„Разбирам дека должност на мојата земја е да води во критичните моменти“, рече Бајден на почетокот на говорот, додавајќи дека САД бараат побезбеден, попросперитетен и праведен свет за сите луѓе.
Бајден, исто така, рече дека иднината на САД е поврзана со иднината на остатокот од светот и дека „ниту една нација не може сама да одговори на денешните предизвици“.
Бајден во ОН зборуваше и за вештачката интелигенција и нагласи дека е неопходно таа да биде „безбедна“ и дека владите треба да управуваат со оваа технологија, а не обратно.
„Мораме да бидеме сигурни дека ги користиме овие алатки како можност, а не како оружје за угнетување“, рече Бајден.
Минатата недела, технолошките лидери, вклучувајќи ги Илон Маск и Марк Закерберг, се состанаа со Конгресот за да разговараат за технолошките регулативи, јавува Би-Би-Си.
Американскиот претседател смета и дека климатските промени треба да се третираат како „егзистенцијална закана“.
Цитирајќи голем број неодамнешни природни катастрофи - топлотни бранови во САД и Кина, шумски пожари во САД и Европа, суша во Африка и поплави во Либија - Бајден вели дека сите тие укажуваат на она што го чека светот ако не ја намали својата зависност од фосилните горива.
„Од првиот ден од мојата администрација, Соединетите држави ја третираат оваа криза како егзистенцијална закана, не само за нас, туку и за целото човештво“, рече Бајден.