Тој на прашањата на судијата Ивица Стефановски посочи дека со години не знае каде му се наоѓа пиштолот, долго време го чувал дома, но не знаел точно каде завршил откако го извадил надвор од дома.
Видевски и на денешното рочиште негираше инволвираност во двете убиства, додека пак обвинителството читаше негов исказ даден во истрага, при што детално ги опишал грабнувањата и убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, посочувајќи го Љупчо Палевски како директен извршител.
-Тогаш слушнав истрел, девојчето беше убиено од куршумот на Палевски. Го прашав зошто го направи тоа, но тој само ги крена рамениците. Кога ја закопавме се вративме во Десна и тогаш пак го прашав зошто ја уби кога за неа требаше да бараме откуп. Тој рече: „Да помине малку време ќе бараме“ - Исказ на Боре Видевски во полициска станица
Видевски потврди и дека партијата Десна имала радиостаници, но дека ги користела само за партиски активности.. Инаку, според обвинителството и исказот на Велибор Манев, токму радиостаници биле користени за комуникација при грабнувањата.
За различните искази пак, неговиот адвокат тврди дека веродостоен е оној кој го дал во обвинителството, бидејќи исказот кој првично го дал во полиција бил под тортура.
-Јавноста може да верува на неговиот став даден во вториот исказ во ЈО, кога бевме заедно, а истиот исказ го даде и овде пред судот на минатото рочиште. Евидентно е употребена тортура од страна на полицијата врз него и тоа е евидентно по неговата здравствена состојба. - Бојан Манев – Адвокат на Боре Видевски
На следното рочиште кое е закажано за втори април, исказ треба да даде обвинетиот Влатко Кешишев.