Бесими – ММФ: Повисоки проекции за економски раст годинава, фискална консолидација

Заздравувањето на македонската економија е видливо, на што укажуваат и најновите нагорни проекции на ММФ и Светска банка за економскиот раст годинава од четири отсто и 4,6 проценти. 

Среднорочната фискална консолидација, поддржана преку Планот за фискална одржливост и поддршка на растот, Стратегијата за реформа на даночниот систем, како и Планот за финансирање на растот, се добра основа за зачувување на фискалната одржливост. Воедно, пост-пандемиското заздравување нуди можност за забрзување на транзицијата кон зелена и дигитална економија.

Ова беа само дел од заклучоците од средбите на министерот за финансии, Фатмир Бесими со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, директорот на Европскиот оддел во ММФ, Алфред Камер, шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска и други официјални претставници, одржани во рамки на Есенските средби на ММФ и Светска банка.

На состанокот беа дискутирани и поздравени преземените мерки на Владата за справување со пандемијата, со кои се овозможува побрзо заздравување на економијата.

Министерот за финансии истакна дека повеќе високофреквентни индикатори упатуваат на економско заздравување. Во вториот квартал од 2021 година, реалниот БДП забележа раст од 13,1 отсто на годишна основа и со тоа земјата практично излезе од рецесијата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Извозот на добра и услуги се зголеми за 45 проценти на реална основа, a стапката на невработеност продолжи да се намалува и достигна ниво од 15,9 отсто.

Министерот за финансии потенцира дека проекцијата на Владата и на Министерството за финансии е годинава растот на БДП да биде 4,1 отсто, но позитивните движења во вториот квартал и случувањата и макроекономските политики во третиот и четвртиот квартал може да придонесат годинава да ја завршиме со повисок раст на БДП од проектираниот.

-Северна Македонија се фокусира на подобро искористување на традиционалните и воведување иновативни финансиски инструменти за поддршка на инвестициските проекти на приватниот и јавниот сектор, преку мобилизирање буџетски средства, средства од официјалните кредитори, како и средства од развојните партнери. Државата ќе издава развојни обврзници, зелени обврзници и проектни обврзници – тие ќе им бидат достапни не само на големите инвеститори, туку и на граѓаните, кои ќе имаат можност да ги вложуваат своите заштеди во сигурни инвестиции, со позитивно мултипликативно влијание во повеќе приоритетни области на економијата, рече Бесими.

Воедно, како што потенцира, ќе се создаваат услови за зголемување на продуктивноста, а со спроведување на дигиталната и зелената агенда, економијата ќе биде поконкурентна, инклузивна и одржлива.

-Фискалната консолидација истовремено ќе обезбеди непречено финансирање одржлив и инклузивен раст, при што истото ќе се спроведе преку подобро управување со инвестициските проекти на јавниот и приватниот сектор и поддршка од приватниот сектор, истакна министерот.

Притоа, беше посочено дека и понатаму внимателно ќе се следат макроекономските и секторските трендови, дека Владата е свесна за предизвиците и дека ќе продолжи да обезбедува поддршка за погодените граѓани и компании, истовремено внимавајќи на фискалната консолидација на среден рок.

На Есенските средби, претставниците на ММФ истакнаа дека владите треба да имаат јасна и кредибилна среднорочна фискална политика, којашто ќе обезбеди фискална одржливост. Мерките за поддршка на стопанството, онаму каде што е потребно, не треба да се повлечат предвреме, а онаму каде што е возможно, треба да бидат што потаргетирани и временски ограничени.

Фискалната консолидација, обновата на фискалните резерви (баферите), мерките за поддршка на стопанството, како и дигитализацијата и зелената агенда беа едни од клучните поенти образложени и од вицепремиерот и министер за финансии на Белгија, Винсент Ван Петегхем, во име на 16 држави меѓу коишто е и нашата држава, во неговото обраќање на 44-тиот Монетарен и финансиски комитет, одржан во рамки на Есенските средби.

Петегхем истакна дека фокусот на фискалната политика треба постепено да се префрли кон обнова на фискалните резерви (баферите), особено во земјите каде што нивото на јавниот долг е зголемено, со што ќе се овозможи отпорност на следни можни кризи, како и на предизвиците од дигиталната трансформација и транзиција кон зелена економија.

-Во земјите каде што економската активност е сè уште во голема мера ограничена од пандемијата и каде што постои фискален простор, мерките за поддршка на стопанството не треба да се повлекуваат предвреме, со цел да се минимизираат „лузните" од таквиот чекор. Воедно, владите треба да изготват и да комуницираат јасна среднорочна фискална политика, којашто ќе ја зајакне довербата и ќе создаде дополнителен буџетски простор, но истовремено ќе овозможи фискална одржливост, рече Бесими и додаде дека ранливите и фискално ограничени економии може да бараат дополнителна мултилатерална финансиска помош.

На средбите беше поздравена одлуката на Бордот на гувернери на ММФ за распределување на специјалните права на влечење на земјите членки на ММФ во еквивалентен износ од 650 милијарди долари, при што на земјава ѝ беа доделени 134,47 милиони специјални права на влечење (еквивалентно на околу 191 милион американски долари за буџетска поддршка). Законот којшто ќе овозможи повлекување на средствата е одобрен од Владата и во моментов е во собраниска процедура

ЕК го прогласи веб сајтот за е-трговија „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“

Европската комисија донесе одлука за прогласување на веб страницата за електронска трговија со седиште во Сингапур, „Шејн“ за „многу голема онлајн платформа“ согласно Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата одлука е донесена откако е утврдено дека „Шејн“ во просек месечно има над 45 милиони корисници во ЕУ, што е услов една интернет страница да добие статус на „многу голема онлајн платформа“.

Согласно оваа одлука, најдоцна до крајот на август „Шејн“ ќе мора да се усогласи со строгите правила што важат за „многу големите онлајн платформи“ согласно Законот за дигитални услуги, како што се засилување на мерките за заштита на корисниците, вклучително и на малолетниците и соодветна проценка и ублажување на сите можни системски ризици кои произлегуваат од нејзините услуги, како што се ширење на илегални содржини, продажба на фалсификувани или забранети стоки и заштита на брендови и интелектуална сопственост.

Врз основа на ДСА, Европската комисија на 25 април минатата година прогласи 19 веб страници, социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за е-трговија за „многу големи онлајн платформи“, кои до крајот на август мора целосно да се усогласат со строгите правила на Законот што се предвидени за платформите со ваков статус .

Дополнително, ист статус Еврокомисијата на 20 декември 2023 година им го додели на уште три сајтови, кои треба да се усогласат со ДСА до крајот на месецов.

Со најновата одлука, статус „многу големи онлајн платформи“ имаат вкупно 23 сајтови, социјални мрежи, пребарувачи и страници за е-трговија и тоа „АлиЕкспрес“, „Амазон“, „Бинг“, „Букинг“, „Википедија“, „Гугл Мапс“, „Гугл Плеј“, „Гугл Срч“, „Гугл Шопинг“, „Еп Стор“, „Заландо“, „Икс“, „ИксВидеос“, „Инстаграм“, „Јутјуб“, „Линкедин“, „Пинтерест“, „Порнхаб“, „Снепчет“, „Стрипчет“, „ТикТок“, „Фејсбук“ и „Шејн“.

Шведските клубови се изјаснија против ВАР технологија

Шведската елитна лига нема да воведе систем за видео анализа (ВАР) откако фудбалските клубови го изразија своето противење на технологијата, изјави денеска претседателот на Фудбалската федерација на Шведска (SvFF), Фредрик Рајнфелд.

ВАР постојано е во центарот на контроверзи во лигите каде е воведен, со поплаки поврзани околу обемната анализа и одложувањата кои често траат неколку минути.

Во јули 2023 година, шведската професионална фудбалска лига, која ги претставува клубовите во првите две дивизии, порача дека мнозинството клубови во земјата „активно се противат“ на воведувањето на ВАР.

„Ако броев правилно, имаме 18 елитни клубови и две области кои рекоа дека не сакаат да воведат ВАР“, изјави денеска Рајнфелд, кој е поранешен премиер на Шведска, за весникот Афтонбладет.

„Ние го почитуваме тоа. Затоа на претходниот состанок на Претставничкиот комитет воопшто не изнесовме предлог за ВАР и не го предвидувам тоа ниту во иднина. Јас сум за почитување на демократските правила на игра“, истакна првиот човек на шведскиот фудбал.

Новиот „Smart“ е огромен: Производителот ги објави димензиите

Збогум за малиот градски автомобил?

Само десет дена откако го прекина производството на моделот „ForTwo“ во Хамбах и на тој начин ги прекина последните врски со микромобилноста, „Smart“ сега е на другата страна на светот (во Кина) се обидува да ги убеди луѓето да го сакаат нивниот најголем модел досега - 4,75 метарски теренец!

Имено, новиот концепт „Smart #5“е дури и подолг од „Mercedes GLC“.

Се чини дека ова е конечно крајот на приказната за малиот градски автомобил.

„Повеќе од четвртина век, „Smart“ се залага за урбана мобилност и паметни решенија во градскиот сообраќај“, вели извршниот директор Дирк Аделман.

„Затоа, концептот #5 е можеби најнеочекуваниот и најразноврсен автомобил што нашиот бренд некогаш го дизајнирал. Со него, ги оставаме сите граници зад себе и отвораме нов сегмент за клиентите во Европа и остатокот од светот“, додаде тој.

Внатре, „Smart #5“ е исто така огромен. Со меѓуоскино растојание од околу 3 метри, тоа не се однесува само на огромниот простор на поединечните седишта во задниот дел, кои веројатно ќе станат конвенционални задни седишта во серискиот модел, туку и за багажникот.

Иако „Smart“ отсекогаш изгледал малку како играчка, овој концепт во никој случај не е инфериорен во однос на споменатиот „Mercedes GLC“.

Сосема спротивно. Кога станува збор за електрониката, дури и претстојната генерација на инфозабава „MBUX“ за следниот „Mercedes CLA“ изгледа речиси застарена.

Два огромни „OLED“ екрани сјаат во кокпитот на „Smart“, а брзиот процесор на „AMD“ го напојува паметниот бот, чија вештачка интелигенција го има истиот талент за разговор и, пред сè, разбирање како „ChatGPT“.

Покрај тоа, технологијата од 800 волти гарантира неверојатно брзо полнење (до 80 проценти за 15 минути), а капацитетот на батеријата од повеќе од 100 kWh овозможува опсег од над 550 километри.

Тоа би требало да биде доволно и за подолги патувања.

„Smart #5“ сè уште ја има ознаката „Concept“ пред своето име. Но, шефот на европската компанија, Дирк Аделман, не остава сомнеж дека овој префикс ќе биде краткотраен.

Планирано е серискиот модел да се најде во продажба во Кина веќе оваа година, а во светот во 2025 година.

„И, како што сме навикнати од # 1, со изненадувачки мала промена од концептот“, вели Аделман.

Ако Аделман навистина успее да го спроведе својот план за почетна цена далеку под 50.000 евра, тогаш не само што ќе биде поевтин од „Mercedes EQA“ и „EQB“, туку и новиот „EQC“ ќе ја изгуби својата привлечност.

Извор: Б92

притисни ентер