Автомобил за вистинско уживање - Канал 5

Автомобил за вистинско уживање

Новата Opel Corsa Gse ја освои наградата „Carwow – автомобил на годината 2027“

Автомобил за вистинско уживање

Возбудлив спортски хечбек: Редакцијата на Carwow Германија ја прогласи новата Corsa GSE за „автомобил за вистинско уживање при возење“ за 2027 година.

• Чиста електрична моќност: 207 kW (281 КС), вртежен момент од 345 Nm и забрзување од 0 до 100 km/h за само 5,5 секунди.

• Дизајн што го забрзува пулсот: GSE-дизајн на предниот и задниот дел, 18“ фелни, високоперформансни сопирачки Alcon, спортски седишта и дигитални дисплеи, жолти безбедносни појаси и многу повеќе.

Комбинирани вредности за Opel Corsa GSE според WLTP: Потрошувачка на енергија 16.0-17.0 kWh/100 km, емисија на CO2 0 g/km; CO2 ознака: A

Комбинирани вредности за Opel Mokka GSE според WLTP: Потрошувачка на енергија 18.5 kWh/100 km, емисија на CO2 0 g/km; CO2 ознака: A

Спортски хечбек што го забрзува пулсот или едноставно кажано, вистински автомобил што овозможува уживање при возење! Токму таква е новата Opel Corsa GSE. Сега тоа е и официјално потврдено, независната редакција на Carwow Германија го награди новиот целосно електричен спортски автомобил со признанието „Carwow – автомобил на годината 2027“, прогласувајќи го за автомобил што овозможува вистинско уживање при возење. Corsa GSE уште еднаш докажа дека ги воодушевува и пошироката јавност и автомобилските експерти. Моќниот електричен модел неодамна ја имаше својата премиера на саемот за автомобили во Париз, каде што привлече огромно медиумско внимание за време на промотивниот настан по повод неговото претставување. Со освојувањето на наградата „Carwow – автомобил на годината 2027“, доделена од оваа влијателна онлајн-платформа за нови и половни автомобили, Corsa GSE, која веќе е достапна за нарачка, го освои и своето прво големо признание.

„Новата Opel Corsa GSE ја продолжува традицијата на Opel за возбудливи спортски хечбек-модели и покажува колку забавно може да биде возењето целосно електричен автомобил. Најспортската верзија на нашиот најпродаван мал автомобил ги освојува симпатиите на љубителите на автомобили, експертите и купувачите. Наградата „Carwow – автомобил на годината“ е силна потврда за тоа. Пресреќни сме поради ова фантастично признание“, изјави Patrick Dinger, директор на Opel Германија.

„Импресивни 281 КС, големи сопирачки со дијаметар од 355 милиметри и спортски седишта што обезбедуваат одлична потпора, Opel Corsa GSE ги има сите предуслови за вистинско уживање при возење. Благодарение на механичкиот диференцијал со ограничено пролизгување на предната оска, кој паметно ја распределува погонската сила, возењето низ свиоци со Corsa GSE е уште позабавно“, оценува жирито на Carwow Германија.

Од 0 до 100 km/h за 5,5 секунди: ниту еден актуелен сериски модел на Opel не забрзува побрзо

Новата Corsa GSE е вистински спортски хечбек, кој во целост го оправдува своето име. Кратенката GSE означува „Grand Sport Electric“, но може да се протолкува и како „goosebumps, speed and emotions“ (наежување, брзина и емоции). Како спортска изведба на најпопуларниот мал автомобил во Германија и Велика Британија, Corsa GSE овозможува сè што може да се посака од автомобил со високи перформанси. Со спуштена шасија, Torsen диференцијал со ограничено пролизгување, моќност од 207 kW (281 КС) и вртежен момент од 345 Nm, новиот модел располага со иста електрична моќност како и Mokka GSE. Сепак, Corsa GSE уште поубедливо ги демонстрира своите спортски способности. Од место до 100 km/h забрзува за само 5,5 секунди, со што станува најбрзиот модел во актуелната сериска понуда на Opel. На делниците од германските автопати без ограничување на брзината, возачите можат да забрзаат до максимални 180 km/h. Спортскиот карактер дополнително е нагласен со активниот спортски звук, развиен специјално за новата Corsa GSE. Неговата интензивност се менува во зависност од забрзувањето и брзината, правејќи ги перформансите звучно доживување и за возачот и за патниците.

