Запленетиот кокаин во Крушопек, дел од голема количина со крајна дестинација во земјава

Еден килограм запленет кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била нашата земја.

Приведени се четири лица, отворање финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата, истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица, се резултатите од полициската акција во селото Крушопек во скопски Сарај.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на серијата прашања од страна на новинарите на прес-конференцијата не откри за колкава количина дрога станува збор, ниту со кои други полициии соработувале и во кој временски период, а се, како што рече, во интерес на истрагата.

Медиуми од нашата држава, но и од Албанија, Србија, Словенија, Црна Гора излегоа со написи дека вкупно пратката содржела 1,3 тон кокаин, по потекло од Колумбија.

Чулев информира дека кокаинот е пронајден во магацин за овошје – банани на правното лице Банекс компани ДООЕЛ.

Операцијата се спроведувала од 17 до 19 февруари, а Единицата за специјални операции вршела претреси во магацинот на Банекс компани ДООЕЛ, која во 120 наврати извршила увоз на овошје во најголем дел од Колумбија, а во помал обем и од Еквадор.

– Одделот за сузбивање организиран и сериозен организиран криминал, Единицата за недозволена трговија со дрога во период од 17 до 19 февруари 2020 година во координација со јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а во рамките на меѓународна полициска соработка во која беа вклучени повеќе земји реализира акција за недозволена трговија со дрога, при што во скопското село Крушопек беше запленет еден килограм кокаин, кои се само дел од поголема количина, која треба да заврши во нашата држава, рече Чулчев.

Околу девет часот во средата на граничниот премин Ќафасан – Струга е евидентирано товарно моторно возило ивеко влекач и приколка, управувано од 31-годишниот Ј. К,. државјанин на Црна Гора, кој по завршувањето на царинските формалости се упатил во Крушопек. Полицијата по претходно обезбедена судска наредба извршила претрес во магацинот за овојше и во моментот на пристигнувањето на камионот таму бил Ј. Е. (22), син на сопственикот на правното лице, кое е краен примач на стоката, и Р. И. (51), кој бил вработен во магацинот и вршел истовар на робата. Четириесет и седумгодишниот сопственик С. Е. од Скопје во меѓувреме исто така пристигнал во правното лице. Сите тие се лишени од слобода и се во полициска станица, а вчера се изведени пред судија на претходна постапка.

– При извршениот детален претрес во еден од пакетите било пронајдено правоаголно пакување со бела прашеста материја, кое било залепено со зелена лента, рече Чулев и додаде дека во операцијата се одземени мобилни телефони, околу три илјади евра, 700 долари и 188 илјади денари, товарното возило ивеко, заедно со 98 пакети банани, документација, технички уреди, рече Чулев.

Нагласи дека деновиве МВР ќе преземе опсежни мерки за известување на земјите низ кои поминал транспортот, а освен меѓународни активности МВР ќе преземе и активности за останатите физички и правни лица кои евентуално се во корелација со ова правно лице. Тој додаде дека во текот на вчерашниот ден ќе има и финансиска истрага кон правното лице.

Операцијата, повтори Чулев, е меѓународна, но тој не сакаше да споменува конкретни држави што се вклучени во операцијата заради заштита на истрагата.

Некои од медиумите од регионот објавија дека пратка од 124 тони банани била натоварена на мексиканското пристаниште Веракруз, за што биле платени 40.460 американски долари.

Во операцијата, започната пред три месеци, објавуваа медиумите, освен македонската биле вклучени и италијанската и црногорската полиција, како и американската ДЕА.

Камионот со кокаин во Скадар беше пречекан со „почести" и бил испратен до Поградец, објави на својот профил на Фејсбук познатиот новинар од Албанија, Артан Хоџа.

– Камионот со 1,3 тон кокаин со „почести" беше пречекан од царината на Хани и Хотит во Скадар и беше испратена со „почит" до царината во Ќафасан – Поградец, за потоа да бидат уапсени двајца возачи и еден магационер во едно село во Северна Македонија, пишува новинарот Хоџа, коментирајќи ја најновата акција на македонската полиција во село Крушопек.

Дополнително тој како дилема го поставува прашањето дали оваа акција личи на онаа со контејнерот кога во Маминас, близу Драч, во март 2018 година беа запленети 613 килограми кокаин и кога беа уапсени двајца возачи и еден работник во магацин за банани.

Најмалку тројца приведени досега од полициската акција во Крушопек, Сарај, за заплена на 1,3 тон кокаин, објави новинарката на албанскиот „Топ ченел", Анила Хоџа, која ексклузивно обезбеди фотографија од камионот со кој се превезувале банани, а влегол во Црна Гора, за потоа да премине преку царинската испостава Ќафасан за Македонија.

Во оваа добро организирана акција, објави „Топ ченел", италијанската и албанската полиција биле информирани за товарот, а во полициската акција во Крушопек учествувала и албанската управа против организираниот криминал.

– Првите информации велат дека кокаинот првично дошол од САД во Бар (Црна Гора), а требало да пристигне во Копер (Словенија). Од засега непознати причини дестинацијата е сменета и кокаинот завршил во Крушопек. „Топ ченел" дознава дека кога влегол во Албанија, полицијата набљудувала, доколку кокаинот би се растоварил во Албанија. Камионот бил со македонски регистарски таблички, додека во Албанија не запрел, објави овој медиум./MИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер