Несреќата во која нема преживеани се случила само две минути по полетувањето од аеродромот „Имам Хомеини“, и неколку часови откако Иран лансираше ракетни напади врз цели на САД. Сепак, според првичните информации, како причина за падот се води технички проблем со еден од моторите, а иранските и украинските власти веднаш ги отфрлија шпекулациите дека станува збор за можен терористички напад. Украинскиот претседател Зеленски пак, на социјалните мрежи напиша дека ќе ги истражат сите можни верзии за несреќата.
„Дадов насоки на јавниот обвинител да отвори кривична постапка за несреќата во Техеран. Ќе биде формирана и истражувачка комисија со претставници на цивилното воздухопловство. Мораме да ги истражиме сите можни верзии“, вели Володимир Зеленски.
Иранските медиуми објавија и аматерски снимки, на кои може да се забележи дека авионот уште пред падот е во пламен, уште по страшни се апокалиптичните сцени од местото на несреќата.
Со пораки за сочувство, но и повик за целосна истрага во врска со несреќата, се огласија и од Европската комисија. Од таму порачаа дека потребно е да се истражат сите детали кои довеле до падот на авионот.
„Ви сакала да го изразам моето најдлабоко сочувство до сите кои загубија сакани во падот на украинскиот авион утринава. Во овој момент работа на авионските безбедносни експерти е да ги истражат причините за несреќата и да дадат одговори за оваа ужасна трагедија.“, вели Урсула вон Дер Лејен, Претседателка на Европска Комисија.
Украинските власти објавија дека најголемиот дел од патниците во авионот чија дестинација бил Киев, биле Иранци и Канаѓани, за кои Киев бил само транзит до други држави.
82- Иранци
63 – Канаѓани
11 – Украинци
10 – Швеѓани
4 – Авганистанци
3 – Германци
3 – Британци
Според меѓународните правила, Иран има рок од 30 дена да достави прелиминарен извештај со основните факти за несреќата.