Новата Opel Corsa GSE уште на прв поглед го открива својот спортски карактер и високите перформанси. Како најмоќната сериска верзија на Corsa досега, таа се одликува со бројни специфични GSE детали, почнувајќи од предниот браник со уникатен дизајн и впечатливите црни декоративни елементи, па сè до задниот спојлер и спортските 18“ алуминиумски фелни. Спортскиот дух продолжува и во внатрешноста, каде што се издвојуваат спортските седишта со интегрирани потпирачи за глава и GSE логото.

Истовремено, инженерите на Opel се погрижија целосно електричната Corsa GSE, и покрај својот спортски карактер, да ја задржи практичноста потребна при секојдневна употреба. Оваа Corsa не е само автомобил која овозможува вистинско уживање при возењето, туку и пријатен сопатник на подолги патувања, што го докажа и со патувањето од Сарагоса до Париз. Како и кај секоја електрична Corsa, и кај овој спортски модел волуменот на багажниот простор се движи од 267 до 1.042 литри. Стандардната опрема, која вклучува функција за греење на седиштата и управувачот, 180о камера за возење наназад, навигациски систем, адаптивен темпомат и систем за пристап и стартување без клуч, придонесува за поголема удобност и безбедност. Доколку возачите на Corsa GSE сакаат да напојуваат надворешни уреди, тоа можат да го направат со помош на енергијата од батеријата на возилото, благодарение на двонасочниот вграден полнач со функција V2L (Vehicle-to-Load). На овој начин, новата Corsa GSE го обединува најдоброто од двата света: возбудлив автомобил што овозможува вистинско уживање при возење, а истовремено без напор се справува со предизвиците на секојдневието.

Оваа година се одржа петтото издание на наградите „Carwow – автомобил на годината“. Стручното жири ги оценуваше возилата во единаесет категории, при што беа земени предвид критериуми како што се цената, перформансите, дизајнот, ентериерот, одржливоста, ефикасноста, удобноста и практичноста.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Предлог – закон за трансформација на работниот однос на пет илјади вработени на неопределено време

Околу 5.000 вработени со договор на дело во јавниот сектор да добијат редовен работен однос на неопределено време предлагаат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде во Собранието доставија нов предлог закон за трансформација.

Предлог – закон за трансформација на работниот однос на пет илјади вработени на неопределено време

Околу 5.000 вработени со договор на дело во јавниот сектор да добијат редовен работен однос на неопределено време предлагаат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде во Собранието доставија нов предлог закон за трансформација во редовен работен однос по скратена постапка. Според пратеникот Бојан Стојаноски целта е да им се помогне на илјадници лица кои со години работат со државните и јавните институции на определено време, а немаат како што рече сигурност на работното место, ги немаат сите права на платен одмор, социјално и пензиско осигурување.

- Станува збор за лица ангажирани со договори на определено време, договори на дело, авторски договори, преку агенции за привремени вработувања и други договори за извршување работа. Со решението се опфаќаат органите на државната власт, определени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите институции утврдени со законот, изјави - Бојан Стојаноски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Правото на трансформација ќе се однесува на лицата кои имаат важечки договор на денот на влегувањето во сила на законот и чиј договор останува важечки во моментот на трансформацијата, кажа Стојаноски.

Законот предвидува институциите да не смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаите на повреда на договорните обврски согласно законот.

-Институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Притоа, трансформацијата ќе се реализира фазно. За најмногу 50 проценти од опфатените лица, договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување. За преостанатите лица, договорите и решенијата ќе стапат во сила најдоцна до 31 декември 2027 година, објасни Стојаноски.

Од законското решение предвидени се и конкретни исклучоци. Изземени се акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, како и високообразовните и научните установи. Од листата исто така изземени се МВР Агенциите за национална безбедност и за разузнавање, БЈБ и уште неколку други.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дојавувале кога доаѓаат УЈП и МВР во „Пулс“ - девет лица обвинети за поткуп, злоупотреби и фалсификување

Две нови обвиненија против вкупно девет лица за злоупотреби поврзани со даночните контроли во дискотеката Пулс во Кочани.

Дојавувале кога доаѓаат УЈП и МВР во „Пулс“ - девет лица обвинети за поткуп, злоупотреби и фалсификување

Тамошното обвинителство поднесе обвинителен акт против три лица – двајца даночни контролори од УЈП кои побарале и примиле очила и рачен часовник со цел да го информираат за ненајавени вонредни контроли во фирмите каде третообвинетиот бил одговорно лице. Според информациите станува збор за инспекторите во штипската дирекција на УЈП, Драган Паунов кој инаку е брат на претседателката на скопскиот Кривичен суд Даниела Димовска, и Дуле Димитриев. Додека Михаил Јованов, синот на Дејан Јованов Деко, е одговорното лице во објектите. Информациите околу даночната постапка кои законски не смееле да ги оддаваат, иснпекторите на Михал Јованов му ги пренесувале преку вибер пораки.

-Двајцата даночни контролори се обвинети и за – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, бидејќи при извршена контрола во правниот субјект во кој одговорно лице бил третиот обвинет, на 06.03.2024 година утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но во записникот не ја внеле откриената незаконитост. Со ова на буџетот му нанеле шета од 98.400 денари кои останале како ненаплатена глоба кај прекршителот,- -ОЈО Кочани.

Дел од пораките меѓу Јованов и инспекторите, ИРЛ објави лани во септември. Комуникацијата посочуваше на дојави до дискотеката пред да има инспекциски контроли и подмитувања со подароци. Обвинителството тогаш потврди дека пораките се дел од доказниот материјал.

Шест лица пак се опфатени во обвинителниот предлог - четворица даночни контролори и инспектори од УЈП, и една вработена во ДПИ кои ги вршеле контролите во Пулс и фирмите на кои реален сопственик е Дејан Јованов – Деко, кој е шестообвинет.

-Констатираните неправилности не ги евидентирале и фалсификувале извештаи за извршените надзори. Со тоа на фирмите не им се наплаќале законски предвидените глоби. Во дејствијата на злоупотреба им помогнал и самиот реален сопственик,- -ОЈО Кочани.

Кривичната пријава првично опфаќала уште четири лица за злоупотреба на службената положба. За две лица постапката е запрена поради застареност, додека за другите две е утврдено дека нема дејствија на ова или на друго кривично дело што се гони по службена должност, велат од обвинителството.

Со овие две, за кочанската трагедија со пожарот во дискотеката Пулс каде загинаа 53 лица, досега има шест обвиненија.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

76-годишна жена убиена во својот дом во Ѓорче Петров

Влегле низ задната врата, ја извлекле од постела, ја врзале и малтретирале, а потоа ја ограбиле и убиле, ова се неофицијално деталите од убиството на 76 годишна жена од Ѓорче Петров, која утринава беше пронајдена мртва во својот дом.

76-годишна жена убиена во својот дом во Ѓорче Петров

Станува збор за грабеж кој резултирал со убиство, второ во Ѓорче Петров за само пет дена, откако во населбата во Хром, исто така со траги на насилство, беше пронајден мртов 62 – годишен маж. Жртвата, жителка на улицата Ѓурчин Кокале, утринава околу 9 часот ја пронашна нејзината ќерка, која дошла да ја посети и да и помогне околу домашните обврски. Убиството, според неофицијални информации, не е извршено со огнено оружје.

Токму ова е куќата, белата во позадина каде утринава била пронајдена жената од страна на својата ќерка. Според неофицијалните информации, била убиена во дневната соба.

Убиената била мирна и тивка жена со здравствени проблеми, велат соседите кои се шокирани што на оваа улица, на која немало поголем инцидент, се случило убиство, бидејќи истата важи за една од најбезбедните и најмирните улици во Ѓорче Петров. Сега велат, стравуваат за себе и најблиските.

На оваа улица јас живеам можеби 30-40 години, вакво нешто не се случило, немало ни грабежи, ни ништо. Девојченцето, ете се случило тој ден да одат во Маврово, кога се вратиле, кога ја затекнале, мртва. Значи треба да се заклучуваме и денски и навечер, ниски се оградите. Ова е прва случка ваква, немало досега, не знам за понатаму што да кажам.

Канал 5 ги затекна екипите на МВР кои вршеа увид на местото на злосторството, по сторителите во моментов се трага.

-Во 09:18 часот во СВР Скопје, М.А. пријавила дека во куќа на ул. Ѓурчин Кокале ја пронашла нејзината мајка О.А. без знаци на живот. Од страна на итната медицинска помош констатирана е смрт со видливи траги од насилство,- - Гоце Андреевски – Портпарол на МВР.

Неофицијално, според извори на Канал 5 од истрагата, полицијата истражува дали има можна поврзаност помеѓу двете убиства во изминативе пет дена. Според информациите, и 62 годишникот е убиен по разбојништво. Од обвинителството посочуваат дека се преземаат сите дејствија за расчистување на убиствата.

Неофицијално, едно лице осомничено за двете убиства во скопската населба Ѓорче Петров е приведено и во моментов се наоѓа во полициска станица.. За ова нема официјална потврда од МВР...

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер