Од понеделник почнуваат градежни работи во месноста „Цуцка" на излезот од Велес кон Градско

Од понеделник битолската фирма „Стентон Градба" ќе почне со градежни работи кај свлечиштето од ридот Цуцка на излезот од Велес на регионалниот пат од Велес кон Градско.

Блаже Петров од „Стентон Градба" за МИА информира дека веќе е направен договор во врска со исклучување на струјата додека се изведуваат градежните работи заради безбедност на работниците и за ситни градежни пропусти на проектантот како што е изградба на канал помеѓу потпорниот ѕид и пругата.

Од Општина Велес попладнево сопштија дека започнувајќи од понеделник, 24 февруари 2020 година, Друштвото за производство, промет и услуги „Стентон Градба" ДОО с. Долно Оризари – Битола, врз основа на склучен договор со Јавно претпријатие за државни патишта, ќе започне со изведба на градежни активности на местото викано „Цуцка" на регионалниот пат од Велес –Градско во близина на манастирите Св. Ана и Св Димитрија.

Локалната власт овој вреден проект го доби со финансиска подршка на Владата од 62,441 милиони денари а преку ЈПДП.

Од Општина Велес информираат дека за време на градежните работи за санација на свлечиштето (одронот) на регионалниот пат Велес – Градско (транзитен дел низ Велес), сообраќајот ќе биде времено изменет.

Општина Велес апелира до учесниците во сообраќајот, како и до сите жители кои гравитираат кон овој дел од градот, за внимателно управување со моторните возила и движење на пешаците и почитување на поставената вертикална сигнализација (сообраќајни знаци и дополнителни информативни табли)

Инаку, големи одрони на карпи од свлечиштето кај Цуцка на патот Велес – Градско и пругата Велес – Гевгелија се случија пред скоро две години на 13 март 2018 година. /МИА

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер