Бајден: САД ќе испратат војници во Источна Европа при евентуална инвазија на Русија врз Украина

САД имаат намера да испратат војници не во Украина, туку во соседните НАТО земји, во случај на евентуална инвазија на Русија. 

Ова синоќа го соопшти американскиот претседател Џо Бајден, одговарајќи на прашања на новинари во Вилмингтон, во државата Делавер, каде го минува викендот.

Неговата изјава веднаш беше објавена на интернет страницата на Белата куќа.

Бајден беше прашан зошто решил да се откаже од идејата за распоредување американски војници во Украина во случај на инвазија на Русија.

-Никогаш тоа не е разгледувано, одговори претседателот на прашањето дали е подготвен да испрати американски војници во војна во Украина за да се борат против Русија на бојното поле.

Според него, за време на онлајн средбата со Владимир Путин, тој му кажал дека во случај на инвазија на Украина, американските трупи ќе бидат испратени во таканаречната група „Букурешт девет" (Б9), во која се наоѓа источното крило на НАТО (Бугарија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Чешка и Естонија).

-Ќе мораме да испратиме повеќе американски и НАТО војници во источното крило, во Б9, во сите оние земји на НАТО за кои имаме света обврска да ги заштитиме од каков било руски напад, рече Бајден.

Истовремено, тој додаде дека САД „ќе продолжат да му обезбедуваат на украинскиот народ одбранбени способности", без да ја прецизира нивната природа.

Бајден повтори дека во разговорите со Путин укажал на погубните економски последици за Русија од потенцијалната руска инвазија на Украина.

-Многу јасно му кажав на претседателот Путин дека доколку ја нападне Украина, економските последици за неговата економија ќе бидат поразителни, рече Бајден.

„Влијанието на сето ова врз Русија, ставот, начинот на кој остатокот од светот гледа на Русија, значително ќе се промени. Ќе платите ужасна цена", додаде Бајден, осврнувајќи се на неговиот разговор со рускиот лидер.

Путин и Бајден на 7 декември одржаа видео-конференција што траеше два часа, а на неа доминантна тема беше ситуацијата околу Украина

Ер Франс, КЛМ, Луфтханза и Брисел Ерлајнс се меѓу 20-те авиокомпании под истрага од ЕУ

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

Европските авиокомпании „Ер Франс“, „КЛМ“, „Луфтханза“ и „Брисел ерлајнс“ се меѓу 20-те авиокомпании што се под истрага од страна на Европската унија за потенцијално погрешни практики дека нивната активност е ориентирана кон заштита на животната средина.

Ова го соопштија дел од компаниите, потврдувајќи ја информацијата на белгиската телевизија РТБФ.

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

„Ер Франс“ потврди дека добиле писмо од Европската комисија. Компанијата во моментов ја прегледува нејзината содржина и ќе ги испита дејствијата што треба да се преземат, изјави портпаролот на француската авиокомпанија.

Луфтханза во соопштението наведе дека и таа внимателно го разгледува случајот.

Портпаролот на КЛМ рече дека холандската компанија, дел од групацијата Ер Франс, исто така добила писмо од ЕК. /МИА

Приведени 14 државјани на Србија кои измамиле германски државјани за милион евра

Четиринаесет лица во Србија се приведени поради меѓународна измама преку „кол-центри“ во кои се оштетени неколку германски државјани за сума од околу еден милион евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Србија.

Како што се наведува во соопштението на МВР, на барање на Германија, припадници на полицијата и на Службата за борба против високотехнолошки криминал при Техничката управа учествувале во меѓународна полициска акција, а се однесува на измама извршена од меѓународно организирана криминална група.

При претрес на станови и други простории на 22 локации, од кои две се на територијата на Ниш и девет на територијата на Нови Пазар, пронајдени се доказни предмети./МИА

Црн лебед во грчката река Еврос

 Единицата за управување со Националните паркови во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, додека спроведувала научно набљудување на делтата на реката Еврос наишла на ретка и невообичаена појава – црн лебед, јави дописничката на МИА

Црниот лебед воопшто не е својствен за Грција и затоа е непознато како воопшто се нашол во реката.

Најзастапен е во Австралија и Нов Зеланд, а живее во реки, големи езера, лагуни, а понекогаш и по должината на бреговите.

-Вработените во единицата за управување ги пречка пријатно изненадување бидејќи при научно набљудување на делтата на Еврос забележаа црн лебед, напишаа на Фејсбук од надлежните за Националниот парк објавувајќи фотографии од ретката појава.

притисни ентер