Белгија иницира депортација на илегалните авганистански мигранти од ЕУ - Канал 5

Белгија иницира депортација на илегалните авганистански мигранти од ЕУ

Белгија иницира идеја за заеднички план на ниво на ЕУ за доброволно и присилно враќање на Авганистанците кои немаат законско право да престојуваат во Унијата или кои биле процесуирани поради криминални активности. 

Белгија иницира депортација на илегалните авганистански мигранти од ЕУ

Како што објавија бриселските медиуми, белгиската идеја веќе добила поддршка од 19 други земји членки на ЕУ, кои испратиле заедничко писмо до Европската комисија во кое бараат од неа да подготви теков план.

- Имаме можност да дејствуваме. Време е за цврст и координиран одговор, за да може ЕУ да ја врати контролата врз миграцијата и нашата безбедност, порача белгиска министерка за азил и миграција Анелин Ван Босујт по повод иницијативата.

Во писмото адресирано до еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, кое покрај Белгија го потпишале и Австрија, Бугарија, Германија, Грција, Естонија, Ирска, Италија, Кипар, Литванија, Луксембург, Малта, Норвешка, Полска, Словачка, Унгарија, Финска, Холандија, Чешка и Шведска, се посочува дека ЕУ повеќе не може да си дозволи неактивност.

Тие бараат Европската комисија да овозможи доброволно и присилно враќање на Авганистанците кои илегално престојуваат во ЕУ, а особено оние кои се сметаат за закана за јавниот ред.

За остварување на оваа идеја, во писмото се предлага дури и формирање на заедничка мисија на ЕУ во Авганистан, преку која би се координирало враќањето на авганистанските мигранти.

Дваесетте земји членки на ЕУ предлагаат и во рамки на преиспитувањето на мандатот на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс), планирано за идната година, на Агенцијата да и се даде поголема улога во реализацијата на напорите за враќање на илегалните мигранти од ЕУ преку нејзината Програма за реинтеграција.

Според наводите во писмото, овие постапки за доброволно и присилно враќање на мигрантите во нивните матични земји треба да бидат финансирани на европско ниво, имајќи предвид дека во моментов трошоците за ова ги покриваат земјите членки, што довело до „фрагментирани и скапи пристапи“.

Германија, која е една од потписничките на писмото, веќе презема сопствени мерки за враќање на Авганистанците во нивната матична земја, пред се оние кои се осудени за кривични дела. Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринд соопшти дека Берлин е „близу до склучување договор“ со властите во Кабул за обнова на редовните летови за депортација на мигрантите и без формално признавање на талибанскиот режим од страна на Германија.

Покрај за враќање на Авганистанците, во рамките на ЕУ се интензивираат и дискусиите за депортација на Сиријците.

За ова прашање се разговараше на состанокот на министрите за внатрешни работи во Луксембург во вторникот, при што беше покрената дебата за тоа дали актуелната состојба во Сирија е адекватна за враќање на сириските мигранти во земјата, посебно на припадниците на одредени малцински заедници.

Земјите членки на ЕУ веќе подолг период инсистираат на заострување на мерките за миграцијата и азилот во Унијата. Дел од нив, предводени од Данска и Италија, објавија отворено писмо во кое го обвинија Европскиот суд за човекови права дека со своите пресуди по тужби поврзани со мигрантските прашања „премногу е наклонет кон индивидуалните права на сметка на националната безбедност“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Разоткриена мрежа за шверц на кокаин во Европа

Во Швајцарија се уапсени 41 лице како дел од меѓународна операција насочена против мрежа осомничена за шверц на кокаин и перење пари, соопшти Европол.

Разоткриена мрежа за шверц на кокаин во Европа

Истражителите ја поврзуваат оваа мрежа со запленувањето на над 750 килограми кокаин во Антверпен.

Меѓународна истрага, поддржана од Европол и Евроџаст, разоткри криминална мрежа осомничена за шверц на големи количества кокаин од Еквадор и други земји од Латинска Америка во Европа – практика што постои најмалку од 2019 година – при што истовремено се вршело и перење на средствата стекнати од трговијата со дрога.

Истрагата беше предводена од швајцарското Федерално обвинителство и Федералната полиција. Операцијата се спроведе на 10 и 11 ноември на територијата на Швајцарија, Чешка, Германија, Холандија и Шпанија. Во Швајцарија беа извршени претреси на 55 локации, а за пет од 41 уапсено лице беше побаран притвор. Европол исто така соопшти дека петмина осомничени се приведени во Германија.

Во Белгија откриени 750 килограми кокаин

Истражителите ја поврзуваат мрежата со неколку заплени на кокаин, вклучително и една од август оваа година, кога во белгискиот град Антверпен беа откриени повеќе од 750 килограми од оваа дрога, скриени во кутии испратени од Латинска Америка. Според Европол, увозот бил овозможен преку фиктивни компании регистрирани во Швајцарија и Холандија, додека се претпоставува дека заработката од шверцот се перела преку компании во Чешка, Германија и Швајцарија.

Во земјите што учествуваа во оваа операција, досега се запленети повеќе од 2,3 милиони швајцарски франци, криптовалути во вредност од 50.000 франци и 15 парчиња огнено оружје. Во Германија се запленети околу 1,3 милиони евра во готовина, додека во Чешка се одземени околу еден милион евра и 850.000 чешки круни.

Европол ја поддржува истрагата уште од 2022 година, преку олеснување на размената на информации, анализа на податоци и координација на активностите. Евроџаст поддржа заеднички истражен тим кој ги обедини надлежните органи од пет земји за да ги координираат истрагите и да разменат докази.

Фото: ВИ

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски: Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје!

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.

Мицкоски: Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје!

„13 Ноември е еден од најзначајните датуми во историјата на нашиот главен град, денот кога Скопје ја дочека слободата и го означи почетокот на едно ново поглавје во своето историско постоење. На овој ден се сеќаваме на храброста, пожртвуваноста и непоколебливата решителност на борците кои го положија својот живот за слободата, достоинството и иднината на генерациите што доаѓаат. Нивната борба е трајно вградена во темелите на современо Скопје и претставува обврска да го чуваме историското паметење и вредностите врз кои се гради едно слободно општество.“- напиша Мицкоски.

Тој потенцираше дека денес нашата одговорност е да продолжиме да го градиме Скопје како модерен, уреден, безбеден и достоинствен европски град, град на можности, солидарност и просперитет за сите негови граѓани.

„Скопје не е само географски и административен центар, туку срцето на нашата државност, нашиот заеднички дом и симбол на истрајноста на македонскиот народ. Со почит кон минатото, одговорност кон сегашноста и визија за иднината, да продолжиме да создаваме град со кој ќе се гордеат сегашните и идните генерации. Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје!“- додава Мицкоски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Microsoft“ се огласи по глобалниот прекин на услугите: „Работите не се одвиваат според планот“

Од „Microsoft“ соопштија дека напорите за решавање на проблемот – за кој не се верува дека е резултат на сајбер-напад – не ги дале очекуваните резултати.

„Microsoft“ се огласи по глобалниот прекин на услугите: „Работите не се одвиваат според планот“

Американската технолошка компанија изјави дека работи „итно“ на решавање на прекините во услугите, кои влијаеле врз голем дел од нејзините понуди.

Во петок, „Microsoft“ пријави „делумно обновување“ на услугите во одредени региони, но напомена дека преземените мерки сè уште не обезбедиле трајно решение.

Компанијата наведе дека разгледува „дополнителни чекори“ за „подобрување на севкупната стабилност на инфраструктурата“, притоа припишувајќи ги проблемите на „зголемено оптоварување“ на нејзината инфраструктура.

„Ја цениме трпеливоста и разбирањето додека работиме итно на решавање на овој инцидент“, додадоа од „Microsoft“.

Извештаите за проблеми со „Outlook“ – програмата за е-пошта на компанијата – се зголемија на приближно 130.000 на веб-страницата „Downdetector“ (која следи прекини во работата на сервисите) веднаш по 13:00 часот по источно време во четвртокот.

Корисниците исто така пријавија потешкотии при пристапот до „Microsoft Teams“, апликацијата на компанијата за деловна комуникација, како и до асистентот со вештачка интелигенција „Copilot“ и други услуги во рамките на пакетот „Microsoft 365“. Од компанијата посочија дека проблемите би можеле да влијаат врз корисниците во кој било регион. „Microsoft“ објави на социјалните мрежи дека серверите станале недостапни и не ги поминувале автоматските проверки на функционалноста, што создало дополнителен притисок врз оние сервери што останале оперативни.

Компанијата соопшти дека тестира промена во конфигурацијата за прераспределба на сообраќајот – кој се интензивирал во одредени делови од инфраструктурата – и дека ги рестартира погодените услуги за повторно да ги стави во функција.

„Работиме на тоа безбедно да ги вратиме услугите во функција“, изјавија од компанијата.

Сепак, американската компанија извести дека напорите за обновување не напредуваат според очекувањата, при што во петок наутро беа пријавени проблеми во Азија и Австралија.

Австралискиот министер за внатрешни работи и сајбер-безбедност, Тони Бурк, изјави дека според „Microsoft“, ова не е сајбер-напад. „Тие веруваат дека се соочуваат со нешто слично на она што го видовме кај „CrowdStrike“ – ажурирање што тргнало наопаку“, изјави Бурк на прес-конференција.

„Последиците со кои се соочуваат... значително влијаат врз системите за е-пошта“, додаде тој.

Австралиската разузнавачка агенција и федералната полиција се меѓу организациите погодени од овој прекин.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер