Министерство за правда: Судиите и обвинителите, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се сега на потег

Во изминатиот период Министерството за правда интензивно работеше на отстранување на сите законски и системски пречки на патот на правдата преку усогласување на законите со европската регулатива. 

Денеска, можеме со сигурност да кажеме дека имаме закони со европски стандарди со чија доследна имплементација, правосудството може да си го врати угледот и довербата во јавноста, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Остварувањето на заложбите за правда, велат оттаму, почнуваат со создавање на законска рамка, но за нивен успех неопходна е имплементација на тие закони и интегритет на оние кои ги имплементираат, а тоа се судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и сите вработени во правосудството.

Во градењето на законската рамка, Министерството за правда тргна од Стратегијата за реформи на правосудството донесена во 2017 година. Досега, донесени се десетина закони кои создаваат солидна правна основа, меѓу кои најзначајни се Законот за јавното обвинителство, Законот за Судскиот совет и Законот за управување со движењето на предметите во судовите, како и измените и дополнувањата на Законот за Советот на јавните обвинители и Законот за судови.

-Создадовме можност за независна, ефикасна, транспарентна и професионална работа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и ефикасни постапки за одговорност на судии и јавни обвинители за нестручно и несовесно вршење на работата. Ги заостривме критериумите за избор на судии и јавни обвинители. Обезбедивме основи за квалитетот и ефикасноста на судиите да се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки. Предвидовме и постапка за одговорност на член на Судскиот совет, се потенцира во соопштението.

Со новодонесениот Закон за јавното обвинителство, сметаат од Министерството за правда, се овозможува продолжување на сите започнати постапки, воведување гаранции за независноста на јавното обвинителство и зголемена ефикасност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-Создадовме гаранција за спречување на манипулацијата со АКМИС системот кој во минатото се злоупотребуваше за избор на подобни судии кои ќе работат на конкретни предмети. Со новиот Закон за управување со движењето на предметите во судовите и Законот за судовите предвидовме основ за разрешување на судии и претседател на суд ако предметите не се доделуваат по случаен избор преку АКМИС. Создадовме правен основ и за сличен систем за распределба на предмети по случаен избор и во рамки на Јавното обвинителство. Тргнувајќи од сето ова, очекуваме сите институции во рамки на правосудството да ја имаат предвид својата улога во градењето на систем на владеење на правото, почитување на човековите права и напредувањето на патот на евроинтеграцијата. Судиите и обвинителите, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се сега на потег, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму информираат дека ги поддржуваат граѓаните во нивните барања за враќање на довербата во правосудството, но заради почитување на принципите на немешање во судската власт, министерката за правда нема да учествува на денешниот марш за правдата.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер