За 5 години има склучени вкупно 77 договори за јавни набавки во вредност од 151 милион евра, покажало истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.. Од нив дури 66 тендери им се склучени со државното претпријатие АД Електрани, во вредност од 141 милион евра.
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации за Канал 5 вели дека огромни пари се одлеваат за користење на механизација од приватни фирми, каде што главно тоа е Марковски Компани меѓутоа во целиот тој процес се вклучени и други подизведувачи.
-Под притисок на јавноста Владата на Заев во 2017 година најави дека нема веќе да го користи овој модел кој сметаме дека е под силен корупциски притисок и дека на овој начин нерационално се одлеваат многу пари од АД Електрани во приватните компании, најави дека ќе купат нова механизација и дека нема веќе да се користат вакви фирми кои ќе ја ангажираат нивната механизација и работници, но од ветувањата не излезе ништо, бидејќи се набави многу мал дел од механизацијата и вредноста на договорите со Марковски Компани и со други копмании од година во година стануваа се поголеми, изјави Факиќ.
Второпласирана според заработката е веледрогеријата Д-р Пановски, која за 5 години склучила скоро 1.500 договори, вредни 144 милиони евра, а трета е Пуцко Петрол со склучени 1 776 договори за нафта во вредност од 137 милиони евра..
На годишно ниво, тендери добивале помеѓу 3.300 и 3.800 фирми, но анализата на фирмите добитници на тендерите и вредноста на тендерите открива висока концентрација на тендерите кај мал број фирми. првите 10 фирми на врвот од оваа листа добиле тендери во вредност од 1 милијарда..
-Целта на ова истражување беше да укажеме дека најголем дел од парите завршуваат кај мал круг на фирми што секако е неповолно за нашиот економски развој, многу поповолно е кога поголем дел од тендерите би завршувале кај поголем број фирми. Надлежните институции да се инспирират да продолжат со истражување дали ова се должи можеби на тоа што одредени фирми се фаворизирани на централно и локално ниво и дали тука треба да се преземат мерки од наделжната Комисија за заштита на конкуренцијата во смисла на тоа дека можеби самите фирми се договараат меѓу себе, можеби нелојална конкуренција постои и во тој сегмент, вели Факиќ.
Директорот на термоелектраната Тони Петрушевски, вчера соопшти дека РЕК Битола раскинала еден од тендерите со фирмата „Марковски“, вреден 46 милиони евра поради неодговорно постапување и покрај, како што рече, сите опомени и укажувања. Според него Марковски Компани во континуитет не успевала да ги испорача договорените количини на јаглен и како што рече директно ја загрозила енергетската стабилност на државата.
Владејчката ВМРО-ДПМНЕ многупати го повикуваше Обвинителството за ги провери тендерите во РЕК поради сомнежи за кроуптивни зделки, но досега конкретен исход нема.