Автобусот на „Дурмо турс" имал уред за манипулација на брзината, тврди возач од компанијата

Автобусот на „Дурмо турс" имал уред за манипулација на брзината за 12-13 километри на час и секој возач можел да го користи кога сака, истакна возач вработен во „Дурмо турс" на денешното рочиште за автобуската несреќата кај Ласкарци.

Сведокот Филип Наумовски, осум години работел во „Дурмо турс" како возач, а по потреба бил и кондуктер.

– Автобусот дента го возевме јас, Џемаил и Мануел. Првата тура од Гостивар за Скопје и назад во 7 часот мислам дека ја возеше Мануел. Потоа во 11 часот турата мислам дека ја возеше Џемаил. Во тој период Мануел беше на дневен одмор, како пауза, изјави Наумовски.

Автобусот, објасни сведокот, го возел од наплатната Глумово до Гостивар и не забележал ништо невообичаено.

– Во 14:30 за Скопје возеше колегата Мануел. Во автобусот бевме и јас и Џемаил. За време на возењето тој не се пожали за никакви здравствени или технички проблеми, изјави Наумовски.

Во 16:50 тргнавме со Мануел од Скопје и јас се симнав во Ѓорче Петров.

– За несреќата ми кажа Џемаил и јас отидов на местото на несреќата. Кога стигнав, го видов Мануел и го прашав што се случи. Тој ми одговори „не знам што се случи”, рече Наумовски.

Претходно, сведокот кажа дека автобусот дента, цело време возел на една тахографска лента.

– Тахографските ленти седеа во кутија во автобусот. Таму ги стававме старите и стававме нова. Сите возевме на една лента. Знаевме дека не треба, ама така правевме. Дента јас не ја пополнив тахографската лента, не знам дали некој во гаража, изјави Наумовски.

Тој рече дека ниту Дурмиш Белули, ниту Ремзи Мифтари, додека работел, не побарал или ги контролирал тахографските ленти.

Во автобусот рече дека имало уред за манипулација, што бил поставен неколку месеци откако се вработил во „Дурмо турс".

– Бесник и јас отидовме заедно во една фирма. Прво со еден после со друг автобус. Јас бев тогаш неколку месеци примен. Тоа беше во една фирма во Железара. Бесник во фирмата побара да се стави копче да лажира да покажува помала за 12-13 километри брзина, изјави сведокот.

Појасни, дека знаел дека сите три автобуси на таа релација имаа таков уред.

Прашан дали сам како возач смеел да одлучи да го извади уредот, сведокот рече дека тој само што се вработил и не можел такво нешто.

Сведокот појасни и дека доколку имале проблем со автобусот за тоа му кажувале на Ремзи Мифтари, кој кажувал кој автобус може да де вози на која релација.

Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс", Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело./МИА

Русија утринава почнала масовен ракетен и напад со дронови врз Украина

„На Денот на сеќавањето и победата над нацизмот во Втората светска војна, нацистичкиот Путин изврши масовен ракетен напад врз Украина“, напиша утринава украинскиот претседател Володомир Зеленски на мрежата Х.

Според Зеленски, над 50 ракети и повеќе од 20 беспилотни летала Шахед утринава ја гаѓаа инфраструктурата во областите Лавов, Виница, Киев, Полтава, Кировохрад, Запорожје и Ивано-Франковск.

„Сите неопходни служби веќе работат на ублажување на последиците од рускиот терор“, додаде тој.

„Цел свет мора да разбере кој е кој. Светот не смее да му даде шанса на новиот нацизам“, напиша Зеленски на мрежата Х.

Два часа Македонија гласа на вториот круг од претседателските и на парламентарни избори

Македонија два часа гласа на вториот круг од претседателските и на парламентарни избори.

Од седум часот се отворени гласачките места а граѓаните своето гласачко право ќе може да го исполнат до 19 часот.

Право на глас за претседателските избори имаат 1. 814 317 лица а за парламентарните 1 815 350 лица или 1033 избирачи повеќе, поради лицата кои помегу двата изборни круга станале полнолетни, и имаат право да гласаат само за новиот парламентарен состав..

Канал пет утринава беше на избирачките места во Карпош и во Центар, а во моментов екипата е на избирачко место во ООУ Блаже Конески во Општина Аеродром. Таму е нашиот репортер Игор Манасиевски. По два часа гласање како тече изборниот процес?

Целиот извештај погледнете го во видеото.

Не е почнато навреме гласање на едно место во Тетово поради апаратот за идентификација

Општинската изборна комисија Тетово информира дека во едно избирачко место од вкупно 117 не е почнато навремено гласањето во 7 часот поради нефункционалност на апаратот за идентификација.

Според информациите на Зулќуфли Реџепи, претседател на ОИК Тетово, до 8 часот и 15 минути со гласањето не било почнало, а за тоа како ќе се продолжи, рече дека е пријавено и чека решение од Државната изборна комисија.

Во Општина Тетово за парламентарните избори право на глас имаат 86.550 граѓани, додека за вториот круг за избор на претседател ќе може да изберат вкупно 86.405 луѓе. Од тие бројки вчера имаа прилика да гласаат имаат 54 затвореници, како и 181 лице, како болни и немоќни лица со право на глас.

Навреме отворени гласачките места во Липково и Старо Нагоричане

Навреме се отворени гласачките места во Липково и во Старо Нагоричане. Во Липково, за претседателските избори евидентирани се 26.030 гласачи, за парламентарните 26.024 гласачи кои гласаат на 36 избирачки места соопштија од ОИК Липково.

- Навреме отворени се сите места, изјави претседателката на ОИК, Ајше Демири.

Во Старо Нагоричане има 3.043 гласачи за претседателски, а за парламентарни 3.046 кои гласаат на кои гласаат на 38 избирачки места од кои две се споени, односно ги опслужуваат 36 избирачки одбори.

- Навреме се отворени сите места, имаше незначителни технички проблеми кои веднаш се надминаа, изјави претседателот на ОИК Старо Нагоричане, Марјан Даиловски.

притисни ентер