртвите од пожарот во Кочани да се придржуваат кон етички принципи за  почитување на личната болка и достоинството, со избегнување сензационализам, објавување проверени информации.

Безбедносен протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани

Сите новинари и медиуми при известувањето за погребите на жртвите од пожарот во Кочани да се придржуваат кон етички принципи за почитување на личната болка и достоинството, со избегнување сензационализам, објавување проверени информации и зачувување на баланс и непристрасност.

Повикот го упатуваат Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), имајќи ја предвид чувствителноста на трагедијата и универзалните етички стандарди за професионално известување.

Владата, во координација со Министерството за внатрешни работи и во консултација со ЗНМ и со ССНМ изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи на 16 март во Кочани.

-Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите. Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа. Треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации. Медиумите треба да се осигураат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност, се наведува во повикот.

За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).

Од Владата соопштија дека овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.

Потсетуваат и дека Меѓународната федерација на новинари (IFJ) во своето соопштение од 18 март за оваа трагедија, исто така ја истакна важноста на етичкото известување. Глобалната повелба за етика на IFJ ја подвлекува должноста на новинарите да го почитуваат достоинството на луѓето и да ја стават точноста над брзината при пренесувањето на вестите од овој трагичен настан.

- Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе ПРЕСС обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи, соопшти Владата.

И Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) повика известувањето на медиумите за погребите на жртвите од пожарот да биде без сензационализам и задолжително да се почитува личната болка и жалост на семејствата, роднините и најблиските на загинатите. Исто така и да се води сметка да не се придонесува за дополнително зголемување на вознемиреноста. Во таа насока беа и барањата од жителите од Кочани кои завчера се обратија директно до Агенцијата, како и преку социјалните мрежи, со апел медиумските работници да се држат понастрана за време на погребите и да не снимаат со дронови.

Како што укажа АВМУ во соопштение, медиумите треба да внимаваат при правењето и особено при објавувањето снимки и фотографии, со цел да им дозволат на семејствата и родителите достоинствено и со почит да се збогуваат со своите ближни.

Кодексот на новинари на Македонија на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) пропишува дека новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес и оти е должен да ги почитува личната болка и жалост. Исто така и дека начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Новинарот, стои во Кодексот, не смее да интервјуира или фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето. Истото се однесува и за лица со посебни потреби, кои не се во состојба свесно да расудуваат.

Институтот за социолошки и политичко правни истражувања при УКИМ во насоките за новинари и медиумски професионалци при известување за трауматски настани, подвлече дека при известувањето треба да се одржува смирен, ненасилен став во секое време. Потребно е да се прашаат луѓето дали е соодветно времето за да дадат изјава. Никогаш не треба да ги убедуваат луѓето да ја споделат својата приказна.

-Не интервјуирајте никого кој е силно вознемирен, во шок, исплашен, повреден или на возраст под 16 години! Не кажувајте работи како: „Барем сега сè е во ред“, „Барем преживеавте“ или „Можеше да биде полошо“. Можеби се обидувате да ги утешите, но тоа го минимизира нивното доживување. Не давајте свое мислење. Не поставувајте наведувачки или сензационалистички прашања, советува Институтот.

Потсетува дека трауматските настани можат да влијаат врз способноста на луѓето да размислуваат и да разбираат и оти тие можат да раскажуваат долги приказни или да кажуваат работи што не изгледаат релевантно.

- Бидете трпеливи, а ако интервјуираните се вознемират, прекинете го интервјуто и заблагодарете им се за нивното време. Воздржете се од покажување сочувство или тага и не кажувајте дека знаете како се чувствуваат додека го снимате прилогот. Кога не снимаат камерите, можете да понудите искрено сочувство, на пример: „Многу ми е жал што се случи ова“. Вашата улога како новинари е да бидете сведок, да ја пренесете нивната приказна и да не бидете вклучени лично, велат од Институтот.

И Македонскиот институт за медиуми (МИМ) повика на одговорно информирање за трагедијата во Кочани. Укажа дека во вакви чувствителни ситуации, неопходно е граѓаните да имаат пристап до точни и проверени информации.

- Медиумите, од своја страна, имаат обврска да известуваат професионално, врз основа на факти и со почит кон жртвите и нивните семејства. Сензационалистичките вести, шпекулациите и непотврдените информации не само што ја поткопуваат довербата во медиумите, туку и дополнително ја вознемируваат јавноста. Особено е важна одговорноста на медиумите при известувањето за деца и малолетници, при што нивната приватност и достоинство мора да бидат заштитени, порача МИМ.

По одлуката на Владата за прогласување седумдневна жалост во државава АВМУ ги извести медиумите дека треба да го усогласат своето работење со деновите на жалост, а според последните информации од регулаторот, изминатите денови медиумите покажале висок степен на професионалност. Регистрирани се неколку случаи на емитување филмови и серии со забавна содржина, за што се доставени и претставки до Агенцијата. Поради тоа, АВМУ им посочи на радиодифузерите да обрнат поголемо внимание при креирањето на програмската шема, а укажа и дека е важно и класичната музика која се емитува да биде соодветна на деновите на жалост.

АВМУ и ИСППИ меѓу останатото, апелираа и до медиумите да им ја пружат потребната поддршка на нивните медиумски работници кои изминативе деновиве при извршувањето на нивните работни обврски се изложени на исклучителен стрес и, со тоа, на здравствени ризици.

Во однос на совети за заштита на менталното здравје на новинарите, од Институтот појаснија дека не е секогаш можно да се остане непристрасен набљудувач во ситуација на трагедија или катастрофа. - Тешко е да се повлече линија помеѓу „повлекување“ и „помагање“, особено ако како новинар сте во позиција да понудите помош. Ако одлучите да понудите помош, ваша одговорност е да им објасните на соговорниците дека не се должни да возвратат на дадената помош со давање изјава или со интервју. Не вршете притисок врз никого да даде изјава и не изненадувајте ги луѓето со ненадејни прашања, бидејќи секој стрес што ќе го предизвикате кај нив може да го интензивира претходно манифестираниот стрес. Ако луѓето сакаат да ја споделат својата приказна подоцна, оставете податоци за да можат да ве контактираат, наведоа од ИСППИ.

Упатија совет до новинарите да ги следат сопствените реакции, емоции и потреби, и за време на работата и надвор од неа.

- Избегнувајте претерано идентификување со луѓето кои ги интервјуирате или кои доживеале трагедија, катастрофа или траума. Бидете свесни за штетноста на мислите како што се: „Што ако тоа ми се случеше мене“, „Што ако тоа му се случеше на мојот партнер/моето дете“ и слично. Поврзете се со другите за да го воспоставите и да го одржувате вашиот систем за поддршка. Побарајте помош за каква било вознемиреност. Само затоа што можеби не живеете во заедницата или не сте го доживеале тоа лично, не значи дека не можете да бидете погодени од трагичниот настан, велат од Институтот од каде советуваат и дека е потребно да се одржува здрав начин на живот и да се користат позитивни стратегии за справување со стресот.

Во пожарот што се случи ноќта меѓу саботата и неделата, животот го загубија 59 млади лица. Тие ќе бидат погребани денеска во Скопје, Кочани, Штип и Облешево.

Рубио го демантира Политико за можно укинување на санкциите за руските енергетски проекти

Рубио го демантира Политико за можно укинување на санкциите за руските енергетски проекти, вклучително и гасоводот Северен тек 2.

Рубио го демантира Политико за можно укинување на санкциите за руските енергетски проекти

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска ги демантираше наводите на бриселскиот портал Политико за наводни внатрешни дискусии во Белата куќа за можното укинување на санкциите за руските енергетски проекти, вклучително и гасоводот Северен тек 2.

„Ова е недвосмислено лажно. Ниту Стив Виткоф, ниту јас не разговаравме за укинување на санкциите кон Русија како дел од договорот со Украина“, напиша тој на својот профил Икс.

Тој оцени дека станува збор за „новинарска малверзација“.

„Ако Политико има малку интегритет, тие целосно ќе ја повлечат оваа фикција“, наведе Рубио.

Политико претходно објави дека во Белата куќа се водат внатрешни дискусии за евентуално укинување на санкциите како дел од напорите за постигнување мир во Украина. Специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток Стив Виткоф, наводно, ја водел иницијативата за олеснување на санкциите, додека Рубио и секретарот за внатрешни работи Даг Бургум се спротивставиле на идејата. Портпаролите на Белата куќа ги негираат наводите за разговори за укинување на санкциите, нарекувајќи ги „неодговорно известување“.

Хонг Конг му дозволи на поранешниот кардинал Џозеф Зен да присуствува на погребот на Папата

 Поранешниот надбискуп на Хонгконг, кардиналот Џозеф Зен доби дозвола да го напушти јужниот кинески град за да присуствува на погребот на папата Франциск во Ватикан.

Хонг Конг му дозволи на поранешниот кардинал Џозеф Зен да присуствува на погребот на Папата

Деведесет и тригодишниот пензиониран бискуп синоќа го напуштил Хонг Конг откако поднел барање за враќање на пасошот. Властите му го одзедоа пасошот по неговото контроверзно апсење во 2022 година, според законот за национална безбедност наметнат од Пекинг.

Зен е меѓу критичарите во последниве години кои тврдат дека договорот на Ватикан со кинеските власти за прашањето за назначувањето на епископите е предавство на кинеските католици. Тој го критикуваше и државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, кој ги водеше преговорите со Пекинг, нарекувајќи го „човек со слаба вера“.

Секретаркаата на Зен рече дека по погребот на Папата тој ќе се врати во Хонг Конг, без да даде точен датум за неговото враќање.

Зен првпат беше уапсен во 2022 година под сомнение за соработка со странски сили според Законот за национална безбедност.

Иако сè уште не е обвинет за кршење на законот за национална безбедност, тој и уште пет лица беа прогласени за виновни за нерегистрација на веќе непостоечкиот фонд за помош на луѓето приведени за време на масовните продемократски протести во Хонг Конг во 2019 година. Расправата за неговата жалба против казната е закажана за декември.

Финансиска полиција поднесе кривична пријава против едно лице за даночно затајување

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против А.А поради основи на сомнение за сторено кривично дело Даночно затајување по член 279 став 2 од КЗ.

Финансиска полиција поднесе кривична пријава против едно лице за даночно затајување

- Пријавениот А.А во својство на управител и сопственик на „Друштво за производство, трговија и услуги АРМАН КОМПАНИ ДООЕЛ Скопје”, во периодот од 01.01.2020 година до 25.12.2024 година, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правниот субјект, набавената трговска стока (јаткасти производи), евидентирана на залиха во вредност од 53.257.786 денари, неосновано ја присвоил и не ја евидентирал во сметководствената евиденција како кусок, при што пријавениот не пресметал, не пријавил и не уплатил Данок на Додадена вредност по даночна стапка од 5 % во износ од 2.662.889 денари и Данок на Добивка по даночна стапка од 10 % во износ од 5.325.778 денари, а за застарените обврски кон добавувачи постари од три години во износ од 40.903.524 денари (краткорочни), а кои потекнуваат од 2020 година и не се прикажани како Приходи во Билансот на успех и Даночниот Биланс на правниот субјект за 2023 година, пријавениот не пресметал, не пријавил и не уплатил Данок на добивка по даночна стапка од 10 % во износ од 4.090.352 денари, соопштија денеска со Управата за финансиска полиција.

Со намера да ги прикрие инкриминираните активности, се додава во соопштението, пријавениот не изготвил и не поднел Завршни сметки за 2021 година, 2022 година и 2023 година, до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар на Република Македонија со што не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи во вкупен износ од 12.079.019 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Македонија.

притисни ентер